Централната лабораторија за животна средина на Министерството за животна средина и годинава нема да биде акредитирана за мерење на загадувањето на воздухот. Во моментов во тек е процесот за акредитација на државната лабораторија, но само за проверка за шест методи за вода и една за бучава. Иако загадувањето на воздухот е еколошки проблем број еден во неколку градови во земјата, особено во зимскиот период од годината, а голем дел од индустриските капацитети и покрај тоа што поседуваат интегрирани дозволи многу често си дозволуваат да ги надминуваат емисиите во воздухот, сепак, проверките на овие концентрации и понатаму ќе се вршат во приватни лаборатории, а не во таа на министерството.
Апликацијата за акредитација на методите за проверка на водата и бучавата Министерството за животна средина веќе ја доставила до Институтот за акредитација на Македонија. Од оваа институција за „Мета“ велат дека процесот ќе продолжи во континуитет и во иднина и дека лабораторијата ќе се акредитира и за методи за проверка на воздухот.
„Централната лабораторија за животна средина го започна процесот за имплементација на Системот за квалитет кој го предвидува стандардот за акредитирана лабораторија ИСО 17025 и достави апликација до Институтот за акредитација на Република Северна Македонија за проверка за шест методи за вода и една за бучава. Акредитација на методи за квалитет на воздух се планират во наредните фази, а во Буџетот за годинава планирани се средства за набавка на инструмент за мерење на емисии од стационарни извори. Покрај тоа во буџетот предвидени се два милиони денари за завршување на процесот на акредитација и дополнителни 100.000 денари за редовни обуки на вработени што ги предвидува стандардот ИСО 17025“, информираат од министерството.
Конечната акредитација на методите на лабораторијата, посочуваат од таму, зависи од тоа колку долго ќе трае процесот на надминување на неусогласеностите во документацијата, пред сè од прифаќањето на предлогот на Планот од страна на Институтот, кој треба најдолго за две недели да се произнесе по предлог решенијата, како и од времето на реализација на решенијата по прифаќање на Планот, за што лабораторијата, според Институтот за акредитација има рок од најмногу три месеци.
„Проверка од страна на проценувачи на Институтот е направена на 18 јануари годинава и генерално документацијата за акредитација е во ред. Постојат некои забелешки по кои лабораторијата има рок од неколку денови да изработи предлог на план за усогласување по забелешките“, велат во Министерството.
Акредитацијата на државната лабораторија за методи на мерење на загадувањето на воздухот беше опфатена и во еден од амандманите на буџетот за годинава, кои во Собранието го поднесоа еколошките активисти од О2 Иницијатива. Амандманот за акредитирање на Централната лабораторија за мерење на концентрации на ПМ честички, беше еден од трите кои беа усвоени и за него беа предвидени два милиони денари во буџетот. Екологистите се изненадени што сумата е пренаменета за акредитација за методи за вода и бучава, што за нив е уште еден сигнал дека институциите не се сериозни во пристапот кон проблемот со загадувањето на воздухот.
„Целта на амандманот беше да се поттикне и забрза процесот на акредитација на државната лабораторија за мерења на квалитетот на воздухот, што многу ќе помогне во работењето на Државниот инспекторат за животна средина. Далеку од тоа дека сме против лабораторијата да се акредитира и за методи за вода и бучава, напротив, само се прашуваме зошто средствата не се користат за намената за која беа побарани“, посочуват од О2 иницијатива.
Поради тоа што лабораторијата не е акредитирана, иако постои уште од осумдесетите години на минатиот век, а во составот на Министерството се наоѓа уште од неговото основање во 1995 година, нејзините мерења на разни параметри на загадувањето досега не можеа да се сметаат за цврст доказ посебно во судските постапки против загадувачите и таа досега не беше во функција на инспекцијата за животна средина. Загадувачите до денес се контролирани само преку приватни лаборатории, а државата е без независен инструмент со кој ќе спречи евентуални злоупотреби во процесот на мониторирање на загадувањето. Во овој период инспекторите за животна средина ги носеа мострите на испитување во приватните лаборатории, кои ги имаа акредитирано методите за испитување на аерозагадувањето. Поради тоа што овие лаборатории честопати беа ангажирани и од самите компании, еколошките здруженија и стручната јавност укажуваа на можен судир на интереси и пристрасност во утврдувањето на фактичката состојба со мерењата на аерозагадувањето.
Пред една година министерот за животна средина Насер Нуредини за „Мета“ потврди дека започнува процесот за акредитирање на државната лабораторија, а јавноста очекуваше тоа прво да се направи за методите за испитување на квалитеторт на воздухот. Во март лани Министерството за животна средина потпиша договор со Еуромак-контрол ДОО Скопје за подготовка на документација за започнување на процесот за акредитација на Централната лабораторија. Фирмата имаше обврска во рок од пет месеци да ја изготви потребната документација за аплицирање во Институтот за акредитација на Македонија.
Пред почетокот на процесот на акредитација, лабораторијата на Министерството, која е сместена во скопска Железарница, заради лошата состојба во која се наоѓаа просториите, мораше да биде реконструирана и адаптирана, а во меѓувреме се доопремуваа и апаратурата и инструментите.