Новата германска влада денеска усвои дополнителен буџет од 60 милијарди евра за климатскиот фонд, со цел да овозможи дополнителни инвестиции во транзицијата кон зелена економија, соопштија властите.
Дополнителниот буџет беше едногласно усвоен од кабинетот на канцеларот Олаф Шолц. Износот од 60 милијарди во овогодинешниот буџет ќе биде насочен за идните трошоци од Фондот за клима и трансформација.
Оваа одлука минатиот месец ја договорија партнерите во владејачката коалиција – Социјалдемократската партија, Зелените и Слободните демократи. Партиите се согласија дека, во согласност со овластувањата за време на пандемијата, ќе биде можно да се воведе привремена суспензија на ограничувањата за задолжување. Планирано е парите да се вложат во станици за полнење на електрични возила, подобра изолација на зградите и дигитализација на економијата.
Покрај овие 60 милијарди евра, Владата одлучи 18 милијарди евра даночни приходи од еколошки даноци и трговија со јаглеродни емисии да ги пренасочи во фондот за клима и трансформација за следната година.
This post is also available in: English