Денеска се одржува првата заедничка Глоуб обука за професорите од С.Македонија, Хрватска и Словенија и воедно се одбележува рестартирањето на „GLOBE Програмата за животна средина и едукација“ во С.Македонија.
Целта на оваа работилница е нововклучените професори да се обучат за спроведување на активностите на програмата, а професорите кои имаат искуство да се запознаат со новите протоколи со што ќе се овозможи успешно имплементирање на програмата.
„Не знам како подобро да го прославиме Денот на планетата Земја освен вака, официјално да лансираме една програма која поттикнува грижа за природата и животната средина. Ова е екстремно важна и благородна мисија за зачувување на нашата иднина, а заштитата на животната средина може да се обезбеди само ако ја изучуваме. Затоа мора да ги едуцираме младите генерации да се грижат за животната средина која ќе ја наследат од нас“ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Нуредини го изрази своето задоволство што оваа програма за заштита на животната средина во која се комбинираат наука, образование, технологија и во која учествуваат училишта од повеќе од 124 држави во светот, беше прифатена со голем интерес во нашата земја уште од 1998 година.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска истакна дека програмите за прво одделение се донесени по новиот концепт за учење и во нив се вметнати елементи во програмата кои се поврзани со животната средина.
„Единствено место каде што може да научиме да ја сакаме нашата планета, но и да ја штитиме и кои се можностите во иднина да превенираме секакво можно оштетување и загадување, се учи во училиште. Наставниците се клучни да ја всадат љубовта и знаењето кај учениците. Сметам дека токму на ова обука тоа и ќе се адресира“ изјави Царовска.
Амабасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз потсети дека денешниот ден е извонреден ден за акција со цел да се задржи убавината на планетата Земја.
„Ние сите заеднички организираме активности за нашата планета што е многу важно сега бидејќи се опоравуваме од пандемијата со ковид-19, со цел да се вратиме пожилави, поотпорни и позелени. Ова бара напор од сите нас да работиме на оваа заедничка цел“ рече Брнз.
Дана Вотапкова од Глоуб регионалната канцеларија за Европа и Еуроазија рече дека денешниот настан како дел од дводневната обука ќе служи не само за учење едни од други, туку и меѓусебно инспирирање, соработка и планирање.
„С.Македонија беше една од првите земји коишто се вклучија во Глоуб програмата во 1998 година и стана многу важен конструктивен член на семејството. Исходот резултираше со многу плодни активности“ рече Вотапкова.