МЕРИТА МАКСУТИ
Ме засега феноменот на зелениот концепт воопшто, не само кај туку и пошироко во регионот. Софиската декларација за Западен Балкан е убава замисла, но во идеални услови кога сите ние ќе се освестиме за важноста на идниот зелен начин на размислување. Некои ќе кажат „големите размислуваат глобално а малите локално“. Тажно е кога патетиката ќе прерасне во трагикомедија за која е доцна за суштинска дијагноза, а можеби предоцна за терапија.
Пример – прогласувањето на Шар Планина за национален парк, а истовремено градење и доградување на мини хидро централи кои по сите научни и други истражувања не се исплатливи не само кај нас, туку воопшто , е друга апсурдна крајност. Но, да се разбереме, исплатливоста постои, но прашањето е за кого? Поразителен е фактот дека од сите вложени средства за обновливи извори на енергија, кои патем ние ги субвенционираме, МХЦ успеале да обезбедат само 2,6% од вкупните потреби на енергија. Дали и законите во државата се прилагодуваат за „подобра и позелена“ иднина на државата? Оваа тема ме интригира уште пред да се наслути за енергетската криза која стана мошне актуелна и за најобичниот граѓанин. Но овој феномен на реакција и освестување се случува само тогаш кога силно ќе го осети по џебот. Но, Балканецот не спречува, за жал, лекува. Кога ќе се помешаат недостаток на визија и перспективно размислување за идните генерации, ќе добиете фатален коктел на парализа и нефункционирање.
Впрочем, долга е листата на причините зошто токму овој вид на обновлива енергија не е еколошка и е во колизија и со нашата свест и совест, а богами и нашите паричници.
Се поставува прашање -колку истражувања и реакции на вистински зелените активисти ќе има за да ги освестат граѓаните, за да тие истите гласаат за локални и инстант wannabe “Зелени агенди“ на кои хронично и очајно им недостасува минимална еколошка култура?
Скоро еден мој другар писмено рефлектираше околу разликата помеѓу игнорантност и непознвање, и на пластичен начин ја пренесе нашата реалност, што е несреќно искомбинирано и навлезено во сите пори на нашето битие. Можеби нас ни се допаѓа комфорот на континуирано незнаење како свесен чин на избор и незнаење, кое нема да смени форма доколку нема реакција на љубопитност. Но, сепак мислам дека незнаењето се оправдува само со ограничен пристап до информации, што во денешно време ќе признаете е оксиморон. Информации има во изобилство, а волја никаде.
Каде згрешивме во чекори и дали сме толку успешни само во едно а тоа е одржување на балансот на акција-(не)реакција и свест- (не)совест?
Имам чувство дека чекориме по патот кои другите го трасирале без да не прашаат и без свесност за правецот на движење, зошто всушност чекориме по тој пат. Дали заради тоа што некој таму кажал дека така треба или затоа што сме самите убедени дека така треба. Се надевам дека наскоро првин ќе се освестиме дека така треба, а потоа ќе ја активираме и нашата совест за да правиме како треба.
This post is also available in: English