Изградбата на Фотонапонската електрана„Осломеј“, е почеток на иницијативата со која значително ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, особено од сонцето, и првите киловати електрична енергија од фотоволтаичната електрана од 10 мегавати, инсталирана на површина на сегашната Термоелектрана „Осломеј“, се очекуваат да протечат во наредните неколку месеци.
Нашата цел е да обезбедиме чиста животна средина за нашите деца и за идните поколенија. На местата на некогашните загадувачи, денес градиме капацитети за производство на чиста и зелена енергија. Поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК „Осломеј“ за неколку месеци треба да бидат покриени со 10 мегаватна фотоволтаична електрана. Вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана ќе изнесува 15-17 гигават часови, доволни за потребите на околу 2.800 домаќинства, истакна премиерот Зоран Заев.
Тој во придружба на раководството на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), ја посети локацијата на Термоелектраната во Осломеј во Кичево, каде во моментот интензивно се одвиваат градежните активности за изградбата на првата фотоволтаична електрана од 10 мегавати во сопственост на ЕСМ.
– Со изградбата на оваа 10 мегаватна електрана се започнува со процесот на енергетска транзиција на РЕК „Осломеј“ и кичевскиот регион. ЕСМ во моментот работи на нова студија за уште една ваква електрана од 10 мегавати. Неодамна, во јуни се потпишаа и договорите за изградба на две фотонапонски електрани од по 50 мегавати со што комплетно 120 мегавати од Осломеј на јаглен ќе се заменат со 120 мегавати фотонапонски електрани. Ова е првата енергетска транзиција на електрана на јаглен во чиста енергија, во регионот, потенцира Заев.
Договорите, прецизира премиерот, од една страна се потпишани од ЕСМ, како јавен партнер, и од друга страна со „Фортис енерџи“ од Турција во едната електрана, а во другата со „Солар про“ од Бугарија. Приватните партнери на ЕСМ ќе му исплаќаат надоместок за јавното приватно партнерство во износ соодветен на 18 и 18,5 отсто од произведената електрична енергија за час.
– Пресметките покажуваат дека заработка на државата би се движела околу 1,5 милиони евра годишно. Дополнително инвеститорите имаат обврска да земат по еден вработен по мегават односно 100 вработени од Осломеј за трајно да ги обезбедиме тие наши сограѓани. Во моментот се прави студија за праведна транзиција, во која треба да бидат направени сите анализи за можностите и иднината на постојните вработено. Ова е показател дека се грижиме за сите и дека се бара решение за сите, истакна претседателот на Владата.
Проектот, како што кажа, е значен не само од аспект на енергетските вредности, туку и од социјален и еколошки аспект заради фактот што со поставување на фотоволтаични панели над 15 хектари на постојниот рудник во околината на РЕК „Осломеј“ се врши рекултивација на земјиштето кое е од големо значење за околината.
– На врвот сме меѓу шампионите во регионот по раст на обновливи извори на енергија. Само за минатата година го зголемивме производството на енергија од обновливи извори на 827 мегавати, што претставува раст од 10,1 проценти и е во рамки на светскиот просек на зголемување од 10,3 отсто, според извештајот на „Балкан грин енерџи њуз“, потенцира Заев.
Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски нагласи дека изградбата на Фотонапонската електрана „Осломеј“ е почеток на иницијативата со која значително ќе се зголеми производството на електрична енергија од обновливи извори, особено од сонцето.
– Термоелектраната „Осломеј“ не беше во редовна работа со години и сега во делот каде што е завршена експлоатацијата на јагленот се почна со инвестиции што ќе бидат не само во интерес на енергетскиот сектор на нашата држава, туку и во интерес на сите граѓани што живеат во Кичево и околината, рече Ковачевски.
Тој додаде дека веќе се преземени активности за селектирање на потребните кадри од РЕК „Осломеј“ и нивна преквалификација за работа во фотонапонската електрана, како и за потребите на поголемата фотонапонска електрана од 100 мегавати која ќе се гради како јавно-приватно партнерство, со што, посочи, освен посветеноста на зголемување на процентот на зелената енергија во нашиот енергетски биланс, АД ЕСМ се грижи и за социјалната компонента при енергетската транзиција.
This post is also available in: English