пишува: ЗОРАН ИВАНОВ
Раната есен, 1991-ва, се случи историски чин. Во околности какви што беа, повеќе принудни отколку доброволни, во еден еуфорично романтичарски национален вознес, се случи Референдумот. Македонските граѓани решија да ги искористат околностите со распадот на федералната држава и, ако може така да се дефинира, по Асномската, да дојдат до своја Втора Македонска Република, овој пат до своја самостојна и суверена држава.
ДЕСЕТ ГОДИНИ ПРЕД ТОА
Политичките субјекти не умееја да ги согледаат и да ги разберат, тогаш тивките, но силни политички и емотивни пораки на своите сограѓани, припадници на другите етнички заедници.
Почна со тој историски светол 8-ми септември `91-ва. Во еден респектабилен број, Македонците по род излегоа на референдумот и, исто така во респектабилен број, се изјаснија за самостојна, за суверена независна држава. На радоста ѝ немаше крај. По децениски или столетни мечти, македонскиот народ се стекна со држава. По онаа со поделен суверенитет во рамките на југословенската федерација, сега оваа целосно самостојна. Со сите атрибути на посебна држава. Со своја уникатна парична монета, со своја посебна армија, со своја автономна надворешна политика, со свои независни институции.
Ама … Сонот, еуфоријата, пребучните ксенофобни, напати непримерни национални изливи, па дури и вулгарни националистички и ксенофобни истапи, ја замаглуваа реалната слика. Доза катаракта предизвикана од, за тие околности, природна популистичка реакција на народните маси, ги зафати и политичарите. Ги заслепи народната еуфорија, па наместо разумни и реални решенија во институциите, игнорираа битни околности и случувања на теренот. Во потконтекстот на национал популистичките пројави, често форсирани од етно македонските партиски елити, политичките субјекти не умееја да ги согледаат и да ги разберат, тогаш тивките, но силни политички и емотивни пораки на своите сограѓани, припадници на другите етнички заедници. Посебно од тогашното бројно малцинство, албанското.
Етно македонскиот политичко партиски ешалон, обземен од популистичката еуфорија за некаков конечен историско државен епилог, испушти од вид еден круцијален факт. Ја изигнорира кооперативноста на другите етнички заедници во земјата чиј приоритет, исто така, им беше слободна, независна и самостојна Македонија. Тогашната неискусна прва плурална политичка елита, ја превиде политичката моќ на, тогаш, една од водечките политички партии на Албанците.
Партијата за демократски просперитет, моќен субјект околу кој, во тие почетни деведесетти, гравитираа речиси сите сограѓани Албанци. Партија чии пратеници и во Собранието, во тој тогаш зовриен терен, практично политички ринг за идеолошки битки, каде што се носеа првите конститутивни акти на штотуку изнедрената држава, дури и во таквите мошне сложени околности, правеа сè да внесат доза разум. Да посочат на реалноста, дека во земјата, впрочем како и до тогаш, покрај Македонците опиени од шансата да се стекнат со своја држава, има тука и други нивни сограѓани немакедонци по род. И дека тие не можат и не смеат да го имаат чувството дека се создава држава што нема да биде и нивна подеднакво. И дека Република Македонија, исто како и во федерацијата, беше и нивна држава и дека и сега како посебен меѓународен субјект, таа и натаму останува нивната единствена татковина. И дека покрај Македонците и припадниците на другите етнички групации, тука се и тие, Албанците од Македонија. И дека во дефинициите на новата државна конституција, не треба и не смее никој, ниту една етничка групација, да претендира да биде ексклузивен стопан на државата.
Но, џабе. Во тоа еуфорично шумолење од радости предизвикани од раѓањето на новата држава, од вознесот од тогаш нескротливите еднонационални пориви, Македонците успеаја да го слушнат само сопственото ехо. Главно сопственото, без притоа да ги разберат артикулациите и на другите. Без да успеат да ги согледаат објективните потреби на своите сограѓани Албанци, ниту пак да ги сфатат укажувањата, па и предупредувањата на нивните политички експоненти во Собранието. Уште тогаш, уште на самиот почеток на конституирањето на државата, се наѕираа можни последици од препотентноста на мнозинството и парламентарната етничка мајоризација.
Во јавноста, притоа, многу тешко или речиси воопшто не допираа гласовите на разумот што ги испраќаше дел од македонската политичка и интелектуална јавност. Националната зовриеност ги задушуваше предупредувањата дека некои решенија креирани од мнозинството пратеници во собранието, посебно оние во сферата на образованието, културата, достапноста до институциите, не само што не ги отсликуваат реалните потреби на луѓето, туку и дека дел од нив дури уназадуваат некои од придобивките стекнати во федералната држава. Одраз на таквата политичка глувост, реакција на таквата институционална инертност, прво беше бојкотот на граѓаните Албанци на референдумот од 8-ми септември 1991-ва и потоа и бојкотот на пратениците Албанци на гласањето на првиот Устав на новата самостојна држава.
За волја на вистината, тоа време, времето на распадот на југословенската држава, беше и време на почеток на оружени меѓунационални конфликти. На разни паравојски на терените на поранешната држава, но и на никулци на етнички паравојски и на овдешните простори. И време на артикулации на разно разни шовинизми, на промоции на разно разни идеи за мали територијални делби и за правење нови големи држави. И време во кое сè уште егзистираа институционални рецидиви од сојузната држава чии воени остатоци дремеа по македонските касарни. Сепак, и во такви тревожни и неизвесни околности, тогашните државни, политички и партиски водства, успеваа провокативните предизвици да ги амортизираат и да ги решаваат во рамките на сè уште кревките институции.
ДВАЕСЕТ ГОДИНИ ПОТОА
Таа речиси полугодишна криза исполнета со стравови, конфликти, жртви и разурнувања, се поука што треба да се памети.
Но, последиците од недоизградените меѓуетнички односи, од легислативно не докрај дефинираните правила, посебно етничката доминација врз јавните ресурси, беа тие фрустрирачки кнедли во правното функционирање на младата македонската држава. Незадоволството ескалираше пролетта 2001-ва, со неколкумесечен оружен конфликт на паравоената формација на дел од албанското население со државните безбедносни структури. Преку двесте загинати, бројни ранети и инвалидизирани, уништени стотици и стотици куќи и домови, беше таа висока цена што ја плати целата државна заедница и сите нејзини граѓани.
Прашањето кое и тогаш и кое од време навреме и денес е присутно, е дали можеше поинаку? За некои одговори некогаш е прерано, некогаш е предоцна. Нешто слично како со онаа философска дилема за јајцето и кокошката. Но македонските настани, таа речиси полугодишна криза исполнета со стравови, конфликти, жртви и разурнувања, се поука што треба да се памети. Ука и показ дека, кога политиката ќе затаи, кога политичката превентива ќе откаже, кога политичките експоненти се без визии, тогаш, како по правило, како непосакувани последица на импотентните политики, ескалираат конфликти.
На 13-ти август, истата 2001-ва, многу ангажирано помогна и меѓународната заедница, оружјето стивна. Со широк меѓуетнички и меѓупартиски консензус, е потпишан Рамковниот договор. Коригирана е фабричката грешка од претходниот од `91-та и Република Македонија доби нов устав. Со нови фундаменти кои институционално ги гарантираат рамноправноста, еднаквоста, правичноста. Бадинтеровиот принцип стана таа дополнителна контролна алатка за нужно правично функционирање на политичкиот систем во мултиетничката државата. Ете, така некако, со нова, со поинаква, со поперспективна државна конституција, од 2001-ва па наваму, Македонија почна да ја живее својата Трета република. Рамковниот договор и дваесетгодишните макотрпни политички напори да заживеат новите уставни дефиниции, е таа победа на политичката кооперативност врз конфликтната исклучивост.
Но, во државата, впрочем како и во животот, никогаш не е ништо завршено до крај. Општествата постојано пулсираат и ним катадневно им се потребни политики на адаптации, кооперативност, компромиси. И превентива од нечии повремени спорадични разно разни зовриени страсти, од разно разни вжештени подбуцнувачки глави, од амбициозни политиканти на кои мирот и соживотот не им се посакуваниот амбиент. Секако, фактот што Република Северна Македонија денес е членка на НАТО и земја посветена да го оди, па и да го изоди, трновитиот пат до ЕУ, е гаранција повеќе за нејзини развојни перспективи.
ВРЕМЕТО МАКЕДОНСКО ДЕНЕС
Ова дводецениско јубилејно време за Рамковниот, може да е вистинското и за еден доблесен цивилизациски чин. За еден Вилибрантовски гест.
Секако дека соживотот како една од најкруцијалните вредности градени еве цели две децении од конфликот во 2001-ва до денес, како и актуелните позитивни меѓуетнички и меѓуграѓански релации, исто така, не се паднати од небо. Тие не се ниту подарок ниту пак се дадени еднаш за секогаш. Тие придобивки за кои сите, без исклучок, веќе плативме превисока цена, бараат посветеност. Бараат одговорност како од политичките актери, така од институциите, од граѓанските организации и од секој од нас посебно. И, колку забележливо или помалку забележливо, да си врви времето, пожелно е, еве како сега, поводно за Рамковниот, навраќања на сеќавањата. Пригодно да се одбележи хармонизирањето на македонското општество преку посакуваните уставни корекции изнедрени од Охридскиот договор, но и да им се оддаде почит на жртвите и на страдалниците од времето на тие конфликтни денови во таа кризна 2001-ва.
Во таа смисла, ова дводецениско јубилејно време за Рамковниот, може да е вистинското и за еден доблесен цивилизациски чин. За еден Вилибрантовски гест. За еден политички, но пред сè, за еден искрен човечки наклон на простување. Како за мајоризацијата која продуцираше неправди, така и за оружените збиднувања една деценија потоа во кои паднаа недолжни жртви. Актерите за еден таков цивилизациски и хуман чин се тука, сè уште активни на македонската политичка и општествена сцена.
Тоа се истите политички фактори кои еве, цели две децении, здружно и со силна политички волја, ги креираат условите, како за санирање на последиците од конфликтот, така и за оформувањето на сегашниот уставно институционален македонски простор кој гарантира еднаквост и правичност за секоја етно заедница и за секој граѓанин одделно. Благодарејќи и на таквите нивни позитивни политики, македонската држава денес е еталон, матрица, дефиниција за конституција која на сите нејзини граѓани институционално им гарантира еднаквост и рамноправност.
Секојдневието, меѓутоа, сè уште катадневно регистрира бројни аномалии. Кршења на човекови права, стигми и нееднаквости. Сè уште бележи неправди во продукција на евидентно мувлосаниот и арогантен бирократски карактер на државата. Во македонското општество сè уште надвиснуваат партизациии, корупциии, непотизми, клиентелизми, полтронизми. Ете, и овие вакви појави, исто така, се предизвици за нови битки. Фронт за политиката, за институциите, за граѓанските организации. Широко поле за промовирање вредности како примарен белег на едно современо македонско општество.
По Рамковниот, еве од скоро со Преспанскиот, земјава практично почна уште една нова развојна етапа. Македонија ја живее својата Четврта република на која, на својот еволутивен пат, кај и да е, ќе треба да ѝ се вгради уште по некоја граѓанска тула. За новиот европски терен ќе ѝ треба уште по некоја уставна глазура. Уште по некоја храбра дефиниција без етнички комплекси. Уште некои институционални решенија кои на земјата ќе ѝ обезбедат стабилна унитарност. Уште по некоја уставна гаранција која недвосмислено ќе упатува дека државата, Република Северна Македонија, ќе им припаѓа на сите подеднакво и секому подеднакво.
Текстот е личен став на Авторот.
Creative Commons 4.0 (дозволено е преземањето во целост, со соодветна атрибуција: линк, извор и автор)