Мала пошта бр. 1310, омилена на граѓаните од населбата Перо Чичо во Куманово конечно доби ново руво.
„Малата пошта е лоцирана на јавен простор опкружен со игралиште, зеленило и содржини за деца, но фасадата беше испишана со неугледни натписи. Токму поради поставеноста на овој објект во јавниот простор заедно со група локални уметници од Куманово дојдовме на идеја да ја разубавиме фасадата со мурали. Идејата на Локалната иницијатива за осликување на Малата пошта со поштенски мотиви од современа и историска тематика беше од група млади уметници од населбата Перо Чичо, предводени од уметникот Дејвид Стоилковски. На четирите страни од фасадата на Малата пошта се насликани различни поштенски содржини кои на самиот објект му даваат нова форма и изглед и некогашната неугледна фасада се замени со мурали на кој денеска се гордеат не само поштенските работници туку и жителите на населбата Перо Чичо во Куманово. Локалната иницијатива беше спроведена во соработка со АД Пошти на Северна Македонија кои дадоа одобрување за спроведување на оваа Локална иницијатива“, се вели во соопштението на Центар за современи уметности Скопје.
Проектот е спроведен од Центар за современи уметности Скопје со финансиска поддршка од Фондација отворено општество Македонија.