Во верскиот објект „Ихлас“ во Злокуќани, општина Карпош, нема никакви вехабисти ниту радикални активности кои се спротивни на исламското учење, туку верници кои припаѓаат под “Ханефиски Месхеп”. За извршување на религиозните обреди има официјална дозвола и одобрение од страна на муфтиството на ИВЗ-Скопје издадена на 06.06.2016 врз основа на член 32 од уставот на Муфтиството на ИВЗ-Скопје, велат одборите од џамијата, откако одредени медиуми објавија информација дека во Злокуќани бесправно се гради вехабистичка џамија.
Бајрам Исеновски, одбор на џамијата, не сакаше да зборува пред камерата на ЦИВИЛ, бидејќи деновиве претставниците на Исламската верска заедница треба да остварат средба со претставници од општина Карпош за да ги согледаат работите поврзани со џамијата во Злокуќани.
Активистот Тефик Махмут вели дека оствариле средба со правниот тим за урбанистички работи во општина Карпош и дека нема формална-правна одлука за уривање на џамијата, како што беше изнесено во медиумите дека за 15 дена треба да се руши.
„Нашата држава е мулти-религиозна држава, каде што највисокиот правен акт ни го гарантира правото да си ги негуваме и прокламираме културните и религиозни вредности во оваа држава без разлика на нашата етничка припадност, без разлика дали станува збор за минаре или камбана, ако веќе имаме вакви иницијативи, не може и не смееат истите да важат само за Ромите. Во истата населба има и црква, но урбанистичкиот тим на општина Карпош не беа таму? Зошто е тоа така? Затоа не може и не смее само ромските сиромашни заедници заедно со верските објекти да им бидат трн во око на македонската јавност“, вели тој.
Махмут вели дека силно верува ќе се најде заеднички јазик меѓу ИВЗ и општинските власти за да не се руши објектот.
„Но, доколу се одлучат надлежните органи на нееднаков третман, најавуваме дека ромските заедници од Злокуќани, Топана, Ѓорче и Шуто Оризари, но и другите заедници ќе организираме протести за нееднаков третман и доскриминација врз основа на етничка и религиозна припадност. Претставки до национални и меѓународни тела кои работат во областа на мониторирање и извршување на човековите права. Искрено се надеваме и силно веруваме дека највисокиот правен акт во државата ќе важи и за ромските муслимани во нашата држава“, вели тој.
Махмут кој на последните локални избори настапи како кандидат на Левица во трката за градоначалник на општина Шуто Оризари, негира дека е политички инволвиран во оваа иницијатива.
„Не сум член, ниту некогаш сум бил член на политичка партија Левица и категорично тврдам дека ова иницијатива е автохтона и организирана од самите Роми и нема политички елементи, нема вклучени политички фигури во нашите иницијативи. Во ова иницијатива сум вклучен да им пружам правна помош и активизмот е нешто што го правам цел живот. Се надеваме дека градоначалникот (Стевчо Јакимовски) и надлежните органи ќе имаат слух за ромскиот (верскиот) објект и нема да го гледаат ова од ксенофобична перспектива туку ќе го гледаат од меѓуетничка, меѓукултурна и мултирелигиозна перспектива. Се надеваме дека ќе наидеме на мостови наместо на ѕидови меѓу различни етнички и религиозни групи“, вели Махмут.
Тој потенцира дека еднаквостта и правдата, почитување на правата на малцинствата, заедно со помалкубројните заедници во државата, треба да ни бидат параметрите кои ќе нè водат до нашата колективна цел – евроинтеграција на нашата држава.
„Велам нашата држава, бидејќи Република Северна Македонија е и држава на Ромите и ние сме рамноправни граѓани, и тоа значи дека сакале или не сакале, ако не нè сакаат – мора да не почитуваат согласно законските регулативи“, нагласи Махмут.
Градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски не одговори на нашите телефонски повици и ССМ пораки да ни даде изјава во врска со верскиот објект во Злокуќани.
Ниту од ИВЗ до објавување на текстот не добивме одговор.
Дехран Муратов
камера и монтажа: Ариан Мехмети