Паркингот спроти Холидеј ин да се претвори во нов урбан, зелен, еколошки и енергетски ефикасен простор, според највисоките стандарди и согласно сите законски прописи е замислата на инвеститорот МГ Фешн. Истовремено, ваков голем проект вклучува голем број на вработувања, би вклучил голем дел од домашните градежни компании, а ја имаат и поддршката на жителите од Ново Маало.
Станбено-деловниот комплекс ќе се состои од три кули со различна намена од кои две се за домување, кои би гледале кон Кеј „13 Ноември“, а деловната зграда е со помала катност П+16 и би гледала кон деловната зграда на Соравија. Трите кули во приземјето и на катот ги врзуваат деловни содржини, локали и канцеларии. Влезот за возила е предвиден да биде преку улицата „Мирче Ацев“, која треба да прерасне во булевар и улицата „Два“. Предвидени се два влеза, еден е под деловната зграда и еден од спротива, каде што би биле локалите, како и излез, додека на Кеј „13 Ноември“ би имало само еден излез.
„МГ Фешн“ во проектот „Гранд“ ќе инвестира 60 милиони евра. Станбено деловниот простор, ќе има 1.000 паркинг места, 6.520 метри квадратни зелена површина, а површината на градба ќе биде 13.654 м2.
Идејниот проект предвидува вкупно развиена бруто површина над земја од 89.627 квадратни метри или малку повеќе од половина од површината дозволена за градба, а максималната катност е П+22. Паркирањето ќе биде обезбедено исклучиво во градежната парцела 1.1 во три подземни нивоа со 969 паркинг места.
Со ваквиот план на изградба не се согласуваат повеќе граѓански организации и архитекти кои преку јавен повик до премиерот Зоран Заев и повеќе надлежни институции побараа суспензија на Деталниот урбанистички план за оваа локација, нудејќи повеќе аргументи за своето барање. Едно од барањата е отворен архитектонски конкурс и максимално инклузивен процес во донесувањето на планот, како и создавање на квалитетен јавен простор отворен кон реката, нов зелен републички плоштад кој со пешачкиот мост ќе се поврзе со платото пред црквата „Пресвета Богородица“, плоштад обиколен со добро пропорционирани објекти, како белег на 21-иот век.
Став за просторот спроти Холидеј Ин имаше и ДКСК. Како што изјави Билјана Ивановска, претседателка на ДКСК, за Радио Слободна Европа, еден од проблемите е процесот на откупување на земјиштето, во неговото окрупнување, со одговор од државното правобранителство дека нема правни пречки да се продаде тој простор, а од друга страна, планот е под одлука за неспроведување таканаречен мораториум.
За утре е најавена и прес-конференција во 14 часот на жителите од Ново Маало, кои максимално ја поддржаа презентацијата на МГ Фешн.