ДЕХРАН МУРАТОВ
На Богојавление се (по)јавија и жртвите на пропагандата, особено руската. Вчера, на социјалните мрежи вирално се ширеше видео клип од некој среќник кој што го фатил крстот, по втор пат, и додека еуфорично го прославува триумфот, се претстави како Александар Македонски, па откако присутните почнаа да му се смејат, набрзо се сети дека тоа не е неговиот идентитет, па се поправи – дека е некој друг Александар.
Колку и да изгледа наивно и смешно, сепак тоа е тажно, бидејќи за некој да си го заборави името и презимето, зад тоа веројатно стојат некои структури кои добро си ја завршиле работата, односно на дел од граѓаните им го „испрале мозокот“ и наместо да размислуваат со сопствена глава, почнуваат да мислат како ќе им кажат од партија, штаб или некои други центри на моќ.
Пропагандната машинерија е пуштена на најјако, секојдневно се заплашуваат граѓан(к)ите и им се пласираат (дез)информации за некаква кантонизација, федерализација, албанизација, антиНАТО, антиЕУ кампањи, ги плашат со мигрантски кампови и слично… И додека граѓаните ги полнат со „патриотизам“ и „национализам“, пропагантистите своите џебови ги полнат со евра, долари, рубљи…
Вчера во Скопје имаше убав гест, наместо да се „тепаат“ за крстот, верниците решија здружено и прегрнати да го фатат. Пораката што ја упатија беше дека македонскиот народ треба да биде сплотен, заедно и да не се дели. Но, пораката за сплотеност и заедништво „им падна во вода“ отакако почнаа да извикуваат „Никогаш Северна, само Македонија“…
Инересно е тоа што веќе втора година по ред, околу триесетина лица од Прилеп на традиционален руски начин го одбележаа празникот Богојавление – Водици во замрзаното езерце кај Плетвар.
Во замрзнатите води на езерцето беше формиран крст, а учесниците не се фрлаа по светиот крст, туку симболично влегуваа во водата.
Ваквиот традиционален православен ритуал со кој се одбележува празникот Богојавление и Крштевањето Господово е карактеристично за руските православни верници, додека пак рускиот претседател, Владимир Путин, секоја година учествува во богојавленското бањање, со исклучок на оваа година поради пандемијата.
Путиновото „скокање по крстот“ почна да се применува и кај македонските православни верници, односно во езерцето кај Плетвар.
И ова е само еден пример како македонските граѓани (не)свесно стануваат жртви на руското влијание во земјава.
А за ова никој ни зуц…