Нуркачите од Нуркачкиот центар АМФОРА успешно го реализираа проектот “Подводна еко патрола”.
Целта на овој проект беше да се детектираат вливовите на реките преку кои најмногу се загадува Охридското Езеро со цврст отпад. Беа опфатени четири реки: Черава, Грашница, Далјан и Сатеска.
Состојбата со вливот на реките во езерото е алармантна. Овој проблем е одамна познат во пошироката јавност. Има присуство на големи количини отпад во форма на градежен шут, пластични шишиња, метални канти, автомобилски гуми, разна облека…
Нуркачите од Амфора оваа состојба ја евидентираа со подводно фотографирање и снимање, а изработија и карта со загадени зони (црни точки).
Бидејќи цврстиот отпад доаѓа во најразлични форми и габарит, потребно е сеопфатно решение на овој фундаментален проблем. Постојат неколку практични решенија кои можат да се применат на вливовите. Предлози на меѓународниот нуркачки инструктор Јован Секулоски за наједноставно справување со овој проблем се мрежна структура за зафаќање на отпадот која ќе се протега на ширината на вливовите, а потоа ќе се управува од копно или пловен објект и кит за чистење реки – иновативно решение засновано врз принципот на колекторска мрежа чија цел е да го акумулира отпадот кој лебди или е полупотопен и функционира како природна брана.
Овој проект е финансиран од Општина Охрид, Одделение за спорт.