Денеска е светски ден на слободата на медиумите. ЦИВИЛ го започна денот со кратка честитка на ФБ и твитер, како и со текстот на Џабир Дерала на веб страницата на Фондацијата Хајнрих Бел на англиски јазик.
Светскиот ден на слободата на медиумите (World Press Freedom Day) е прогласен од Генералното собрание на ОН во 1993 година по препораката усвоена на 26-та сесија на Генералната конференција на УНЕСКО во 1991 година. На тоа ѝ претходеше Декларацијата од Виндхук што ја подготивија група африкански новинари со апел за плурализам и независност на медиумите. Одбележувањето на овој датум има цел да ги потсетува владите на потребата од почитување и посветеност на слободата на медумите, но исто така и да ги поттикне новинарите на размислување за прашања за слободата на печатот и професионалната етика.
Светскиот ден на слободата на печатот е и ден на поддршка на медиумите кои се изложени на обиди за нивно укинување или ограничување на нивната слободата на изразување, но и ден на сеќавање на новинарите кои ги загубија животите во текот на својата работа. Оваа година, темата на Светскиот ден на слободата на медиумите е „Информацијата како јавно добро“.
Според последниот извештај на Репортери без граници, Северна Македонија напредуваше за две места на Светската листа на слобода медиумите во 2020 година и со 31,67 поени се најде на 90-то место.
Во делот за нашата земја се наведува дека: „2020 година беше вонредна година за Република Северна Македонија. Парламентот се распушти, привремената влада ја презеде власта, а потоа мораше да се одложат предвремените парламентарни избори заради пандемијата Ковид-19 и соодветно прогласената вонредна состојба. Ситуацијата со медиумите се влоши, високи владини претставници продолжија да се закануваат и да ги навредуваат медиумите, а се зголеми и сајбер малтретирањето и вербалните напади врз новинарите на социјалните мрежи.“
Во текот на изминатите 12 години, ЦИВИЛ работеше на креирање медиумска платформа која е слободна, независна и отворена. Организацијата се реши на овој потфат во услови на медиумски мрак, кога режимот ги претвораше новинар(к)ите во држачи за микрофони, а медиумите во своја пропагандистичка и националистичка огласна табла. Медиумските работници и активистите за човекови права, како и нивните семејства и блиски, беа под закани, уцени и притисоци, беа тепани, прогонувани и затворани. Сѐ уште не се разјаснети низа напади, како и смртни случаи за време на авторитарниот режим 2006-2016.
„Постигнувањата по падот на режимот во сферата на јакнењето на медиумските слободи се евидентни, но придружени се со низа слабости и предизвици. Слабостите и предизвиците се последица и од трендови со поширок регионален и глобален карактер, но не мал дел од нив се и од субјективна природа“ – е став на ЦИВИЛ од минатата година, кој се нагласува и оваа година.
„На глобално ниво, пандемијата на коронавирусот предизвика тектонски поместувања во сферата на слободата на изразувањето и информирањето. Мерките за справување со пандемијата низ целиот свет ги ставија во опасност човековите права и слободи, особено во делови во светот каде што тие веќе претставуваа сериозен предизвик“ – велат од ЦИВИЛ.
Паралелно со пандемијата, со уште поголема брзина се рашири и инфодемијата. Во изминатиот период, врз основа на долгорочниот мониторинг, ЦИВИЛ повеќе пати констатира и ја алармира јавноста дека инфодемијата не ја одмина ни Северна Македонија. Притоа, лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата се оружје во пропагандата на одделни политички партии и центри на политичкото и криминалното подземје, чија цел е поткопување на довербата на граѓан(к)ите во здравствениот систем и во институциите воопшто. Медиумите играат голема улога во дистрибуцијата на овие хибридни закани против демократијата.
„Потпалувачкиот говор на социјалните мрежи многу често произлегува токму од медиумската продукција на одредени политички, бизнис и криминални структури во земјава“ – се констатира во извештаите и анализите на ЦИВИЛ – „Отсуството на соодветна реакција на релевантните институции ги охрабрува овие центри само да го засилат своето деструктивно дејствување. Тоа го загрозува јавниот интерес, а посебно ги става во опасност професионалните медиумски работници.“
Во Северна Македонија стана норма проруските политичари да напаѓаат активисти, бранители на човекови права и новинари сонедолично однесување на Интернет, малтретирање и закани по нашите животи. Мојот случај, како претседател на организацијата за човекови права ЦИВИЛ, не е исклучок, но сигурно е еден од најилустративните, се вели во најавата на текстот на Џабир Дерала за Хајрних Бел.
„ЦИВИЛ како организација и нејзиниот персонал се честа мета на ваквите закани. Неодамна добивме телефонски повик за смртна закана до канцелариите на ЦИВИЛ, со видлива телефонски број на повикувачот. Моите колеги се нарекуваат предавници, платеници, шпиони, џабиристи (што и да значи тоа). Луѓето повикуваат на егзекуција, јавно согорување, затвор, јавно судење и строга казна за членовите на нашата организација“ – пишува Дерала во споменатиот текст.
ЦИВИЛ секојдневно објавува извештаи и прилози за различни аспекти на човековите права и слободи, со посебен акцент на слободата на говорот и медиумските слободи, како и борбата против дезинформациите и говорот на омразата.
ЦИВИЛ останува отворен за соработка со сите релевантни медиумски организации и со медиумите, со цел да се зајакне слободата на изразувањето и информирањето, кои се фундаментално човеково право, гарантирано со Уставот, законите и со меѓународното право.
This post is also available in: Albanian