СТЕВЧЕ ДЕЧЕВ
Полека но сигурно изминува и месец јануари. Некако ги преживеавме празниците и научивме дека зборот празник доаѓа од празно. Затоа ние толку многу ги сакаме празниците. Со празнотија и инает преживуваме. Се попразни и поскромни се трпезите. Се попразни се кошничките во пазарувањето. Поладни се радијаторите, а се повисоки се сметките за живот.
И утре временската прогноза на нашата реалност ќе биде матна, зашто Европа ни дава помош само орално, а ние примаме – секојдневна терапија. Не силуваат во здрав мозок.
Згора на се увидовме дека скоро секоја идеа што им светнува на нашите политичари во принцип е лоша. Увидовме и дека коалициите што се формираат за време на изборите и по нив се како СИДА колку повеќе партнери толку поголем ризик.
Едноставно кажано животот кај нас постана садистички, поминува покрај нас наместо да не прегази.
Е ваква земја на чудата не видела ниту Алиса. Сите не спикаа во статистика и графикони на фамозниот попис за кој што ги очекуваме резултатите и очекуваме да чуеме дали сме токму!
Затоа, предлагам или да ја сопреме земјата и да се симнеме од неа или да си ја преземеме одговорноста во свои раце.
Одговорноста подразбира и очекување и барање за подобар, посовремен и поквалитетен начин на живот.
Одговорност не е да се биде како ној со главата во песок и да се очекува дека некој друг во наше име треба да одлучи како да живееме.
Одговорност не е да се живее наивно и да се верува во разно разни приказни дека некои што прават милиони врз грбот на народот или преку криминални дејанија ќе се откажат од тоа за општото добро. Таквите видовме дека имаат создадено или украдено за поколенија и по нив.
Уште еднаш треба да се потсетиме на народната поговорка: Ситиот на гладниот не му верува и баш му е гајле! Нека оваа поговорка не потсетува секојдневно за да подразбереме дека поради криминални дејанија на поединци пред кои замижуваме, поради дејствување спротивно од приоритетите на народот не можеме да ја искусиме праведната транзиција во која чекори Европската Унија.
Кај нас одредени лица со нефункционирањето и криминализирањето на поединци во институциите создаваат основа со која живеат како бубрег во лој, а народот останува со празен стомак.
Неодамна, пратеничката Морачанин, претседателката на она што остана од зелената партија во Собранието изјави, цитирам: „Јас сметам дека електричната енергија не треба да биде евтина. Затоа што ако струјата е евтина тоа доведува до поголема потрошувачка, а ние треба да ја штедиме електричната енергија, не само овде во Македонија и во целиот Свет и тоа е тенденцијата„.
Врз основа на овој став со право во социјалните медиуми се постави и прашањето: Зар и храната треба да поскапи за граѓаните помалку да јадат!?
Од 1-ви декември се воведе и Закон за ограничување и поголема наплата на употребата на пластичните кеси. Мерка која и лично ја поддржувам. Но мерка која се спроведе без да се изврши праведна транзиција, преструктурирање на вработените и бизнисот кои се оштетени од таквата мерка. Со тој закон се формираше и фонд за заштита на животната средина. Но дали од тој фонд ќе се овозможи поддршка за загубата на работните места и преструктурирањето на бизнисот кој е оштетен кон зелен бизнис сеуште не знаеме?
Спротивно на ова вистинските познавачи на зелените политики и оние кои го усвоија Зелениот Договор на Европската Унија поставија концепт на праведна транзиција, кој е воведен како сеопфатна рамка за водење на нашата трансформација кон еколошко општество на начин кој е социјално правичен и рамноправен.
Со развојот на концептот за Праведна Транзиција, работничките синдикати и движењата за климатските промени ја истакнуваат потребата за системска трансформација.
Праведната транзиција вклучува фундаментални промени, не само во клучните системи за производство и потрошувачка како што се енергијата, транспортот, земјоделството и храната, тук и во инфраструктурата, општествените вредности и политиката.
Воведувањето „еколошки“ политики без да се земе во предвид социјалната правда не може да функционира.
Во таа суштина лежи стравот дека со решавањето на климатските предизвици неизбежно ќе треба да избереме помеѓу заштитата на планетата или заштитата на работниците и економиите кои ги одржуваат потребите на населението.
Синергијата на сите планови и активности што ќе се спроведат врз основа на Зелената агенда може да го приближи Западен Балкан кон ЕУ, но и значително да ја подобри еколошката состојба на цела Европа.
Затоа, Концептот на „Праведна транзиција“ е воведен како сеопфатна рамка за водење на нашата трансформација кон еколошки општества на начин кој е социјално правичен и рамноправен.
Економијата и екологијата повеќе не се сфаќаат како спротивставени, туку како кумулативни.
Различен свет значи добар живот за сите.
Различен свет не значи сметките да ги плати најсиромашниот слој на население. Ниту пак тоа треба да е на штета на постоечките бизниси. Но со одредена поддршка, субвенции, финансирање на преструктурирањето сето тоа е возможно.
Мора да постои најава дека се оди во насока на напуштање (со рокови) на фосилните горива со цел да се обезбеди планирање на инвестициските проекти и активностите за праведна транзиција.
Дискусијата во врска со енергетиката да биде демонополизирана и да биде транспарентна не криејќи ги деталите зад затворени врати. Таа треба да ги вклучува засегнати страни (засегнатата заедница и оние кои ги донесуваат одлуките).
На тој начин, праведната транзиција станува вистински возможна во регионите кои ископуваат јаглен. Таа станува прифатлива и корисна за сите.
Народот е тој кој треба да побара транзицијата да се случи, а политичарите треба да ја дадат својата поддршка.
Активностите во оваа насока ќе бидат корисни за засегнатите заедници и за индустријата во процесот на преструктуирање, но исто така и за безбедноста на енергетските системи, затоа што промената ќе се случува постепено и во еден договорен и очекуван контекст за сите оние кои се инволвирани.
Со оглед на тоа дека транзицијата нема да се случи за еден ден, од суштинска важност е да се определат одредници и индикатори кои ќе бидат остварени во процесот преку кои ќе се обезбеди дека истиот се наоѓа на вистински пат.
А процесот треба да обезбеди поквалитетен начин на живот, неоштетен џеб на обичниот граѓанин, поддршка на бизнисите во трансформацијата на процесите и преструктурирањето за да имаме заштитена животната средина. Што побрзо, толку подобро. Резервна планета немаме!