„Одговорни сме за она што го правиме, но и за она што не го правиме “ – Волтер
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Како слободно и свесно суштество, човекот постојано прави избор во врска со начинот на своето однесување и постапување. Изборот е принцип на слободата. Колку е поголем степенот на човековата слобода, толку е поголема неговата одговорност за последиците од неговото однесување во заедницата.
Одговорноста може да се сфати како давање отчет на поединци или групи на луѓе, за нивните постапки пред други лица, групи на луѓе или целата заедница. Дејствијата што не се во согласност со општествените правила на однесување, подлежат на последици поради таквите постапки.
Нужноста од заедничкото живеење наложува почитување на определени вредности. Според тоа, поимот одговорност може да се протолкува како свесен однос на човекот кон општествените вредности што ги поседува секое општество и без кои тоа, како организирана човечка заедница не може да постои.
Поимот одговорност е во корелација со поимот должност. Кога некој презема должност, станува одговорен за тоа на кој начин ја извршува, но и подготвен да ги прифати последиците (позитивни – награден, негативни- санкциониран) од извршувањето на таа должност.
Поимот одговорност е динамичен феномен што го менува своето значење и содржина, а неговата цел не е секогаш иста. Во современите општествени системи, одговорноста не е само прашање на правото и моралот, туку и на политиката и општеството, демократијата и доброто владеење.
Во време на предизвици поврзани со општествената, економската и еколошката стабилност, денешниот свет станува се помал, а меѓузависноста на луѓето, упатеноста на едни кон други, потребата од глобална одговорност за одржлив долгорочен развој, стануваат поочигледни од кога и да е.
Потребно е да се биде свесен за меѓусебната поврзаност и зависност, но и да се биде одговорен на индивидуално, организациско и системско ниво (одговорен за себе, одговорен кон другите, одговорен кон сите). Новата парадигма за придвижување на свеста кон „јас“, „ние“ и „сите ние“ претставува повик кон колективна инклузивност за глобална одговорност.
Предизвикот на човештвото во XXI век е создавање на флексибилни општества, верни на определбата за почитување на вредностите поврзани со човековата слобода, достоинството, еднаквите можности, почитувањето на човековите права, филантропијата, антикорупцијата, квалитетот на производите, општества кои ќе придонесат за постигнувањето на целите за одржлив развој, иновативни економии и здрава животна средина, со можности за просперитет и благосостојба за сите.
Да се биде глобално одговорен, значи да се цени и почитува светoт околу себе, светот од кој сме дел сите и за чие подобрување треба активно да се вклучиме и учествуваме (сите граѓани, општествени заедници, институции на системот, бизнис секторот), секогаш имајќи ги на ум солидарноста и општото добро.
Учејќи и образувајќи се за различните места, култури, општества, но и за заедничкиот соживот и соработка кои водат до општ прогрес, учиме за нашата граѓанска одговорност и за тоа што значи да се биде глобално компетентен и одговорен граѓанин.
Одговорноста треба да биде лична определба на секој граѓанин. Таа е скапоцена особина и квалитет кои ги поседува човекот, но и најважен критериум за зрелоста на едно општество.
—
Линкови:
https://grli.org/resources/global-responsibility-2003/
https://www.un.org/en/chronicle/article/individual-global-responsibility
https://dop.hr/zajednicka-odgovornost-i-globalna-solidarnost-za-odrzivu-buducnost/
https://www.share-international.net/slo/publikacije/arhiv/humanitarnost/globalna-odgovornost.htm
http://milivojevic.info/odgovornost/
https://dop.hr/drustvena-odgovornost-nuzna-za-opstanak/