ВОЈО МАНЕВСКИ
Кампањата за локалните избори е во тек. Би рекле дека нема ништо ново и поразлично од сѐ досега видено. Кандидатите ветуваат, се обвинуваат, предлагаат. Соодносот помеѓу ваквите постапки е различен и зависи од личниот капацитет на кандидатите. Имаат различно воспитување. Наобразба, но и возраст. Забележувам дека поизразена е нетрпеливоста кај помладите учесници во трката.
Но, општа карактеристика е дека секоја втора тема на која сакаат да дебатираат е животната средина. Зелени појаси, нови паркови, зелена енергија. На локално ниво за поздравување е што темите им се повеќе од функционирањето на локалната заедница. Старата болка на недоволно располагање (познавање) со податоци од функционирањето на општините кај кандидатите од опозицијата и сега им дава предност на актуелните градоначалници. Општите флоскули излегуваат од митингашката атмосфера на говори.
Можеби сѐ уште се во фаза на обраќање кон своите членови, што како стратегија е формулирана од нивните штабови. Посетите на граѓаните се истовремено и средби со поддржувачите и членовите на партиите. Сето ова е веќе доживеано и позната метода во кампањите. Тоа што зборуваат со повишен тон во дебатата е само отсјај од целокупната состојба кај политичките активисти. Не се согласуваат и кога се согласни во некои работи, а кога навистина се на спротивни страни за ништо не можат да најдат согласност. Изгледа како игра на зборови, но навистина е тешко да се опише ваквата јавна комуникација.
Предлагаат зелени политики во заштита на природата, а изгледа ургентна е заштитата на човечкиот род од политичкиот вирус. За оваа болест тешко се наоѓа соодветна вакцина.
Како граѓани сакаме да слушнеме ветување кое нам ни одговара, а не она што навистина е реално остварливо. Не бараме одговори за конкретни предлози од кандидатите за да не се замериме однапред. Покомотна ни е позицијата на удирање на раце на митинзите за да после неколку месеци ја почнеме нашата позната одбранбена политика на постојано незадоволство – „ете го подржавме, а тој ништо не направи“. Овде често ги мешаме заедничкиот интерес со личните очекувања околу некој пред сѐ личен проблем. Како во Фукојамината колективна психологија „испорачуваме надежи за да имаме за што да бидеме изневерени“.
Само како илустрација ќе ви наведам став на еден таксист со кој се возев деновиве – ми досади да возам разни луѓе по градов, затоа се вклучив во кампањата кај еден од кандидатите. Одам на средби, убедувам луѓе што се возат со мене да гласат за него, но му кажав „сакам едно работно местенце за мене, било какво место само да се тргнам од таксито“.
Можеби ова не е репрезентно мислење на граѓаните, но секако не е осамен случај.
Она што го сметам за недостаток во кампањата е малото учество на кандидатите за советници. Мислам дека поголемо учество треба да имаат барем носителите на листи. Советот е локален парламент и е место каде треба да се постават интересите на граѓаните. Градоначалникот е половина од локалната власт, другата половина е Советот. Не слушнавме ставови околу соработката со градоначалникот на програмска основа, барем неколку главни цели што ќе бидат реализирани за време на мандатот. Ќе аминуваат ли сѐ што дојде како предлог од кабинетот на градоначалникот или ќе имаат и свои иницијативи? Ако сега постават јасни програмски основи полесно ќе биде изнаоѓање на коалициски партнери. Изгледа и за ова ќе се чекаат насоки од централите. Но и да е така, мора да има јасен став од носителите на листите уште сега во кампањата.
И овде повторно е на тапет менталната состојба на гласачите. Гласаме за листа иако имаме низа на приговори за нејзиниот состав, но гласаме зошто е „наша“, според јавно искажаната припадност кон некоја политичка опција. А се работи за остварување на нашите секојдневни потреби. Ако е „наша“ листата ќе имаме ли почиста вода, ќе се зголеми ли нејзината цена ќе се воведе ли ред во изградбата на куќи и станови? И на крајот ќе се користат ли подомаќински заедничките пари? Според предлогот на измените на законот за финансирање на локалната самоуправа за третина ќе се зголемат парите во локалните буџети. Прашања има многу, но бараат и прашувачи и одговори.
Остануваат уште десеттина дена до изборниот ден, па можеби ќе поттикнеме мала локална дебата за овие теми. Тоа е нашата задача како медиуми. Покрај природата и ние како граѓани изгледа ќе треба да „позеленуваме“ со одговорност кон нашата заедница.
Да завршам со опис на експериментот на Фукојама пред 45 години.
„Во кафез ставил дваесет мајмуни, а на врвот поставил кошница со банани. Секој мајмун што ќе скокнел по бананите го полевал со вода, а потоа ги полевал сите во кафезот. По некое време ниту еден од мајмуните не се осмелувал да скокне, туку останувал со другите на дното од кафезот. Кога извадил два мајмуна и на нивно место ставил нови два тие почнале да скокаат по бананите. Другите „староседелци“ веднаш скокале по нив и не им давале да дојдат до бананите. Го повторил опитот со нови четири мајмуни и резултатот бил ист. Дури кога внел десет нови мајмуни во кафезот настанала борба меѓу староседелците и новите жители на кафезот, а резултатот бил победа на новите кои успеале да дојдат до кошничката со банани. Кога повторно ставил кошничка со банани на врвот на кафезот сите мајмуни скокале по бананите“.
Овој експеримент е познат и многупати опсервиран, а јас само го поставувам во нашиов контекст без желба некого да навредам со споредбата. Нели на науката треба да и веруваме!
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.