СЛАЃАН ПЕНЕВ
Можеби ни е проблематично да сфатиме или прифатиме, но сепак постојат наши сограѓани на кои не им е тешко да испешачат неколку стотици метри за да го однесат собраниот домашен отпад до најблиските канти за рециклирање. Не им е тешко да си носат свои торби на пазар и да се расправаат со продавачите кога им ја ставаат робата во пластични кеси. Не им е тешко да поминуваат долго време во прекопување и заштитување на растенијата кои ги насадиле во некоја своја градина, верувајќи дека нивниот мал влог во подобрување на светот или непосредната животна средина не е залуден.
Можеби на аналитичарите и создавачите на јавните политики им е недоволно статистички релевантно постоењето на вакви луѓе, но нивниот број сѐ повеќе се зголемува. И сѐ повеќе нивниот политички избор се артикулира низ резултатите од локалните, парламентарните, па и претседателските избори.
Овие луѓе се тука отсекогаш. Не биле многу гласни во минатото, но последниве години стануваат забележливи. Ги имаше на протестите против сечење на дрвјата во центарот на Скопје (бул. Илинденска, бул. Климент Охридски, ул. Св. Кирил и Методиј – карши Хотел Бристол…), ги имаше на протестите против градење нови брани во Мавровско-Дебарскиот регион, на протестите против нови рудници во југоисточниот регион, против градење фабрики од тешката индустрија во Кавадарци, Неготино, Пробиштип, против рестартирање на топилницата во Велес, против загадувањето во Битола, Тетово, Скопје, против плановите за бетонизирање на Охрид и градење скијачки центри на Галичица, против ДУП-овите на Стевчо Јакимовски во Карпош…
Овие луѓе сѐ повеќе гласаат за кандидати кои првенствено се препознаваат како еколошки насочени. А такви до неодамна ретко се наоѓаа на изборните ливчиња. Во 90-те едно еколошко движење се вклучи во Демократската партија на Петар Гошев, но таа партија во своето кратко постоење сепак не успеа да си наметне доволно зелени приоритети. Потоа се појави ДОМ на Лиле Поповска, која успеа да привлече во неколку изборни кампањи дел од еколошки настроените гласачи, но сепак нејзината „зелена агенда“ беше компромитирана со учеството во влади кои само привидно се занимаваа со заштита на околината („Ден на дрвото“ и слични акции), а во пракса бетонизираа зелени урбани површини, даваа концесии за води, минерали и рудници на уништувачи на природата и полначи на диви депонии.
За божемното брендирање на ДУИ како „зелена партија“ не е баш сериозно да се троши времето, но како и да е, на последниве локални избори се појавија неколку независни кандидати и листи во неколку општини кои во своите програми им дадоа предност токму на прашањата за решенија за загадениот воздух, одржливото управување со ресурсите и со отпадот, рециклирањето и циркуларната економија. Не сум сигурен, но мислам дека и прв пат во една изборна кампања во Македонија кандидатите на овие локални избори го споменаа зборот „компостара“. Независната кандидатка за градоначалничка на Скопје, Ана Петровска, предложи изградба на компостара за био-отпад којшто ќе се собира од јавните површини, како отпад од кроење гранки, лисја и отпад од храна, а беше отворена идејата вакви компостари да има во секоја скопска општина.
Зелената политика е многу скапа, но несомнено вреди. Таа бара доследност, сериозна посветеност, големи инвестиции и одржување на тие инвестиции во живот. Град Скопје на пример, заедно со раководствата на скопските општини во изминатите 4 години инвестираа во неколку зелени покриви (ГТЦ, Дом на градежници…), вратија во живот неколку асфалтирани тротоари на големите булевари со садење убави дрва, неколку запуштени градски локации преуредија во мали паркови, но прашање е дали овие раззеленети урбани катчиња ќе се негуваат и понатаму.
Летово посетителите на централниот градски парк во Скопје можеа да забележат стотици дрвја покрај рекреативните патеки како пропаѓаат и се сушат поради негрижата на луѓето и јавните претпријатија платени од градскиот буџет. Истовремено додека некои застарени или неодржувани системи за наводнување во истиот тој парк исфрлаа хектолитри вода на бетонираните патеки од паркот. И зарем никој од стотиците луѓе вработени во градската администрација или јавните претпријатија нема волја или желба да поттикне иницијатива за коригирање на ваквата состојба? Веројатно имал, ама не било доволно за да се спасат дрвјата. И зарем никој од граѓаните кои шетаа или трчаа во паркот во жешките месеци не го забележуваа пропаѓањето на стотици млади и стари дрвја покрај себе? Го забележуваа, некои од нив истураа вода од своите мали шишенца во корените на поблиските дрвја, но ни тоа не беше доволно. Сушата си го направи своето, а и негрижата на Скопјани не е за потценување.
За стотиците високи раскошни дрвја на неколку скопски булевари кои беа исечени последниве неколку години за да се прошират коловозите за наводно растоварување на сообраќајните метежи малку се зборуваше, но оние на кои тоа најмногу им пречеше точно знаеја каде да го бараат виновникот. И драстично го казнија на последниве локални избори. А ја наградија кандидатката која вети дека ќе ги исчисти сите диви депонии во Скопје за точно 82 дена и ќе ги претвори во зелени површини. Нејзе и’ остануваат уште 80 дена за ветувањето. Нам, пак, долги 4 години за да и’ се заблагодариме.
Единствената зелена кандидатка за градоначалничка на Скопје на последните локални избори доби околу 10.000 гласови. Толку гласови се доволни за најмалку еден пратеник во било која од шесте изборни единици за парламентарните избори. А гледаме деновиве колку вреди токму еден пратеник во македонското Собрание.