Поранешната депонија Вардариште, која и денеска е горлива еколошка точка за граѓаните на општините Аеродром и Гази Баба, ги скара скопскиот градоначалник Петре Шилегов со опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ. Власта и опозицијата се караат, а на терен може да се забележи секојдневно фрлање на ѓубре на целиот потег од Вардариште кон Јурумлери и останатите населби на излезот од Скопје, каде коритото на реката Вардар е преполнето со десетици диви депонии.
Скопскиот градоначалник Петре Шилегов завчера изјави дека Вардариште генерира смрдеа и загадување во населбите Ново Лисиче и Лисиче, посочувајќи дека за целосна санација на локацијата се потребни 26 милиони евра.
– Тој проблем е за жал 30-40 години и никогаш не бил решен системски, никогаш не се работел тој проблем и таму има сериозен распад на отпад кој што како смрдеа излегува во атмосферата. Ние ја направивме целата студија, 26 милиони евра би чинела санацијата на Вардариште. Јас разговарав и со министерот за животна средина, и во пристапните преговори во кои што ќе влеземе една од најважните компоненти е здравата животна средина, ќе имаме достапност и до европските фондови за проектот кој што градот го изготви, кој што не е импровизација туку е сериозно и дефинитивно решавање на проблемот – изјави градоначалникот Шилегов.
Од oпозициската ВМРО-ДПМНЕ пак тврдат дека депонијата Вардариште е направена од Град Скопје и со години го труе народот. Тврдат дека Шилегов три години ветувал решавање на проблемот со Вардариште, како и дека на локацијата се гори секаков отпад, а тоа го дишат граѓаните на Гази Баба и Аеродром. Опозицијата организираше и протест изминативе денови против депонијата во Вардариште.
И додека власта и опозицијата се препукуваат, а граѓаните јавно негодуваат на социјалните мрежи за загадувањето на воздухот и на целокупната животна средина, бројни камиони, комбиња, трактори и друга механизација преку железничкиот мост во Горно Лисиче секојдневно пренесуваат секаков вид на отпад, којшто го истураат на потегот од Вардариште кон Трубарево и Јурумлери во и околу коритото на реката Вардар. На целиот овој потег на излезот на Скопје, околу локацијата каде што треба да се гради пречистителната станица за отпадни води, создадени се десетина диви депонии кои безмилосно се трупаат со отпад од несовесни граѓани.
На излезот од Скопје, долж течението на Вардар, можат да се најдат купишта на градежен отпад, лешеви од животни, бела техника, стара облека и бројни други отпадоци, кои ја загадуваат почвата и водите на реката Вардар. Дивите депонии што неконтролирано се создаваат, дел од несовесните граѓани потоа ги палат, што доведува до аерозагадување коешто најмногу ги погодува жителите на Лисиче и Ново Лисиче.