Граѓаните на Тетово, веќе една недела немаат доволно вода за пиење. Во одредени денови вода низ чешмите не течела по цел ден, а некои денови само по неколку часа, односно со рестрикции.
Од локалното Јавно Комунално Претпријатие потврдуваат дека проблемот е горе во Лешница, каде земјиштето се лизнало и како последица, се расипала главната водоводна мрежа.
Директорот Џелал Цека вели дека е интервенирано од првиот ден, но лошите теренски услови вели дека се причина за времетраењето на работата. Тој ветува дека од утре граѓаните ќе имаат вода со полн капацитет. “Поради лизгање на земјиштето, главната цевка е поместена и од тој извор водата е прекината.“
Ние интервениравме со алтернативни извори во градот, бараме разбирање од населението и се обидовме со рестрикции да создадеме услови сите да имаат вода во одредени периоди. Таму теренот е многу опасен, постоеше опасност и за работниците на кои им се заблагодарувам што и самите ризикувале да го поправат дефектот. При крај сме и за утре планираме да ја пуштиме во употреба водата од Лешница”, изјави Цека.
Додека градот се соочуваше со рестрикции многу граѓани се сомневаа во квалитетот на водата. Тие се жалеа дека низ чешми им тече вода со жолта боја, за која се претпоставуваше дека е последица на мешање со земјиштето. Но, Цека тврди дека водата која стига до граѓаните е безбедна и дека за тоа побарале мислење од Институтот за јавно здравје, од каде потврдиле дека нема опасни или отровни материи.
Граѓаните обвинуваат дека проблемот се повторува неколку години по ред, а активистите за животна средина обвинуваат за неодговорно работење на локалната власт. Според активистот Аријанит Џафери, виновни се и малите хидроцентрали кои, според него, предизвикуваат лизгање на земјиштето.
-Веќе се навршува една недела откако градот под Шара нема вода за пиење. Според сегашните информации расипана е главната водоводна цевка во Лешница, а лизгањето на земјиштето што го предизвика дефектот е последица на многуте хидроцентрали кои се градени таму”, изјави Џафери.
Арбен Зеќири