Откако минатата недела, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство од 66 гласови, за жал не 90 како на првото читање, го изгласаа нашиот предлог за прогласување на македонскиот дел од Шар Планина за Национален парк, оваа недела беше потпишан и указот од страна на претседателот, со што нашата држава донесе историска одлука и го доби четвртиот Национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето, истакна на денешната прес-конфернеција министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Тој посочи дека со донесувањето на овој закон се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во Северна Македонија и богат и ендемичен растителен и животински свет. Располага, како што рече, со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни, пределни и културни вредности.
„Вкупната површина на паркот е 62 705 хектари, од кои 26,5 проценти е во зона на строга заштита, 49,06 отсто во зона на активно управување и 22.02 проценти се во зоната на одржливо користење. А предвиден е и една заштитен појас на Попова Шапка со што ќе се овозможи одржлив развој на овој туристички центар. Во креирањето на границите се внимаваше да обезбеди хомогеност на зоните, да се следи теренската конфигурација и да се во хармонија со соседните паркови. Предложеното зонирање е усогласено со зонирањето во националните паркови со кои граничи – НП Маврово и НП Шари во Косово и ги зема предвид традиционалните активности во подрачјето како сточарството, земјоделството и слично“, наведе Нуредини.
Министерот за животна средина и просторно планирање истакна дека согласно законот, Владата ќе треба да основа Јавна установа национален парк во рок од три месеци, од неговото стапување во сила.
„Управувачката структура и начинот на функционирање ќе биде ист како и кај сите други национални паркови во државата уредени во Законот за заштита на природата. Ќе се воспостави ренџерска служба, при што разговараме и со Национални шуми, за да се преземат искусните кадри од подрачните единици што работеле во Тетово и Гостивар, како стручни лица кои најдобро го познават теренот“, додаде Нуредини.
Тој изјави дека она што е клучно е дека конкретните забранети и дозволени активности во подрачјето ќе се уредат во Планот за управување, кој се носи во рок од една година од донесувањето на Законот и за кој веќе обезбедиле средства и меѓународни експерти од Меѓународната унија за заштита на природата IUCN, преку Програмата за заштита на природата на Обединетите Нации. Веќе се работи на терен со локалното население, со економските субјекти, со цел изнаоѓање на најдоброто решение.
Министерот посочи дека процесот на донесување на Планот за управување, исто така, предвидува јавни расправи и ќе биде обезбеден инклузивен и транспарентен за сите засегнати страни.
Во Министерството за животна средина и просторно планирање веќе се обезбедени шест милиони денари за првата година од воспоставувањето на Паркот кога тој се уште нема да има свои средства.
„Би сакал да напоменам дека во процесот на изработка на овој закон, ваков како што е прифатен од Собранието, се спроведе широк, повеќемесечен консултативен процес, во кој се користеа сите расположиви алатки и методи за комуникации, со цел да се обезбеди не само висок степен на заштита на природните вредности, туку и да се испочитуваат потребите на засегнатите страни, пред се населението што живее и работи во ова подрачје. Но таа работа не застанува тука, туку продолжува при подготовката на Планот за управување“, нагласи Нуредини.
Министерот посочи дека предизвиците што ги очекуваат и придобивките што отвараат нови можности за развој ова подрачје се бројни.
„Со прогласување на Шар Планина за Национален парк ќе започне поголема меѓуопштинска соработка, а и развој на Полошкиот регион. Освен локален развој во сите седум општини од Полошкиот регион и Маврово Ростуше, конечно ќе започне и системско зачувување на природните вредности на Шар Планина кои изминативе децении се под постојат притисок од човековите активности“, рече Нуредини.
Министерот потенцираше дека Националниот парк ќе биде добра основа за креирање на локални брендови за локална храна, угостителски објекти и туристички пакети со што ќе се зголеми продажната моќ на регионот и ќе се поттикне развој на туризмот во сите негови форми.
„Со прогласувањето на Шара за заштитено подрачје се доближивме до европскиот просек со 13.2 проценти вкупна површина на заштитени подрачја. Шар Планина е и идно Натура 2000 подрачје, а на национално ниво со овој чекор ние и ги исполнуваме целите од Конвенција за биолошка разновидност и ги остваруваме и националните цели од Стратегиите за заштита на природа и биолошка разновидност“, наведе Нуредини.
Тој додаде дека со поврзување на територијата на новиот Национален парк Шар Планина со делот на националниот парк „Маврово“, националниот парк „Шари“ од Косово како и паркот на природа „Кораб –Коритник“ од Албанија се добива површина од 244 617 хектари заштитени подрачја кои првенствено се добри за природата и опстанокот на дивите видови, како што е балканскиот рис, балканската дива коза и мечката, но истовремено и за локалното население што живее таму.
„Значи со заштитата и на нашиот дел од Шар Планина, ние го креираме едното од најголемите заштитени подрачја во Европа. Заедно можеме да ги зачуваме, но и одржливо да ги користиме природните ресруси за да привлекуваме не само регионални туку и меѓународни туристи. Овој потенцијал создава можности за инвестиции и генерирање зелени работни места, како што претходно напоменав“, истакна Нуредини.
Министерот упати апел до граѓаните кои ќе го посетат НП Шара, да се однесуваат одговорно кон природата и да ја остават таква каква што ја затекнале.