пишува: архитект ДАНИЦА ПАВЛОВСКА-ЦИГИ
Во ова време на посакувани ориентации кон профит на мали групи поединци и запоставување на јавните интереси, јавните добра, животната средина, здравјето, мора да зборуваме, пишуваме, да дигнеме бунтовен ‘глас’, но и да се обидеме да фрлиме објективен поглед на некои важни аспекти на ситуацијата, што самите си ја произведовме. Го живееме тешкиот момент за градот и државата кој е последица на нашата неспособност, неодговорност, некултивираност, злоупотреба, несоодветно делување… Факт е дека до можната и посакуваната промена на општествените односи, формации и системи, во чии вредности, некаде длабоко, сè уште веруваме, НЕ ДОЈДЕ.
Темата “паркиралиште на Холидеј Ин“ мора да се започне со вовед дека урбанизмот и како наука и како практикум, е навредливо маргинализиран подолг период и дека последиците од толку неодговорен и примитивен однос кон планирање на просторот, ги чувствуваме. Значаен момент во овој провокативен период е донесувањето и стапувањето на сила на новиот Закон за урбанистичко планирање кој предвидува нови пристапи, нови алатки, висока стручност во примената. Во новиот Закон се препознаваат доследност кон елементарните принципи во процесите на планирањето како на пример во ставот 5 од членот 35: „Детален урбанистички план или дел од детален урбанистички план што не е усогласен односно е во спротивност со одредбите од генералниот урбанистички план, не може да се применува.“
Токму таков план за паркиралиштето и останатите делови од Ново маало именуван со Ц08, е план без легитимитет, нереален, неквалитетен, а се спроведува. Законот предвидува суспензија на планот сѐ додека не се донесе негова измена или нов план и сѐ додека тоа не се направи, се постапува незаконски и треба да се одговара за тоа. Општина Центар со своите стручни служби направи анализа, увид во состојбите, елаборат со аргументи, но не остана посветено и конзистентно на спроведување на својата започната урбана политика, па покажа слаб капацитет да се справи со проблемите.
Јасно е дека ова не е само едно парче асфалт што влезе во јавниот фокус туку е сензитивна локација од висок градски и државен интерес и заради тоа не смее да се дозволи лежерно однесување кон нејзино осмислување. Во таа смисла провокативно беше изнесена иницијативата за референдум акцентирајќи ја важноста на гласот на граѓанинот, а во функција на преиспитување на „важечкото“ урбанистичко решение. Се ангажираа многу субјекти, организации, институции, авторитети… (касно) освестени за опасноста по системот на планирање на просторот. Социјалните мрежи и медиумите ја експлоатираа темата, се разви по некоја дебата, правна расправа, се изнесоа кратки ставови на некои од одговорните, но се организира и инвеститорот со презентација на архитектонски проект. Проектот е работен според нелегитимен детален урбанистички план за премногу сензитивна локација, локација од државно значење, локација за која е потребна поширока дебата и визија добиена преку конкурс. Тоа е како замена на тези: да зборуваме за архитектура, а не за просторот односно неговото значење, параметри, можности, рефлексии…
За волја на вистината постојат и издржани анализи, компаративни податоци за проблематизираниот ДУП со оние од важечкиот ГУП, постојат и спонтани предлози/барања на граѓани, навредени/заборавени жители на Ново маало, постојат многу нови моменти во живеењето на општината и градот што треба да се акцептираат. За жал продолжено е неказнувањето, легализацијата и други штетни наследени процеси, така што во актуелната сложена ситуација мора да се покренат сите ресурси, критичка мисла, повеќе знаење, нови принципи, нови алатки, отвореност, чесност, соработка, транспарентност, и тоа реформски.
Потребно е да ги дефинираме чекорите кон заедничката цел во оваа урбанистичка деликатност:
- Суспензија на ДУП Ново Маало Ц08 со итна достава на елаборатот и Одлуката на Совет на Општина Центар за изготвување на нов урбанистички план до Министерство за транспорт и врски;
- Програма за нов ДУП Ново Маало Ц08 со широка јавна расправа и обврзувачка разработка на планот со архитектонско урбанистички проект;
- Акционен план за периодот на суспензијата (со дефинирани одговорни субјекти, ресурси, период – 12 месеци и др.) :
- Изготвување на студија (општината/градот) за дополнувања на програмата (во изготвување) на новиот ГУП на Град Скопје
- Распишување и спроведување на (меѓународен) урбанистички конкурс
- Разработка и вградување на победничкото решение во документацијата за просторот (архитектонско урбанистички проект)
- Изготвување и донесување на нов ДУП за Ново маало
- Покренување на истражни дејства за утврдување одговорност во процесот на изготвување и спроведување на несоодветниот ДУП Ново Маало од 2012 год како и ревидирање на имотно-правната постапка водена според него.
Текстот е личен став на Авторката