„Европскиот зелен план е одговорот на Европа на барањата на нашите граѓани. Тоа е план од Европа за Европа и претставува придонес за подобар свет. Секој Европеец може да биде дел од промените“- Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија
подготви: НАТАША МАЛИНКА МИНОВСКА
Живееме во ера, кога предизвиците поврзани со деградирањето на животната средина и климатските промени, промените во биодиверзитетот, осиромашувањето на озонот, загадувањето на водата, урбаното загадување, високата продукција и слабата ефикасност во управувањето со отпадот (кои се актуелни неколку децении наназад), во последните неколку години достигнуваат кулминација. За разлика од порано, негативните појави во животната средина се одвиваат со забрзано темпо.
Во услови на стеснување на временската рамка за преземање на чекори за спречување на глобална катастрофа, членките на Европската унија ја преземаат иницијативата за изнаоѓање на соодветни решенија. Нивна амбиција е Европа да стане првиот климатски неутрален континент (до 2050 година) , со забавување на глобалното затоплување и ублажување на неговите последици.
За таа цел на 11 декември 2019 година, Европската комисија го презентира Европскиот зелен план, кој претставува стратегија за постигнување на одржливост на економијата на земјите од Европската унија, со претворање на климатските и еколошките предизвици во можности, во сите области на политиката, но и со обезбедување на праведна и инклузивна транзиција.
Таа е сложена стратегија за раст на Европа, со чија помош ќе се обезбеди намалување на емисиите на штетните гасови, истовремено креирајќи зелени работни места и подобрувајќи го квалитетот на животот и благосостојбата на европските граѓани.
Сетот на мерки претставен во Европскиот зелен план, претставува обид за поинтензивно влијание врз намалувањето на емисиите на штетните гасови на 55%, до 2030 година. Идејата е да се преиспита секој постоечки закон за климатските вредности, а исто така, со новото законодавство, да се постават поцврсти темели на циркуларната економија.
Главната цел на Европскиот зелен план, Европската унија да стане првиот светски климатски неутрален блок до 2050 година, подразбира поактивно делување во голем број различни сектори, вклучително и: градежништвото, енергетиката, транспортот, земјоделството и производството на храна и слично.
Оваа стратегија, исто така, вклучува потенцијални царински тарифи за земјите кои не работат активно за намалување на емисиите на штетни гасови и со ефект на стаклена градина (низ механизмот за прилагодување на границите на јаглеродот), но и солидарност и помош, на оние европски региони што ќе треба да направат поголем исчекор.
Европскиот Зелен план не е само неопходност, туку и двигател на нови економски можности. Областите опфатени со Европскиот зелен план и предвидените цели во нив се:
- Чиста енергија
- Биодиверзитет – имплементација на мерки за заштита на екосистемите
- Одржлива индустрија – поттикнување на поодржлив, еколошки производствен циклус
- Изградба и обнова – имплементација на мерки за постигнување почист градежен сектор
- Одржливо земјоделство – одржливост во земјоделството и руралните области на Европската унија благодарение на заедничката земјоделска политика
- Стратегија „Од нива до маса“ – поттикнување на развој на поодржливи прехрамбени системи
- Елиминирање на загадувањето – спроведување на мерки за брзо и ефикасно намалување на загадувањето
- Одржлива мобилност – промовирање на поодржливи превозни средства
- Клима – до 2050 година, Европскаата унија да стане климатски неутрална.
—
Линкови:
https://www.consilium.europa.eu/hr/policies/green-deal/
https://ec.europa.eu/info/strategy/priorities-2019-2024/european-green-deal_hr
https://www.eu-projekti.info/europska-komisija-objavila-zeleni-plan-do-2050-godine/
https://www.gp.org/green_new_deal
file:///C:/Users/namin/Downloads/What_is_the_European_Green_Deal_en.pdf.pdf
https://www.esdn.eu/fileadmin/ESDN_Reports/ESDN_Report_2_2020.pdf
This post is also available in: English