Иновациите ја зголемуваат човековaта продуктивност и фундаментално го менуваат начинот на кој тој живее. Во синергија со образованието, тие претставуваат клучни компоненти во постигнувањето на глобален успех, во областа на одржливата економија и економијата заснована на знаење.
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Современиот свет во кој живееме подлежи на континуирани промени кои постојано се забрзуваат. Тој свет е креирана општествена стварност, резултат на човековото влијание и активност врз неговата животна средина. Глобалната транзиција на индустриската ера, во ера на знаење, побарува низа промени и адаптации во рамките на општествените системи.
Креирањето на нови идеи е карактеристика и нужност на човекот, за градењето на неговата иднина. Неговата творечка способност, неговата имагинација и способноста за изнаоѓање на решенија се речиси неограничени. Кога идеите и креативните решенија се имплементираат и создаваат некоја нова вредност, тогаш тие стануваат иновации.
Иновацијата е термин што подразбира промена, новина или процес на правење промени. Во економски контекст, поимот иновација значи трансформација на креативна идеја во производ, услуга или процес, со крајна цел комерцијализација. Во поширока смисла, иновациите се организациски, деловни, административни и други видови иновации, кои се развиваат дури и до ниво на промени во самата деловна политика.
Секој поединец, секоја компанија, во било која област, во било која сфера, може да биде иновативен. Понекогаш иновациите се создаваат со преземање и унапредување на веќе постоечката во поефикасна идеја, концепт, производ, процес, услуга, технологија или бизнис модел. Поголемо значење, секако има создавањето на сосема нови иновации.
Иновацијата е клучен двигател на економскиот пораст. Економијата ги дефинира иновациите како основен фактор за економски раст, развој и успех. Во економијата таа е тесно поврзана со политичките, социјалните и општествените промени во земјата. Компаниите кои не вклучуваат иновации во својот производствен процес, имаат мали шанси за предност или надмоќ во однос на конкурентите.
Имплементацијата на идеите и откритијата го подобрува животниот стандард, но може да придонесе и за унапредување на стандардите за безбедност, подобра здравствена заштита, производи со подобар квалитет и производи и услуги, кои придонесуваат за подобрување на животната средина.
Иновациите ја зголемуваат човековaта продуктивност и фундаментално го менуваат начинот на кој тој живее. Во синергија со образованието, тие претставуваат клучни компоненти во постигнувањето на глобален успех, во областа на одржливата економија и економијата заснована на знаење.
Брзото темпо со кое се менува светот носи предизвици, а воведувањето на иновации во компаниите – можности за искористување на промените. Можностите произлегуваат од менувањето на потребите и очекувањата на клиентите, менувањето на конкурентите, промената на технологијата, промената на надворешното регулаторно опкружување, како и глобалниот и динамичен пазар.
Иновациите носат можност за намалување на трошоците во производството, креирање на нови пазари, зголемување на конкурентноста и профитабилноста, генерирање на нови вработувања и подобрување на позицијата на пазарот.
Од друга страна, воведувањето на иновации поттикнува развој на одржливо општество, кое нуди можност за подобар квалитетет на животот на граѓаните, и од аспект на зелените вредности во најширока смисла. Секоја компанија, организација, па дури и индивидуално лице, можат да бидат иновативни. Иновативноста сè повеќе станува есенција на егзистенцијата.
—
Линкови:
http://apprm.gov.mk/webdata/dokumenti/5PoddrskanainovaciiPDF.pdf
https://mk.wikipedia.org/wiki/%D0%98%D0%BD%D0%BE%D0%B2%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0
https://oouklimentohridski.edu.mk/Content/files/Inovacii_Kniga.pdf
https://eprints.ugd.edu.mk/17233/7/Inovacii%20trud.pdf
https://www.google.com/search?q=inovacije
https://edabl.org/sta-su-invencije-sta-inovacije/
https://www.odraz.hr/wp-content/uploads/2020/10/drustvene-inovacije.pdf
https://mmpi.gov.hr/UserDocsImages/arhiva/Ekoinovacije_Intermodal_Cappucci.pdf
file:///C:/Users/namin/Downloads/15718-Tekst%20%C4%8Dlanka-55913-1-10-20210322.pdf
https://www.researchgate.net/publication/343789463_Eko-inovacije_za_odrzivi_razvoj