На 19-ти февруари, во кругот на ОХИС, се изврши утовар на опасен хемиски отпад, односно, 4,6 тони иницијатори, хемикалии со познат состав, и 5,2 тони хемикалии со непознат состав во камиони што ги исполнуваат соодветните услови за транспорт на опасен отпад, со што продолжи чистењето на една од жешките еколошки точки во државата, соопштуваат од Државниот инспекторат за животна средина.
Од инспекторатот појаснуваат дека за оваа активност беа известени сите компании што вршат дејност, така што, во текот на утоварот беше воспоставен посебен режим и забрани за движење на лица и возила во кругот на ОХИС.
По утоварот се изврши царинската постапка за извоз и отпадот се упати кон постројката за уништување во Франција.
Државниот инспекторат за животна средина констатираше дека постапката на отстранување на отпадните хемикалии во кругот на ОХИС АД во стечај беше успешно завршена.