Премиерот Зоран Заев и министерот за економија Крешник Бектеши најавија можност за целосна или делумна приватизација на Попова Шапка. Тие се убедени дека ова ќе ги донесе очекуваните резултати. Од движењето „Да ја спасиме Попова Шапка“ за Порталб.мк изјавија дека ја поздравуваат иницијативата, сепак, бараат целосна транспарентност во овој процес за, како што велат: „ЕЛЕМ 2 да не се инсталира намерно или ненамерно“. Зимата се ближи, а во отсуство на вештачки снег, Попова Шапка повторно е под опасност од неуспешна сезона, пишува Порталб.мк.
Министерот за економија Крешник Бектеши, на прес-конференција вчера истакна дека ова прашање е завршена работа, бидејќи според него, за целосна или за делумна приватизација на Попова Шапка е решено пред корона кризата.
Бектеши информираше дека во текот на следната година ќе биде објавен повикот за давање на Попова Шапка под јавно приватно партнерство или на целосна продажба на приватна компанија.
„Пред кризата веќе ги завршивме подготовките и физибилити студијата за Попова Шапка, како и за сите туристички капацитети што се под управа на „Елем Турс“. Ѝ понудивме на Владата на Косово заеднички да дејствуваме во развој на Попова Шапка. Чекаме одговор, во спротивно сме подготвени во секој случај и во текот на следната година да објавиме јавни повици за давање на Попова Шапка како туристички центар, со целосна приватизација на овој центар или преку јавно-приватно партнерство. Освен со ски центарот, „Елем Турс“ управува и со неколку хотелски капацитети. Според студијата, хотелските капацитети ќе одат со директна приватизација“, истакна Бектеши.
„Очекуваме, со влезот на приватен капитал, да ги зголемиме перформансите во нивното работење и ова може да биде 100 отсто приватно, може да биде јавно-приватно партнерство, државата да задржи еден дел, а останатиот дел да се даде под концесија и слично. Станува збор за неефикасни ресурси кои се во рацете на државата и треба да бидат ставени во функција“, изјави Зоран Заев.
Што велат „спасителите“ на Попова Шапка за ова?
Арменд Лута од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ ја поздрави веста дека Владата ќе ги преземе надлежностите од компанијата „Елем Турс“ бидејќи, како што истакна, оваа иницијатива постојано го барала токму ова, поради тоталниот неуспех на оваа компанија во управувањето со Попова Шапка.
„Како иницијатива за зачувување на Попова Шапка, уште од основањето постојано баравме од централните власти што е можно поскоро компанијата „ЕЛЕМ Турс“ да биде лишена од правото да управува со овој туристички центар. Постојат многу причини што резултираа со целосен неуспех на центарот и со големи загуби секоја година. Ние постојано ги истакнувавме овие факти и преку медиумите, со цел да на некој начин го пренесеме нашиот глас до граѓаните и да извршиме притисок врз надлежните за овој проблем. Од друга страна, неодамнешните вести на Владата за одземање на надлежностите од компанијата „ЕЛЕМ Турс“ на почетокот изгледаа позитивни и за поздравување, но ние како иницијатива, имајќи ја предвид претходната практика, гледаме на оваа одлука со резерва и се сомневаме во одвивањето на процедурите за концесија или за јавно приватно партнерство“, рече Арменд Лута од иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“.
Во меѓувреме, во врска со целосната или делумната приватизација на Попова Шапка, тие бараат оваа постапка да биде целосно транспарентна и идниот инвеститор да има најмалку 20 години искуство во оваа област. Лута ја истакна важноста на горенаведеното бидејќи според него постои опасност од сценарио „ЕЛЕМ 2“.
„Нашата позиција е кратка и јасна: идниот инвеститор мора да биде сериозен и да има најмалку 20 години искуство и позитивна референца во управувањето со други слични центри кои се покажале успешни во туризмот и во економскиот развој на земјата. Нема да дозволиме Попова Шапка да стане игра на политичко договарање меѓу партиите и во ниту еден момент нема да дозволиме инсталирање на нов „ЕЛЕМ“ што ќе продолжи со уништување на туристичкиот центар. Затоа, ќе побараме од надлежните органи да ги објават сите детали во врска со условите и начинот на договорот што ќе се реализира со новиот изведувач, со цел да се следат сите дејствија и во Попова Шапка да не се инсталира нов уништувач“, додаде Лута.
Дали одговара целосна или делумна приватизација на бизнисите во Попова Шапка?
Александар Кузмановски од Здружението на хотелиери во Северна Македонија го опиша последното како добра идеја. Тој истакна дека сега е време неискористениот потенцијал на Попова Шапка да биде ставен во функција.
„Сметаме дека е тоа добра идеја. Во основа, секоја идеја што содржи нови можности е добра. Не слушнавме како ќе се продава Попова Шапка, сепак како решение сметаме дека е добро, затоа што таму со години не се случува ништо, многу работни места се изгубени. Попова Шапка има потенцијал што заслужува да се искористи“, рече Кузмановски.
Еден од сопствениците кој за време на зимската сезона изнајмува вили во Попова Шапка, а кого го најдовме преку реклама на „Фејсбук“, за Порталб рече дека тие ја изгубиле вербата во управувањето на државата со овој центар и затоа секој странски инвеститор е добредојден. „Ја изгубивме надежта и довербата дека државата може да инвестира или да стори нешто за доброто на Попова Шапка. Понекогаш се чини болно ако продаваме нешто наше, но сепак, е многу подобро странец да управува подобро одошто некој наш и да уништува“, рече тој.
Зошто пропадна минатата зимска сезона и дали се очекува слично сценарио?
Една од главните причини што туристичката сезона во Попова Шапка пропадна минатата зима беше токму недостигот на снег, и немајќи друга алтернатива, како што е вештачки снег, многу бизниси кои работеа во овој туристички центар беа принудени да ги затворат своите деловни објекти.
Поранешниот директор на Попова Шапка, Петре Димитриевски, во 2014 година за Порталб.мк, вети дека во ноември истата година, Попова Шапка ќе биде опремен со вештачки снег. Ова е ветено многу пати, а од 2014 година, кога е изградено вештачкото езеро, не е преземен ниту еден чекор за да се стави во функција.
„Вештачки снег ќе има годинава, минатата година започнавме со изградба на вештачкото езеро, езерото е подготвено околу 50 проценти, се надеваме дека оваа година ќе биде комплетно завршено. И вештачки снег ќе имаме оваа година, почнувајќи од ноември“, изјави Димитриевски, на 27.02.2014 година.
Ветувањата од 2014 година за ова прашање се разликуваат многу малку од ветувањата годинава.
Бектеши, министерот за економија, запрашан од новинарот на Порталб.мк за тоа кога ќе има вештачки снег Попова Шапка, не даде рокови, но ја посочи цената.
„Во Студијата е предвидено да се направи вештачки снег, во моментов избираме кој модел од оваа Студија ќе го спроведеме како Влада. Повеќе сум на ставот дека треба да одиме на јавно приватно партнерство. Вештачкиот снег ќе чини околу 2 милиона евра“, рече Бектеши.
Инаку, најголемиот зимски туристички центар во земјава, Маврово, од 2018 година располага со опрема за вештачки снег. Истата чини 700.000 евра за овој центар, а средствата се независна инвестиција на ски центарот „Маврово“./МЕТА