Над 13.000 тони опасен линдан лежат во малата депонија во ОХИС и четирипати повеќе (над 50.000 тони) во големата, а не се знае уште колку илјадници тони канцерогена хемикалија има во другите две депонии, едната во дворот на некогашната фабрика, а другата надвор од неа, кај локалитетот Пеленица близу Драчево. Опасниот инсектицид веќе пет децении е една од најжешките еколошки локации која постојано му се заканува на Скопје. Несоодветно складиран, само затрупан со земја, без гаранции дека е заграден со бетонски базен, линданот докажано го има во воздухот од Центар дури до Ѓорче Петров, а многу веројатно дека се наоѓа и во почвата и подземните води во широк круг околу ОХИС.
Чистењето на оваа опасна хемикалија е тема која во јавноста и експертските кругови во земјава е вечно актуелна. Од пред речиси две години започнаа и поконкретни активности кои пролетва треба да резултираат со решавање на проблемот со малата депонија. Скопје, според најавите од Министерството за животна средина, во следниот период ќе се ослободи од дел од канцерогениот инсектицид, а конкретно во првите шест до девет месеци, ќе се отстрани дел од депонијата или околу 700 тони на почва контаминирана со HCH, како и чист HCH отпад.
Од Министерството за животна средина велат:
Се работи на обезбедување на сите одобренија и дозволи за работа на терен, како и на Планот за ремедијација. Чистењето на малата депонија треба да започне најдоцна до крајот на месецов.
Оттаму посочуваат дека за нив е клучно, по малата, решавањето на проблемот да продолжи и со големата депонија, до конечна елиминација на HCH отпадот во ОХИС, што би чинело околу 50 милиони евра. Заради тоа, велат, формиран е посебен мулти- партнер Фонд за животна средина, кој ќе биде администриран од UNOPS, а веќе се обезбедени дополнителни средства од Норвешката Влада и предвидени се средства од ИПА 3 програмата.
Чистењето на малата депонија ќе го врши грчката компанија „Полиеко“, која беше избрана на меѓународен тендер во рамките на проектот „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на активности за чистење на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и γ-HCH (линдан) во ОХИС“, одобрен од Глобалниот еколошки фонд (GEF) и имплементиран преку UNIDO. Изборот на компанијата се одолговлечи речиси за една година, со оглед на тоа дека првите најави од министерството беа дека чистењето ќе започне лани во март и дека до крајот на оваа година ќе биде веќе завршено.
„Полиеко“ ќе има обврска за чистење на линданот и третман надвор од државата. Проблем, според професорот Јане Богданов од Институтот по хемија на ПМФ, е што малата депонија во ОХИС, освен линдан, кој е гама изомер на хексхлороциклохексан, содржи и други хемикалии, особено другите изомери на хексахлороциклохексан, кои биле нуспроизводи при индустриското производство на линдан.
„Во вакво отстранување на отпадни хемикалии најголем е ризикот за загадувањето на воздухот. Но, тоа ќе се следи и мониторира за да се избегнат несакани последици по околината и здравјето на луѓето. Треба да се испуштат големи количини за да има негативно влијание и да биде опасен по здравјето. Генерално, проблемот со линданот и другите органохлорни пестициди е тоа што тие се акумулираат во животната средина. Но, линданот во споредба со другите инсектициди и пестициди е повеќе подложен на разградување. Сепак, доколку целата постапка се изведува по предвидените прописи, опасности за населението не може да има“, посочува Богданов.
Линданот е халогенирано органско соединение, исто како и нуспроизводите и има посебни постапки за нивно уништување. Отпадот од малата депонија ќе треба да се собере во посебни контејнери и ќе се транспортира до инценератор за уништување на опасен хемиски отпад во Франција. Во 2009 година, производството и земјоделската употреба на линдан било забрането според Стокхолмската конвенција за перзистентни органски полутанти. Овој инсектицид негативно влијае на нервниот систем, црниот дроб и бубрезите и може да биде канцероген. Сепак, посочува Богданов, тоа зависи од степенот на изложеност и концентрациите.
„Компанијата која е ангажирана за отстранување на линданот и другите хемикалии од малата депонија има искуство со вакви проекти и конкретно со линдан и хексахлороциклохексани. Пред да се започне со работа земени се примероци и направени се хемиски анализи за да се утврди кои други хемикалии покрај линданот се присутни во депонијата. Според хемискиот состав, предвидени се можните сценарија и соодветните методи за отстранување на ваквиот отпад. Ние од Институтот за хемија, со новоформираната лабораторија за хроматографски анализи, формирана со финансиска поддршка од UNOPS, располагаме со инструментација и кадар да помогнеме целиот зафат да се изведе ефикасно и без несакани последици. Исто така, го поздравуваме и поддржуваме целиот проект, бидејќи долгорочно ќе се реши проблемот со перзистентните органски загадувачи (POPs) во Македонија“, вели Богданов.
Аднан Ќахил, некогашен главен инженер во ОХИС и поранешен член на владината работна група за справување со линданот посочува дека инсектицидот во ниту една од четирите депонии не е соодветно одложен и е препуштен на забот на времето.
„Своевремено кога вршевме испитувања на изложеноста на влијанието на линдан на Скопје и неговите граѓани, дојдовме до сознанија дека честички од хемикалијата има во воздухот и во центарот на градот, па дури и до Ѓорче Петров. Исто е и со подземните води, верувам дека влијанието се чувствува во општините Аеродром и Кисела Вода“, посочува Ќахил.
Тој вели дека за чистењето на линданот итно мора да се обезбедат дополнителни финансиски средства и процедурата да се прошири и на другите депонии. Според неговите пресметки зафатот би чинел до 200 милиони евра.
„Проблемот не е само линданот, заедно со него има и други хемикалии. Особено ова важи за третата депонија, која е во дворот на фабриката и во која мислам дека се кријат и други опасности. Секоја органска супстанца, меѓу кои и линданот е опасна по здравјето на луѓето, особено ако се најде во поголема концентрација. Не случајно, пред неколку децении беше забранет извозот на линдан во САД, па ОХИС мораше да најде начин како и каде да ги складира вишокот количини кои им беа вратени. Тогаш решението се најде во закопување на хемикалиите, спакувани во буриња. Исправниот начин ќе беше ако тие беа поставени во бетонски базени, но за жал, во малата и големата депонија базенот има само ѕидови, а не и бетонирано дно. По толку изминато време никој не знае во каква состојба се бурињата и каква штета направиле на почвата и подземните води“, вели Ќахил.