„Фејсбук“ соопшти дека ја постигнал една од неговите најголеми цели поврзани со животната средина, успевајќи да ги намали своите емисии на стакленички гасови за дури 94 отсто во последните три години.
„Ја препознаваме итноста од климатските промени и работевме на намалување на еколошкиот отпечаток на компанијата во изминативе 10 години. Денес објавуваме дека од 2020 година, работењето на Фејсбук е поддржано од 100 проценти обновлива енергија. Само во последните три години ги намаливме емисиите на стакленички гасови за 94 отсто, надминувајќи ја нашата првична цел од 75 отсто“, пишува во објавата на „Фејсбук“ во пресрет на Денот на Земјата, кој се одбележува на 22 април.
Од „Фејсбук“ овие цели ги поставиле во 2018 година и додаваат дека денес се „едни од најголемите корпоративни купувачи на обновлива енергија“.
Нивната следна цел сега е да достигнат нула емисии на гасови до 2030 година за целиот синџир на снабдување со енергија и другите индиректни емисии, како на пример оние што доаѓаат од патувањата на вработените. За да ја достигнат и оваа цел, од „Фејсбук“ велат дека развиле еколошки стандарди за нивните добавувачи.
Но, според The Verge, тоа не значи дека сите операции на „Фејсбук“ се напојуваат од обновливи извори на енергија, како сончевата и ветровата, барем не сè уште.
„Обновливата енергија е во пораст, но повеќето електрични мрежи сè уште се потпираат на фосилни горива. Кога компаниите не можат да купат доволно обновлива енергија поради недоволно снабдување, тие купуваат сертификати за обновлива енергија што сигнализираат дека компанијата инвестирала во проекти за обновлива енергија… „Фејсбук“ се потпира токму на вакви сертификати, но истовремено се фокусира и на потпишување долгорочни договори за поддршка и изградба на инфраструктура за обновлива енергија“, пишува The Verge.
„Фејсбук“ во своето соопштение додава дека се склучени договори за повеќе од шест гигавати соларна и енергија од ветер низ 18 сојузни држави во САД и 5 земји.
Неодамна „Фејсбук“ ги започна и своите обиди за ограничување на дезинформациите поврзани со климатските промени на својата платформа. Минатата година во неколку земји беше лансирана опцијата „Информативен центар за климатски науки“./МЕТА/