Еколошките активисти се загрижени за иднината на нашето единствено светско природно и културно наследство, по усвојувањето на одлуката на Комитетот за светско наследство да не го впише Охридскиот регион во листата на светски наследства во опасност.
Од граѓанската организација „Фронт 21/42“ побараа Владата да донесе итна одлука за прогласување на вистински мораториум на секаква урбана и крајбрежна трансформација на територијата на Охридскиот регион и да ја спроведе препораката на Мисијата од 2020 година. Екологистите ја повикаа и министерката за култура Ирена Стефоска, која е и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, доследно да го спроведува Планот за управување со Охридскиот Регион, почнувајќи од усвојување на новиот Закон за управување со наследството.
„Втор пат по ред Комитетот одлучи да ја отфрли експертската проценка на научниците, базирана на нивната посета на терен, овој пат алармирачка проценка, дека не само што заканите идентификувани во 2017 година се сè уште присутни, туку во 2020 година се додадени и нови закани на веќе ранливата состојба. Научните факти за состојбата на Охридскиот Регион не беа особено релевантни за Комитетот за светско наследство, кој одлучи дека прогласувањето на светско наследство во опасност е поврзано со имиџот на владите, а не со зачувување на доброто“, посочуваат од „Фронт 21/42“.
Тие велат дека одлуката од 2019 година само ги охрабрила македонските власти да продолжат со урбанизација на наследството, да предложат закони кои носат поволности за дивоградбите, маскирани со отстранувања на неколку привремени конструкции, да усвојуваат формални одлуки кои навидум ги спроведуваат препораките, но во реалноста овозможуваат продолжување на уништувањето и да не ги спроведат активностите од Планот за управување кои се клучни за воспоставување на ефективна правна заштита.
„Стравуваме дека точката на неповрат ќе биде достигната многу набрзо, благодарение на новото охрабрување кое го носи повторената Одлука на Комитетот во 2021 година да не го впише Охридскиот Регион во Листата на светски наследства во опасност. Изјавата на премиерот Заев дека Охрид треба и ќе се развива и понатаму, дадена додека се разгледуваше можноста Охридскиот регион да биде прогласен за наследство во опасност, е застрашувачка поаѓајќи од досегашното искуство дека под „развој“ се подразбира градење и урбанизација. За Охридскиот Регион секаква понатамошна урбанизација не е развој туку назадување и дополнителна деградација на алармантно лошата состојба. Она што е неопходно е развој на свеста, особено свеста на носителите на одлуки и на локално и на централно ниво“, нагласуваат од еколошката организација. / META