Уште неколку важни активности треба да се спроведат, како би можело во 2021 година да отпочне постапката за изградба на првата современа регионална депонија во земјава за Источниот и Североисточниот плански регион. Првиот чекор што треба да се комплетира од сите општини во овие два региона е општинските совети да ја донесат одлуката за формирање на Јавното Меѓу-регионално претпријатие за управување со отпадот, со назив „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“ и со седиште во Општина Свети Николе.
Претходно, советите на сите општини донесоа одлука за укинување на двете претпријатија „Депонија исток“ и „Еко зона“, коишто првично беа формирани како меѓуопштински јавни претпријатија за регионално управување со отпад за секој регион поодделно. Воедно, по ова, градоначалниците од сите општини ја донесоа одлуката за основање на ново заедничко јавно претпријатие во двата региона, но последниот филтер низ кој таа мора да помине се општинските совети.
„Поднесена е ревидирана ИПА Апликација за избор на компанија кој ќе го гради регионалниот центар (депонија и претоварни станици) до ЕУ Делегација на 18.08.2020 година и истата е доставена во Брисел на одобрување. Ревидирано тендерско досие се очекува да се достави до март 2021 година, а Договорот со најповолниот понудувач да се потпише во октомври 2021 година, со што ќе започне всушност и изградбата. Услов од Брисел е да се воспостави претпријатието бидејќи всушност тоа е крајниот корисник“, информира за „Мета.мк“ Живка Михајлова, Раководител на Стручната служба на Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад во Источен плански регион и Раководител на Одделение за инспекциски работи во Општина Пробиштип.
Проектот за целокупниот систем за регионално управување со отпад е финансиран со неповратни средства од Европската Унија во износ од околу 40 милиони евра. Досега е завршена целосно постапката за избор на компании што ќе вршат чистење и затворање на дивите депонии во двата региона, за што се избрани по една компанија што ќе работи во Источниот и Североисточниот плански регион.
„Во моментов тече постапка за избор на компанија која ќе го врши надзорот над работите и по завршување на постапката ќе започнат да се изведуваат работите на терен (почетокот на 2021 година)“, информира Живка Михајлова.
Како што дополнува таа, веќе е завршена набавката и доставувањето на нови модерни возила за собирање и транспорт на отпад за сите општини во Источен и Североисточен регион. Избран е и најповолен понудувач за набавка на 3.923 контејнери за сите 18 општини, кои ќе се користат за да се депонира на отпадот, но и за негова селекција.
Инаку, регионалната депонија за двата региона ќе се гради во близина на селото Мечкуевци, општина Свети Николе. Покрај локацијата во близина на Мечкуевци, регионалниот систем би се состоел од шест претоварни станици за отпад во Берово, Македонска Каменица, Кочани, Штип, Ранковце и Куманово. Во овие шест општини би имало и мали постројки за компостирање на градинарскиот отпад, а на овие локации би се собирал мешаниот и посебен отпад, како што е градежниот шут, металните предмети, комуналниот опасен отпад (бои, лекови, средства за чистење) и кабастиот отпад (душеци, мебел, теписи итн).
Главната цел на ваквиот систем е селекцијата на отпадот да почнува од самите домаќинства и компании, да продолжува во рамките на претоварните станици, додека во идните погони во близина на Мечкуевци да се врши секундарна селекција и рециклирање на отпадот. Единствено оној отпад што не би можел да се рециклира се очекува да заврши во идната регионална депонија, која што би опслужувала околу 370.000 жители и би имала вкупен капацитет од 900.000 метри кубни отпад.
Капиталниот проект би го решил и проблемот со дивите депонии во двата региона, ќе го зголеми капацитетот за собирање на отпадот од сите домаќинства и компании во овој дел од земјава, а крајната цел е зачувување на животната средина. „Мета.мк“ на оваа тема веќе пишуваше опширна сторија. / МЕТА