Министерството за финансии и Министерството за животна средина и просторно планирање активно работат на обезбедувањето на неопходните финансии за обезбедување на современ третман на отпадот во земјава, во согласност со критериумите на ЕУ. Земјава ја поднесе апликацијата до меѓународните финансиски институции, со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) како водечки субјект, за добивање на кредит во висина од 55.367.614 евра за изградба на регионалните системи за управување со отпад во земјава.
„Апликацијата е доставена и се очекува одговор за одобрување на заемот од страна на банката. Временскиот рок на целата постапка, до одобрување на кредитот и започнување на инвестициите, е околу 18 месеци, сметајќи од април 2021 година“, информираат за „Мета.мк“ од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Доколку се одобри кредитот од меѓународните финансиски институции, тој ќе овозможи конечна изградба на регионалните депонии за Југоисточниот, Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Полошкиот регион во земјава. Покрај изведбата на локации на кои би се депонирал отпадот во согласност со европските стандарди, регионалните системи за управување со отпад ќе овозможат значително поголем степен на селекција на отпадот што се создава во општините, но и рециклирање и компостирање на дел од самиот отпад.
Инаку, на барање на Министерството за животна средина и просторно планирање, Владата на почетокот на февруари годинава го одобри започнувањето на постапката за обезбедување на заем за воспоставување на регионалните системи за управување со отпад во земјава. Финансиски средства за ваков капитален проект досега се обезбедени единствено за Североисточниот и Источниот плански регион, за кои современа регионална депонија ќе се гради во Општина Свети Николе.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање информираат дека регионалниот систем за управување со отпад за Југоисточниот и Вардарскиот плански регион ќе чини 15.406.000 евра, додека идентичната инвестиција за Пелагонискиот и Југозападниот плански регион ќе изнесува 22.591.000 евра. Изградбата на регионалната депонија, заедно со неопходната инфраструктура, во Полошкиот плански регион ќе чини 17.370.614 евра. Дополнително, од ова министерство побарале и грант средства од Швајцарија како помош за евентуално намалување на долгот од идниот заем, кој е одобрен во висина од 5,5 милиони евра.
„Мета.мк“ веќе подолг период наназад пишува за неопходноста од обезбедување на современ третман на отпадот во земјава, чии количества што ги создаваат граѓаните постојано низ годините растат. И покрај ова, селекцијата на отпадот, како и неговото рециклирање е минимално, а најголем дел од ѓубрето завршува или на општинските депонии кои не поседуваат соодветни критериуми за депонирање на отпадот или на дивите депонии кои граѓаните нелегално ги создаваат, загадувајќи ги на тој начин почвите, водите и воздухот.