ВЕСТ НА ДЕНОТ
Неделивоста на зелените вредности на конференцијата „Зелено општество за сите“
„Со „Зелено општество за сите“, ЦИВИЛ ќе продолжи со теренските активности и со медиумската продукција за јакнење на јавната свест за единството и неделивоста на зелените вредности, кои подразбираат и почитување на различностите, еднаквоста и мултикултурализмот. Една од основните пораки на овој проект во контекст на локалните избори е да се ослободат локалните избори и, воопшто, локалните политики од националистичките наративи кои ги потценуваат локалните прашања.
ЦИВИЛ ќе продолжи со комуникацијата на идеите за меѓусебната поврзаност на зелените вредности, антинационализмот и социјалната правда, особено во контекст на креирање локални политики и практики со вистинска грижа за интересите на граѓанките и граѓаните на локално ниво“, изјави Џабир Дерала во уводниот дел од завршната конференција „Зелено општество за сите“, организирана од ЦИВИЛ, во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел.
На конференцијата учествуваа универзитетската професорка Мирјана Најчевска, активистката Мерсиха Смаиловиќ, Благица Димитровска од невладината „Инклузива“, претседателката на партијата ДОМ, Маја Морачанин, Астрит Истрефи од Балкан Форум, Косово, националниот координатор за интеркултурализам, Роберт Алаѓозовски, Слаѓан Пенев од Форум ЦСРД, Милош Димитровски од Извор – Кратово, новинарските ветерани Зоран Иванов и Александар Николиќ Писарев, Филип Стојановски од Фондацијата Метаморфозис.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Истрефи: Зелената агенда е многу исполитизирана во регионот
Астрит Истрефи е прв човек на косовската граѓанска организација Балкан Форум и е неформален лидер на Платформа на граѓанското општество, мрежа од над 40 организации од сите земји во регионот Западен Балкан. Тој беше еден од 14-те говорници на конференцијата на ЦИВИЛ „Зелено општество за сите“. Беше тешко да се издвои порака од исклучително вредните настапи на сите говорнички и говорници, но имајќи ја предвид важноста на и потребата од регионален пристап во темите за кои се говореше на конференцијата, Редакцијата одбра дел од говорот на Истрефи како изјава на денот.
„Не гледаме многу политички субјекти во регионот кои за време на нивните предизборни кампањи, без разлика дали се претседателски, парламентарни или локални, да се ангажираат на чесен и значаен начин со своите изборни единици и со конкретни политички програми за решавање на сериозните прашања со кои се соочуваат граѓаните, од невработеноста. и сиромаштија до корупција, организиран криминал, деградација на животната средина, слаби образовни и здравствени системи и слабо владеење на правото. За повеќето од нив, за жал, во сржта на нивните кампањи е националистичката реторика која барем ги зајакнува, продлабочува внатре во заедницата и политичките поделби.
Дури и кога зборуваат за борба против корупцијата и организираниот криминал, нивниот наратив е изграден околу етничката припадност на оние наводно корумпираните и вклучени во криминалот. Зелената агенда е исто така многу политичка. Од енергетска безбедност до зелена енергија, до изградба и лиценци за хидроцентрали и други извори како што се сончевата енергија или дури и гасот. Политиките на, и околу нив не се многу оценувани за тоа како тие имаат поголема корист од нивните граѓани, туку како тие имаат корист за самите себе, и ги туркаат нивните политички цели, вклучително и нивната политичка ориентација како што е погледот кон ЕУ, Русија, Кина или која било друга земја.“, изјави Астрит Истрефи од Балкан Форум – Косово, на конференцијата „Зелено општество за сите“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ДИК го презеде избирачкиот материјал за вториот изборен круг, во текот на денот ќе го преземат ОИК.
ЛИЧНИ КАРТИ Во пресрет на одржувањето на вториот круг од Локалните избори, што ќе се одржи в недела на 31 октомври 2021 година, Министерството за внатрешни работи информира дека и в сабота и недела управните служби ќе работат во општините каде што ќе има гласање во вториот круг, со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните да може да ги подигнат личните карти.
ПРАВДА Јавното обвинителство во целост ги демантира наводите изнесени во одредени медиуми кои се однесуваат на постапката во предметот во јавноста познат како „ТНТ“ и оценува дека се единствено во насока да се изврши притисок за повторно неоправдано одолговлекување на постапката.
КАМПАЊА Продолжува жестоката предизборна битка за Скопје. Денеска СДСМ објави податоци за лична карта и бугарско државјанство на сопругот на Арсовска. Одговорот на Арсовска беше во форма на видео изјава во која таа тврди дека се води црна кампања против неа и нејзиното семејство.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Навистина, што да правиме ние, граѓаните-гласачи на Скопје, со г-ѓа Данела Арсовска? Бидејќи, „имперфекцијата“ на кандидатот Шилегов ни е кристално јасна, но за Арсовска веќе ништо не е јасно: Чиј кандидат е, всушност, таа? Што претставуваат нејзините заложби „да се гледа напред“, ако „гледањето назад“ е исполнето со нејаснотии од суштински карактер? Можеме ли да бидеме сигурни за тоа кој лаже во сторијата за нејзините државјанства, бидејќи импликациите ќе имаат сериозни домашни, а и чувствителни меѓународни политички импликации? (Софиски „Труд“ известува за бугарската јавност дека Бугарка „вербално се линчува“ во Скопје…).“, Сашо Орданоски во колумната „Ќе ја потопи ли Данела и ВМРО-ДПМНЕ?“.
Д. Тахири