„Тетово веќе три дена има проблеми со водоснабдувањето и овој проблем нема скоро да се реши, според она што го кажуваат надлежните од тетовски Водовод бидејќи свлечиште ги уништило главните цевки за довод на вода од месноста Лешница во срцето на Шар Планина. Можеби ќе поминат и неколку седмици додека се отклони дефектот, бидејќи се случил на тешко пристапен терен, длабоко во пазувите на планината“, се вели во рекацијата на Зелен фронт против малите хидроцентрали од Тетово.
„За жал, се случува она на што Зелен Фронт против малите хидроцентрали уште лани предупредуваше, а тоа е дека уништувањето на природата за профит кога-тогаш ќе им се одмазди на луѓето. Изградбата на неколку мали хидроцентрали на шарските бистри реки не само што трајно ги уништува самите реки и живиот свет во нив, не само што го загрозува водоснабдувањето на луѓето од шарските села, туку, еве и на Тетово му испраќа предупредување кое вели: СТОП за изградба на мали хидроцентали на шарските реки, СТОП за хидроцентралата на Лешница!
За само неколку месеци природата неколкупати ги опоменува Тетовчани и надлежните дека посегањето по реката Пена и нејзините притоки, нивното заробување во цевки, бетонирањето и преградувањето на нивните корита за изградба на мали хидроцентрали носи корист за малкумина, а штети за сите останати, вклучувајќи ја и самата природа. Во септември 2020 поради заматување на водата кај каптажата Лешница, предизвикано од копање во самото корито за изградба на хидроцентрала, Тетово имаше отежнато снабдување, во јануари годинава повторно се заматија лешничките води на Пена и повторно тој крак од тетовскиот водовод беше исклучен од системот, за по само еден месец природата да ја испрати и третата опомена.
Државниот Инспекторат за животна средина лани утврди дека изворот за водоснабдување на Тетово во месноста Лешница Е НЕЗАШТИТЕН бидејќи нема определено заштитни зони, како што налагаат законите, а државата дозволува ГРАДИЛИШТЕ СРЕДЕ ПЕНА. Малата хидроцентрала која се гради среде реката, на Лешница, не е само рана врз планината, која никогаш нема да се залекува, туку е вистинска опасност и за луѓето на тетовскиот крај и на шарпланинските села и на скапоцентата лешничка шума и живиот свет на Шар планина!
Тетовчани, време е да ги свртите погледите кон иднината над вашиот град и да прашате: кој, во Ваше име, дозволува штетни проекти, кои Вас ве загрозуваат, а природата засекогаш ја уништуваат за профит и полза на неколку луѓе?“, се вели во рекацијата.