Шар Планина треба да стане национален парк и на тој начин да се заштити нејзиниот биодиверзитет, убавини и особености. Ова е препораката од Министерството за животна средина до јавноста и жителите на општините кои гравитираат во овој предел, што уште еднаш беше повторена на јавната расправа, што денеска се одржа онлајн преку платформата ZOOM, заради актуелните ограничувања поради пандемијата на Ковид.
На расправата, покрај претставници на државните и локалните институции и експерти, учествуваа и преставници на населението, на ловечките здруженија и еко активисти. Беа објаснети границите на предложениот национален парк, а едно од најзначајните прашања за кои јавноста побара одговори е статусот на малите хидроцентрали. Како што предвидува законот за прогласување на Шара за Национален парк II категорија, доколку ХЕЦ се наоѓа во зоната за одржливо користење ќе може да продолжи да функционира со одредени мерки за заштита на природата.
Оние, пак, кои влегуваат во зоната за активно управување ќе мора да имаат заштитен појас преку кој ќе се амортизира влијанието на околината. Тоа ќе важи и за хидросистемот „Шарски води“, кој делумно минува во зоната за активно управување. На расправата беше посочено дека на населението од селата кои гравитираат во близина на зоната за активно управување, со прогласувањето на национален парк нема да му биде забрането да се движи во околината, ниту пак да располага со своите имоти.
Од невладината организација „Еко-свест“ посочија дека во законот недостасуваат заштитни појаси за МХЕ Габровска 104 и МХЕ Одранска 105, во Студијата за валоризација е нагласена потребата тие да постојат, но наведено е дека нема доволно податоци за да се воспостават.
„Сметаме дека сите зони што се идентификувани како потребни во студијата треба да се вклучат во првата верзија на законот за да не се оставаат отворени прашања, што веќе знаеме дека постојат. Препорачуваме уште во периодот за консултации да се преземат активности за да се соберат потребните податоци за овие заштитни појаси и истите да се вклучат во законот пред тој да влезе во собраниска процедура“, посочија од „Еко-свест“.
Донесувањето на законот за прогласување на Шара за национален парк, според Студијата за валоризација ќе овозможи одржливо користење на природните ресурси и зачувување на изворноста на подрачјето. Документот предвидува дека потребите на населението ќе бидат долгорочно задоволени согласно со потребите на природата, подрачјето ќе се промовира како туристичка дестинација и ќе се поттикнува традиционалното сточарење и земјоделство.
Министерот Насер Нуредини посочи дека предлогот за прогласувањето на дел од Шар Планина нема да има негативни последици за жителите. „Многу е важно да се заштити Шар Планина, природата да се чува на одржлив начин и таква да им се остави во наследство на нашите деца. Истовремено, заштитата ќе овозможи да се развива зелената економија, бидејќи многу е важно на кој начин ќе го избереме за да ја менаџираме Шар Планина“, рече Нуредини.
Од министерството посочуваат дека прогласувањето на Шар Планина за национален парк нема да значи забранување на некои активности туку ќе значи можност за нови преку воведување на ред и обезбедување на одржливо управување и заштита на природното богатство и подобрување на животот на сегашните и идните генерации. Од министерството нагласуваат дека статусот национален парк ќе значи заштита на огромното природно богатство кое опфаќа 1.260 видови растенија од кои 32 се ендемични., на богатиот животински свет меѓу кои спаѓаат и кафеавата мечка, дивата коза, рисот и волкот. Шар Планина е трета по ред на Балканот по бројот на глацијални езера, вкупно 30, од кои 21 се постојани.
„Шар Планина обезбедува дом за над 20.000 луѓе само на планината, чиј живот зависи и од квалитетот на животната средина околу нив. Прогласување на едно подрачје за национален парк не значи забрана за секакви човечки активности. Напротив, подразбира признавање на постоењето на единствено природно богатство во одреден регион и давање можност и начин за негово зачувување, притоа почитувајќи ги правата на жителите на тој регион, но и нивните обврски за паметно искористување на природните богатства на планината, со цел зачувување за идните генерации“, посочуваат од министерството.
Националните паркови, додаваат, се привлечни и за странски инвестиции и донации, кои даваат финансиска поддршка за зачувување на природата но и за зачувување на традиционалните вредности во ваквите подрачја. На овој начин на општините поврзани со идниот национален парк им се отвара пристап до нови фондови и извори на финансирање. Националниот парк ќе значи и заштита од нелегалната сеча на шумите, од ерозија и поплави, но и развој на традиционалното сточарство, земјоделство и други активности со кои ќе се зајакнува брендот Шара./МЕТА