ЗОРАН ИВАНОВ
Најзелено од зелените вредности е влогот „Едно општество за сите“. Како дотаму, како до него?
Кога се споменува аксиомата „зелени вредности“ обично во миг се помислува на чиста животна средина, на органски разградливи материи, на чист воздух, на улици без смет, на празни контејнери, на зелени површини, на реки без пластични шишиња по нивното течение. Со еден збор, на екологија. Терминот екологија, само тој еден збор меѓутоа, во себе содржи низа од поими меѓу кои и гореспоменатите. Но кога ќе се спомене сложенката „зелени вредности“, поимот се однесуваат на екологија и на се што е поврзано со неа. Но и на нешто многу пошироко како културата на пример. Културата на живеење, на однесување спрема околината и природата, спрема улицата и корпата за отпадоци, спрема шумите и грижата за нив. И секако, во широка смисла на зборот, и на општеството и на државата.
Токму последново и токму во рамките на спомнатите „зелени вредности“ практично ќе биде предмет на авторска опсервација во редовите подолу.
Кога пред неколку години дојде за премиер, Зоран Заев изненади со промоција на платформата „едно општество“ за сите. Наспроти етнизацијата и етно колективизмот втемелен и во уставот на државата, платформата „едно општество“ за сите понуди нов дизајн. Радикален во очите на етнољубивците па и на прикриените или експонираните националисти. Секако, патот до констатацијата, до формата едно општество за сите, е и долг и макотрпен. Стравот во било која ментална форма да се напушти етничкото „јато“ присутен. Едно општество за сите подразбира егзистенција на единката наспроти мнозинството и обратно. Мнозинството наспроти единката. И во тие релации има, и натаму ќе има и индивидуални стравови и колективни отпори.
Во едно општество за сите, наспроти граѓаните, загрозеност од губење на влијанието на теренот, на својот етнички или партиски терен, сеедно, реално отпори ќе пружаат разно разни центри на влијание, а докажано, посебно партиските водства. Наспроти прокламациите за еднаквост, рамноправност, солидарност, наспроти декларативните заложби за општество за сите, за заедница на еднакви и рамноправни граѓани, отпорите, напати прикриено, напати јавно, и натаму ќе бидат полето за отпори спрема цивилизациските вредности. И за општествената структура без предрасуди по било која културолошка различност на секоја единка одделно и на секој колективитет во него.
Но за да се дојде до едно општество за сите, само да се зачекори на тој пат, на патот кон таа цел, секако најмалку е доволна политичката, граѓанската и било каква друга волја, ентузијазам, посветеност. Потребни се институции. Нужни се институции, нужна е држава. Држава еднаква за сите. Само со држава еднаква за сите е можно општество еднакво за сите. Само со еднаквост на граѓаните без оглед на нивниот, пред се, социјален статус, е можно општество за сите, а таквото општество еднакво за сите може да се обезбеди само со држава еднаква за сите.
За волја на вистината, младата македонска држава притисната во својата самостојност од мал милон предизвици и минувајќи низ разни премрежја, веќе ги има изградено основните фундаменти и за двете цели. И за држава за сите и за општетсво за сите. Но практиката покажува дека сепак се нужни уште по некои законски, па и уставни корекции. Нашата држава денес, оваа наша мала и од бога дадена убава Републијка Северна Македонија, е институционално немоќна. Башка кономски сиромашна, партизирана, коруптивна, клиентелизирана. Во околности во кои сe`е подредено на партиските битки за или да се биде на власт или воопшто да не се биде, место има, но простор доволно нема, за едно општетсво за сите. Се задушуваме во нееднаквости во сите сегменити и на сите нивоа. Од општинскиот шалтер до врвните судски институции. Нееднаквоста е мрачната стварност на општетсвото, а државата е се уште привилегија за привилегираните.
Затоа, за да се добие војната за едно општетсво за сите, нужно е битките да се добиваат и на фронтот за една држава за сите. Таа подразбира држава еднаква за сите.
Во таа насока е важна организирана политичка волја на партиските субјекти и индивидуална на носителите на сите државни и јавни функции од најниските скалила до врвот на државата. Создавање праведни институции, агилна и достапна администрација посветена на потребата на граѓанинот. Систем на институционални кои ќе ги рефлектираат европските вредности. Ете, во едни вакви околност кои се и можни и остварливи, во околности на една држава за сите, е можно и посакуваното едно општетсво за сите.
Но за до новиот европски терен на Северна Македонија ѝ треба уште по некоја уставна глазура. Уште по некоја храбра дефиниција без национални комплекси. Дополнителна формула која, кај и да е, неминовно ќе треба да се вбризга во македонскиот политички систем како целосно елиминирање на етничката мајоризација евидентна во сегашниот модел за избор на претседател на државата, на пример. И досега сликовито се покажа декаа во сѐ уште етнички оптовареното општество, и покрај повремените изборни демократски сигнали дека се можни изборни гласови независно од етничката припадност на кандидатите и на избирачите, далеку сме од состојбата етничките да бидат потиснати од граѓанските изборни релации. Од тие причини не е за игнорирање нужноста, напоредно со иницијативите за градење општеството за сите, тоа да се трансформира и во институционализирање на држава за сите. Попрецизно, во македонскиот политички систем да се вградат уште два, три дополнителни механизми кои ќе елиминираат каква било форма на етничка надмоќ во кои било изборни или неизборни околности, сеедно.
На нашиот државен поредок му треба уште по некоја граѓанска тула. Уште по некоја уставна глазура. Уште по некоја храбра дефиниција без национални комплекси. Институционално решение кое ќе гарантира еднаква, етнички неконфликтна и стабилна македонска држава. И која ќе гарантира заедница на еднакви граѓани.
И која ќе обезбедува амбиент на најзеленото од зелените вредности – едно општетсво за сите.