„Секој ден е добар за одбележување на грижата за животната средина. Или, како што велиме ние во ЦИВИЛ: Сите временски услови се добри за активизам“, истакна Џабир Дерала од ЦИВИЛ на одбележувањето на 21 Март – Денот на екологијата, во Општна Гостивар.
Гостиварската локална самоуправа ги промовираше десетмината членови на екопатрола и новиот апарат со кој ќе се мери квалитетот на воздухот. Мерната станица е прва од ваков вид во Македонија и според ЕУ стандардите.
Одделението за заштита на животната средина и природата, кое во рамки на Општина Гостивар, во салата на Советот на општината пред активисти, претставници на институции и невладини организации и граѓани претстави новитетите кои, како што беше кажано ќе придонесат за подобрување на животната средина и да се намали загадувањето. Многу важен дел од заложбите на општината за обезбедување на здрава средина, како што беше истакнато ќе бидат новиот уред и екопатролата.
Еко-патролата, која сега брои десет лица, членови на локалните еколошки друштва наскоро ќе биде дел од работата на Општината.
„Ќе најдеме начин во иднина оваа екопатрола да ја институционализираме во рамки на владините проекти од каде најавија формирање на еко-полиција и ние сега се подготвуваме за тоа“, рече Зуди Џелили раководител на Одделот за екологија при општина Гостивар.
На примопредавањето на уредот за мерење на квалитетот на воздух од компанијата „Информ” од Скопје беше кажано дека наредниве две до три недели ќе се тестира неговата функционалност. Претставникот потенцираше дека Гостивар е првиот град во земјава што набавува.
„Станува збор за мобилна мерна станица која ги исполнува европските стандарди потребни за мерење на загадувањето на воздухот. Тоа мери аерозагадување во реално време и во значителна мера може да открие загадувачи и во кое време и зошто е загаден воздухот на одредена локација. Тоа во иднина ќе ја олесни работата на општинската власт да презема и соодветни мерки“, рече Сашо Рафајловски, од „Информ” од Скопје.
Градоначалникот Арбен Таравари во обраќањето напомена дека целта на одбележувањето на Денот на екологијата е во насока на подигање на свеста кај граѓаните од сите возрасни групи и категории, зачувување на животната средина и природата, како и подигање на нивото за одржување на чистота.
„Годинешниот буџет за делот на екологија е зголемен за пет пати во споредба со претходните години. Направивме многу во однос на заштитата на животната средина и така продолжуваме“, изјави Таравари, градоначалник на Гостивар.
Волонтерите од Еко-патрола ќе бидат обучени од невладината организација „Еко Герила” од Тетово.
„За чиста животна средина треба да бидат вклучени сите, не само институците и невладините организации, туку сите граѓани треба да придонесат за чиста средина“, истакна Аријанит Џафери од „Еко Герила“.
Џабир Дерала од ЦИВИЛ упати порака по повод 21 март, денот на пролетта, шумите и грижата за животната средина.
„21 март, денот на пролетта, паѓа во месец кој е познат по својата непредвидливост, па затоа ќе го прославиме доаѓањето на пролетта со дожд и снег, но важно е да го најдеме сонцето во нашите мисли и така да ја градиме иднината. А иднината е во нашата грижа за животната средина. Со тоа ќе дадеме најдобар придонес кон подобрување на условите во кои ќе живеат генерациите по нас“, истакна Дерала.
Поради врнежите од снег, засадувањето на сто дрва низ градот е одложено за поповолни временски услови. Одбележувањето на 21 март ќе продолжи и утре со работилници во кои ќе се вклучат децата од градинките и првачињата, по што ќе се спроведат акции за чистење на градот.
текст и фотографии: Дехран Муртаов