пишува: ПЕРО НАУМОВСКИ
Поминаа скоро четири години кога на ЦИВИЛ Медиа објавив текст „Попова Шапка – заспаната убавица“. Во меѓуврема уште многу текстови се напишаа и многу дебати се одржаа на темата Попова Шапка. Посебна активност околу решавањето на ова горливо прашање покажа и Иницијативата за спас на Попова Шапка. Беа одржани и неколку протести, а се одржаа и неколку средби во владата на РСМ со потпредседателот на владата задолжен за економски прашања и со премиерот Зоран Заев.
Што се реализира до сега во изминатиов период?
После 6 години од набавката и после многу проблеми и перипетии при монтажата, на почеток од годинава конечно се пушти во употреба новата шестоседа жичара. Но, ако после многу години чекање конечно проработе новиот шестосед скоро истовремено вон употреба остана поради голем дефект старата двоседа жичара до Церипашина. Се постави нов слој асфалт на патот Тетово – Попова Шапка што е за секаква пофалба. Но исто така продолжи изградбата на диви објекти во викенд населбата. Се изготви уште една од многуте физибилити студии за развој на Попова Шапка од ревизорска куќа која воопшто не е соодветна за намената за која беше ангажирана. Па така, иако и беше ветено, јавноста не ја доби на увид целата содржина на студијата а ЕСМ како нарачател само ги соопшти можните решенија што ги предлага студијата а тоа се всушност сите можни опции. Па така наместо студијата да понуди најдобро можно решение, што е главна задача на една квалитативна и квантитативна стручна експертиза, таа на ЕСМ т.е. на владата и предлага решавање на проблемот преку моделот јавно-приватно партнерство или концесија или класична продажба или сопствен развој. Владата пред некој месец исто така почна постапка на издвојување на Елем–турс од системот на ЕСМ. А локалната самоуправа сеуште не успеа да изготви ДУП за Попова Шапка како основен плански документ за развој на центарот. Премалку за скоро 4 години, особено ако направиме споредба со постигањата на ова поле во регионот каде особено мислам на Јахорина во БиХ и Копаоник и Златибор во Србија.
И еве сега при презентација на Интервентниот план за инвестиции (ИПИ) 2021-2027 во вредност од 8 милијарди разбравме од премиерот Зоран Заев дека владата планира да вложи 50 плус 50 милиони евра за ски-центарот Попова Шапка (иако не појасни што точно тоа значи). Ски центарот владата одлучила да го даде под концесија. Иако името на идниот концесионер не го објави освен дека се работи за еден од најголемите инвеститори во ски-центри во Европа и дека оваа инвестиција ќе го подобри имиџот во државата и дека самиот инвестотор тоа ќе го објави , сепак ни го соопшти најголемиот апсурд за времетраење на концесијата која ќе биде ни помалку ни повеќе точно 99 години! Навистина не ми јасна логиката а не верувам дека таков пример има во Европа, ски-центар да се дава под концесија на 99 години.
Во очекување на доверливиот инвеститор-концесионер да се јави и да ни ги соопшти неговите намери и визии за развој на Попова Шапка за наредните 99 години, да видиме што во врска со истото изјавува министерот за економија Крешник Бектеши, цитирам ,,Едниот пристап Попова Шапка како можност за инвестирање не само во зимскиот туризам туку и во летен спортски туризам. Беше покренато прашањето за можноста Попова Шапка летно време да се користи како голф центар, а зимно време како скијачки центар. Исто така го претставивме и како регионален центар заедно со Косово, да ги претставиме двете страни, од планината бидејќи очигледно големите инвеститори бараат поголеми регионални пазари и можноста регионално да се претставиме е секогаш поатрактивна. Секако дека со Брезовица можноста останува за да можеме да ги поврземе двата ски центри и во дел од Косово и во делот на нашата држава,сме пратиле писмо до косовската влада и очекуваме тоа да се разгледа” завршен цитат.
Значи во последните неколку години министерот за економија Крешник Бектеши секоја изјава во врска со Попова Шапка мора да ја стави во корелација со ски-центарот Брезовица во Косово како регионален пристап и можноста да се поврзат двата ски центри.
Далеку е Попова Шапка од Брезовица и нивно поврзување за жал не е можно
Но имам една извонредна идеја чија реализација ќе овозможи поврзување на Брезовица со дел од македонската страна на Шара и одлично се вклопува во новата зелена политика што деновиве ја претстави ДУИ. Тоа поврзување може да се оствари преку планинскиот врв Пирибег (2524 м.н.в) . Еве што пишува на Википедија за овој планински врв:
Се наоѓа на главниот шарпланински срт кој ја формира македонско-косовската граница, при што тој претставува трет врв во шарпланинското било. Од западната страна на врвот се наоѓа ски центарот Брезовица на Косово од каде што води жичарница која доаѓа до самиот врв како и патека за искачување од планинарскиот дом „Стојкова Куќа“. На источната страна се изворите на Беловишка Река која ги формира едни од најимпозантните водопади на Шара. Врвот се наоѓа во близина на врвовите Ливадица и Љуботен и Ливадичкото Езеро и има пристап од планинарскиот дом Љуботен.
Патот до Брезовица значи води преку Љуботен.
Во подножјето на Љуботен се наоѓаат населените места Вратница, Беловиште, Орашје, Старо село и Рогачево. Атарот на овие населени места се наоѓаат на идеална надморска височина од 800-900 м.н.в., со свеж и чист воздух, густа шума, прекрасните Беловишка и Вратничка река, вештачкото езеро во близината и воопшто во прекрасен амбиент и питома и убава природа.Во подножјето тука би можел да биде центарот на идниот туристичко-рекреативен центар со идеални услови за развој на туризмот,здравствениот туризам, селскиот туризам, угостителсвото и гастрономијата, рекреацијата,планинарење и алпинизам, настава во природа за ученици и студенти и други современи туристички содржини како велосипедизмот,парглајдеризмот и другите екстремни спортови. На само неколку километри се наоѓа граничниот премин со Косово Јажинце-Глобочица.
Банско и Шварцвалд во едно
И тоа само на 30 км од Скопје од Тетово и од Урошевац (Ferizaj) Во рамките на реализација на оваа капитална инвестиција треба да се изгради региoнален пат Скопје –Кондово-Радуша-Долно Орашје-Орашје-Вратница. Од подножјето до планинарскиот дом на Љуботен (1600 м.н.в) би водела гондола слична или со поголем капацитет од онаа на Водно а од планинарскиот дом кон Љуботен и Пирибег би водела жичара и повеќе ски лифтови за љубителите на скијањето и сурфањето во зимскиот период и планинарите и туристите во летниот. За овој голем инвестицинен потфат неопходно е реномирана странска експертска агенција да изготви мастер план и физибилити студија за социо-економската оправданост и профитабилност на проектот и доколку истиот обезбедува одржлив развој веднаш треба да се пристапи кон урбанизација на целиот овој простор почитувајќи ги највисоките можни стандарди за заштита на животната средина и во согласност со новиот закон за прогласување на Шар планина како национален парк. Предноста на овој центар би била и таа што може да работи преку целата година.
Оваа инвестиција би можела да користи и средства од европските фондови за меѓугранична регионална соработка. Исто така таа би придонела кон реализација на политиката за рамномерен регионален развој. Општината Јегуновце е сиромашна , рурална и се повеќе млади ја напуштаат и бараат егзистенција во странство.Ова е единствена и неповторлива можност да се отворат нови работни места и можност младите да останат на своите огништа а загадувачката индустрија од комбинатот за фероникел да се замени со новата и современа т.н.зелена економија. Би се создале услови за развој на органско производство на храна и развој на сточарството со сигурен пласман за своите производи.
Едноставно со неколку збора кажано зелената агенда на ДУИ за пример на дело.
А што се однесува пак на идеата за голф терени на Попова Шапка не знам дали човек иронично да и се подсмева или да плаче од мака или револтирано само да извика: Да Ви се плукнам во идеата.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.