„Пост-ковид обнова во заштитените подрачја” беше една од темите на кои се дискутираше во пресрет на одбележувањето на Денот на планетата Земја – 22 април на онлајн настанот посветен на изнаоѓање решенија и насоки за надминување на бројните предизвици кои произлегоа од пандемијата, организиран од Светскиот фонд за природа (ВВФ) и Министерството за животна средина и просторно планирање.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изјави дека кога станува збор за управување и зачувување на заштитените подрачја, претпоставките се дека сегашната пандемија и нејзините последици можат да ги поткопаат децениските напори за зачувување на природата и воспоставање ефективен систем на заштита и управување.
„Особено во период кога бележиме големи успеси во прогласувањето на нови подрачја, ризиците од пандемијата можат да бидат уште посериозни. Затоа е потребна заедничка и синхронизирана акција за заштита и унапредување на природното наследство во комбинација со ефективна поддршка на управителите на нашите заштитени подрачја“, изјави Нуредини.
На виртуелната работилница свои презентации имаа и претставниците од македонските национални паркови. Тие подеднакво се сложија дека финансиската поддршка за управувањето со националните паркови недостасува, но е од огромно значење за успешното функционирање и заштита на подрачјата, при што упатија апел до државните институции за отпочнување со државно финансирање на заштитените подрачја.
Заклучокот е дека на заштитените подрачја мора да им се пружи потребната помош и поддршка. Како за бизнисите, така и за јавните установи, финансиска поддршка во време на пандемија е од есенцијално значење за продолжување на функционирањето на националните паркови и другите заштитени подрачја, пренесува Слободен печат.