„Откажувањето од слободата значи откажување од секој човечки квалитет, човекови права, дури и од својата должност … Да се одземе слободата на својата волја значи да се одземе секој морал од своите дела. “ – Жан Жак Русо
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Државата е една од најстарите и најзначајни општествени творби, најважен облик на политичкото организирање на општеството. Всушност, современото човештво егзистира исклучиво во рамките на организирани политички заедници – држави. Суштината на општествениот живот и односот на човекот кон општеството и државата како досега најсовршен и најсложен облик на општествено организирање отсекогаш побудувале голем интерес.
Различните толкувања на поимот држава, произлегуваат од неговата динамичност, односно варијабилност. Според општоприфатената дефиниција, државата е организација, основана од заедница на луѓе, населени на одредена територија, заради практикување на определена власт. Концептот на современата граѓанска држава, пак, е всушност концепт на демократска држава, сфатен како форма на општествено владеење и уредување, кое е во согласност со волјата и потребите на народот (од грчкиот јазик, δημος – народ и κρατειν –владеење).
Оваа форма на владеење, овозможува безусловно задоволување на универзално признатите човекови права и слободи на секој граѓанин. Но, за функционирање на демократијата, потребно е исполнување на определени услови. Пред сè, неопходна е стабилност на општеството и државата, но и доволно развиена свест на граѓаните за самата идеја за демократија, вредностите врз кои се темели таа идеја, свест за важноста на земањето учество (посредно и непосредно) во сите форми на одлучување, како и за просперитетот и стандардот на граѓаните.
Од појавувањето до денес, извесно е дека демократијата е единствената форма на владеење и управување што може да ги задоволи, промовира и негува основните принципи на човековите права и достоинство. Низ историјата, таа ја менувала својата форма во согласност со динамиката на вкупните општествени текови, но, до денес останува најпосакуваната форма на општествено уредување, кон која се стреми сиот прогресивен свет.
Демократското општество стимулира и унапредува демократски, односно цивилизациски вредности, како што се: слободата и антидискриминацијата, почитувањето на човековите права, еднаквост и достоинство…
Разбирањето и употребата на терминот слобода е во непосредна поврзаност со терминот демократија. Се чини, дека секое демократско општество во поновата историја на човештвото е насочено кон достигнување на слободата, како една од најголемите животни вредности. Како резултат на тоа, секој граѓанин води сопствена битка за да го освои тој благороден идеал.
Но, слободата никако не смее да се интерпретира како чин на самоволие и егоизам, ниту да се практикува индивидуално, независно од секое надворешно влијание. Таа е секогаш поврзана со некаква норма, нужност. Нужноста на слободата е моралот, кој пак е услов за посакуваното вистинско реализирање на човекот.
Во модерната политика, слободата се состои од социјални, политички и економски слободи, специфични слободи и права како: сексуални, етнички, верски, културни,малцински, на кои имаат право сите членови на заедницата. Таа се однесува на отсуството на непотребни ограничувања и можноста за остварување на правата (слобода на говор, слобода на движење) и овластувањата на граѓаните.
Слободата својот правен израз за прв пат го реализира во Американската декларација за независност од 4 јули 1776 година, а потоа и во Француската декларација за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година.
Промовирањето на заложбите за недискриминацијата на граѓаните претставува уште една придобивка на демократските општества. Таа е антипод на феноменот дискриминација, којае претставува нееднаков третман кон поединци или општествени групи, врз основа некоја од нивните лични карактеристики.
Тоа резултира со нееднаквост во шансите за остварување на правата загарантирани со уставот и законите, нееднаков третман, маргинализација, исклучување, односно доведување во подредена положба на поединци или групи на луѓе, кои се во иста или слична ситуација.
Дискриминацијата може да се заснова на различни личните карактеристики, кои се реални или само се претпоставува дека постојат кај луѓето: раса, боја на кожа, државјанство, националност или етничко потекло, јазик, верски или политички верувања, пол, родов идентитет, сексуална ориентација, родови карактеристики, ниво на приход, богатство, раѓање, генетски карактеристики, здравствена состојба, попреченост, брачен и семеен статус, убедување, возраст, изглед, членство во политички и други организации итн.Таа може да се манифестира во различни области на општествениот живот.
Во современото општество има сè помалку земји и средини каде што доминираат некои модели на формална дискриминација, но неформални фактори на дискриминација сè уште постојат во многу од нив.
Затоа, многу земји ја регулираат дискриминацијата со донесување специјална легислатива, која на потенцијално дискриминираните групи или на оние кои биле дискриминирани во минатото им дава различни предности (позитивна дискриминација), со што тие стануваат социјално вклучени и еднакви.
Правото на недискриминација е загарнатирано и неприкосновено човеково право во сите демократски општества.
Во тој контекст, ќе ги споменеме општите принципи на заштита на човековите права од дискриминација, што се усвоени со Универзалната декларација за човекови права (1948 година во Париз), Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи (1950 година во Рим, на сила од 1953, до 2004 потпишана од 46 европски земји), како и Конвенцијата на ОН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (усвоена во 1979 година, на сила во 1981 година).
Линкови:
https://scindeks.ceon.rs/article.aspx?artid=1820-67000802047O
https://www.living-democracy.com/mk/textbooks/volume-1/part-1/unit-1/chapter-1/lesson-2/
https://nova-akropola.com/covjek-i-svijet/aktualno/sto-znaci-biti-slobodan/
https://www.pravdiko.mk/shto-e-demokratija-i-kako-taa-se-razvila/
https://enciklopedija.hr/natuknica.aspx?ID=15411
http://ravnopravnost.gov.rs/diskriminacija/sta-je-diskriminacija/
https://minljmpdd.gov.rs/lat/antidiskriminacija.php
https://www.seminarski-diplomski.co.rs/SOCIOLOGIJA/Demokratija-POJAM.html
http://nomcentarngo.com/demokratija-pojmovi-razvoj-i-sta-dalje-i-deo/
https://bs.wikipedia.org/wiki/Demokratija
http://cgo-cce.org/programi/demokratija/skola-demokratije/#.YVNXIDFByM8
https://www.enciklopedija.hr/Natuknica.aspx?ID=56655
https://zabavninet.info/znacenje-diskriminacija/
https://antidiskriminacija.rs/