пишува: СТЕВЧЕ ДЕЧЕВ
Слободата е подобра од ропството. Толеранцијата е подобра од нетолеранцијата. Почитта на животот е подобра од презирот на животот.
„По 22 јули 2011 г., ние го браневме нашето отворено и демократско општество. Тоа нè заштити од понатамошно насилство. Стана наш штит. Вредностите под напад беа истите вредности што сакавме да ги заштитиме. Тие станаа наша одбрана” – ќе изјави поранешниот премиер на Норвешка, а сегашен Генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во говор за одбележување на болното сеќавање на масакрот во Утоја (мал остров во Норвешка) и терористичкиот напад во центарот на Осло.
„Толку е брутално, што е навистина тешко за разбирање, но нашата одговорност е да го направиме тоа. Затоа што 10 години подоцна, мораме да ја зборуваме вистината. Не ја запревме омразата. Десничарскиот екстремизам сè уште е жив. Терористот беше еден од нас“ – ќе изјави Астрид Хоем, сведок на масакрот на 69 лица, од кои повеќето млади од Лабуристичката младина која сега таа ги предводи.
Во Норвешка, убиството на 69 лица во масакрот во Утоја и загинувањето на уште 8 лица во центарот на Осло од експлозијата поставена пред владата, се терористички акти, најкрвав масакр после Втората Светска војна, осмислени од десничарскиот екстремист, Брејвик.
Додека многумина мислеа дека одговорни за тоа злодело се екстремистички исламисти, излезе дека крвавиот масакр е изведен од припадник на радикалната десница кој ги злоупотреби христијанските и полициските симболи. Човек кој е пораснат на улиците на Осло и кој ја имаше истата боја на кожа како мнозинството на таа земја. Тој беше дел од норвешките граѓани. Еден од нив. Но не и дел од нив кога станува збор за почитувањето на нивната демократија. Тој беше еден од оние кои веруваа дека има право да убива за политички цели.
Но норвешкото општество иако тогаш во шок, не падна на тестот. Не дозволи да влезе во магичниот круг на повторување на злото. Напротив, обединето застана во одбрана на демократијата, со уште поголема отвореност и повеќе хуманост. Но не и наивност. Иако тогашните напади беа против мултикултурното општество изградено врз доверба и транспарентност кое Брејвик го презираше.
Тагата е долг пат. Раните нанесени од терор никогаш не заздравуваат. Лузните никогаш не бледнеат. Никогаш не ја надминуваме болката од нашата загуба. Но за минатото да не стане товар, мора да се чекори во утехата, простувањето, ослободувањето, но и поука наивноста да не стане глупост за повторување.
22 јули пред 10 години беше во Норвешка, но бруталната реалност има многу повеќе датуми. Брисел, 22 март. Орландо, 12 јуни. Ница, 14 јули. Париз, 7 јануари и 13 ноември. Анкара, 17 февруари, 13 март и 10 октомври. Во Кабул и Багдад скоро секоја недела. Ерусалим…
И на нашите простори не се непознати страдањата, теророт и екстремизмот. Диво Насеље, Карпалак, случајот со Мавровските работници. Љуботен. Арачиново. Смилковско Езеро. Но и војната во Косово, Босна. Бомбардирањето на НАТО врз Југославија. Сребреница. Вуковар. Протерувањето на децата Егејци. Холокаустот на Евреите. Ваташа и низа други незаборавни, но непосакувани за повторување историски настани на терор.
Она што ни преостанува е цврство и одлучно да говориме, цртаме, замислуваме и да се надеваме за мир, слобода, отворено општество, функционална демократија. Колку повеќе за тоа говориме, толку повеќе тоа и ќе го имаме. Да престанеме да размислуваме само преку црни сценарија. Да ја отвориме вратата за нови погледи за подобро утре. Но и да го браниме нашето општество од секој обид за нарушување на мултикултурниот или интеркултурниот плурализам или богатства кои ги имаме преку тоа. И секој обид на група или поединци кој врши говор на омраза, одреден вид на екстремизам или радикализам или врши импакт тоа да биде нарушено, да биде оневозможен. Да не чекаме Претседателот на САД да ни креира црни листа за да се свестиме колку некои вредности ни се значајни за да бидат зачувани и одбранети.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.