Конференцијата „Зелените доаѓаат 2020“ во организација на ЗЕЛЕН ЦИВИЛ (организациска единица на ЦИВИЛ) и во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, ќе се одржи во четврток, на 19 ноември во хотел Парк Резиденс (зад фудбалскиот стадион) со почеток во 12 часот.
На конференцијата ќе говори Марион Краске од Фондацијата Хајнрих Бел, директорка на регионалната канцеларија за БиХ, Северна Македонија и Албанија. Понатаму, говорнички и говорници се: Роберт Алаѓозовски, Национален координатор за интеркултурализам, Џељо Хоџиќ од Агенцијата за остварување на правата на заедниците, проф. Мирјана Најчевска, како и претставници на други владини ресори, локалната самоуправа, невладиниот сектор и бизнис заедницата. На конференцијата ќе говорат и претставници на ЦИВИЛ.
Конференцијата ги опфаќа темите во областите на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, со посебен осврт на меѓусебната поврзаност и неделивост на овие области. Конференцијата е завршен настан на проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува со долгогодишните партнери на ЦИВИЛ, Фондацијата Хајнрих Бел.
Во согласност со мерките за заштита од Ковид-19, конференцијата ќе се одржи онлајн, со минимално физичко присуство на организацискиот тим и дел од клучните говорници.
Онлајн учеството е обезбедено преку апликацијата Зум, со претходно пополнување формулар за учество со основни податоци за заинтересираните учесници. Физичко присуство не се препорачува.
Конференцијата ќе се пренесува во живо на Фејсбук страницата на ЗЕЛЕН ЦИВИЛ, а медиумите можат да преземат видео, фотографија и текстуална содржина според лиценцата Creative Commons License 4.0.
Пријавите за учество на конференцијата се прифаќаат до 19 ноември, 11:30 часот.
ЦИВИЛ Тим за комуникации