Заложбите на ЦИВИЛ за зелено општество продолжуваат со новиот проект „Зелено општество за сите“ во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.
Овој проект е своевидно продолжување на идеите за застапување и промоција на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда, оваа година и во контекст на креирање на локалните политиките во пресрет на локалните избори кои ќе се одржат во октомври годинава.
Со „Зелено општество за сите“, ЦИВИЛ ќе продолжи со теренските активности и со медиумската продукција за јакнење на јавната свест за единството и неделивоста на зелените вредности, кои подразбираат и почитување на различностите, еднаквоста и мултикултурализмот. Оттаму и називот на проектот „Зелено општество за сите“ во кое се алудира и на поддршката и поврзаноста со Стратегијата „Едно општество за сите“.
Една од основните пораки на овој проект во контекст на локалните избори е да се ослободат локалните избори и, воопшто, локалните политики од националистичките наративи кои ги потценуваат локалните прашања, преку наметнување „високи“ национални прашања кои не се ништо друго освен политичко профитерство.
Преку проектот, ЦИВИЛ ќе продолжи со комуникацијата на идеите за меѓусебната поврзаност на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда, особено во контекст на креирање локални политики и практики со вистинска грижа за интересите на граѓанките и граѓаните на локално ниво.
Дел од активностите на ЦИВИЛ се состои и во креирање и поставување на локални агенди за локалните избори, наспроти националистичките наративи и „националните прашања“ за време на кампањата за локални избори. Понатаму, ЦИВИЛ оваа година ќе ги интензивира активностите со кои ќе помогне во формирањето на движењето на Зелените.
ЦИВИЛ ги повикува сите граѓански и граѓани, носители на одлуки на локално и централно ниво, медиумите и граѓанскиот сектор да се вклучат во создавање општество кое ефективно ќе се справува со националистичките наративи преку зелените алтернативи, иницијативи, стратегии и активно учество во креирање зелени политики што ќе придонесат кон креирање на прогресивно, слободно и зелено општество.
Зелената опција е дел од статутарните и програмските определби на организацијата од самото основање во 1999 година. Во 2009 година, се формира и посебна организациска единица под називот Еко Цивил, а веќе во 2014 година се утврдува називот Зелен Цивил кој е актуелен до денешен ден. Оваа организациска единица ја започна и веб страницата www.greencivil.mk на македонски, албански и англиски јазик, а во функција е и истоимената Фејсбук страница.
Редакција ЗЕЛЕН ЦИВИЛ