Нацрт-законот за репрогласување на кањонот Матка за споменик на природата е во изработка и би требало да биде готов во текот на следните два до три месеци. Од Министерството за животна средина информираат дека постапката за заштита тече, откако овој уникатен локалитет чекаше 16 години и во тој период се соочи со низа узурпации, незаконски градби, уништување и загадување.
Кањонот, како споменик на природата бил прогласен во 1994 година со Одлуката која ја донело тогашното Собрание на Градот Скопје, но со донесувањето на законот за заштита на природата во 2004 година сите делови од земјата заштитени според стари закони, мораше да бидат репрогласени, со утврдување на границите и управувачот на подрачјето.
Со конечното репрогласување, локалитетот ќе добие нов управувач, Градот Скопје, кој ќе биде должен да спроведува мерки и активности за вистинска заштита на природните вредности на Матка
Градот Скопје кон крајот на минатата година ја заврши ревизијата на Студијата за ревалоризација на локалитетот Матка, која беше изработена уште во 2010 година преку проект на УНДП, а минатата година, исто така преку УНДП, се заврши и проектот за преиспитување на границите на заштитената зона.
„Градот Скопје ја достави Студијата за ревалозризација на Матка до Министерството, по што започна подготовката на Нацрт- законот за препрогласувањето на кањонот како споменик на природата. Планирано е во вториот квартал од годинава тој да биде објавен и да започне постапката за негово донесување“, информираат од Министерството за животна средина.
Од таму информираат дека Нацрт-законот ќе се објави на Единствениот национален електронски регистар на прописи и на веб страната на министерството за да може да се доставуват коментари, забелешки и консултации. Ќе биде закажана и јавна расправа по која министерството ќе треба да го изработи и Предлог-законот за прогласување на Матка во категоријата споменик на природата.
„Конечната верзија на законот заедно со извештајот од јавната расправа министерството ќе треба да ги упати до Владата на одобрување, по што финалното усвојување ќе треба да го направи Собранието“, велат во Министерството.
Со конечното репрогласување, локалитетот ќе добие нов управувач, Градот Скопје, кој ќе биде должен да спроведува мерки и активности за вистинска заштита на природните вредности на Матка. Ќе мора да изработи и план за управување, како и да воспостави ренџерска служба која ќе води грижа за заштита на природата. Матка е еден од најубавите предели и природни реткости во земјава. Кањонот е дом на ретки и ендемични видови на растенија и животни, меѓу кои и египетскиот и белоглавиот мршојадец, кои се на црвените листи на загрозени видови. Сепак, уникатноста на Матка, во изминатите две децении, не беше повод институциите вистински да го заштитат овој споменик на природата. Од тие причини, еколошките организации минатата година побараа не само отстранување на диво поставените платформи и кривична одговорност за сторителите, туку и санирање на штетите и враќање на околината во првобитна состојба. /META/