ЏАБИР ДЕРАЛА
Имав прекрасна можност и чест да бидам водител на панел дискусијата „Руско-украинската криза и Северна Македонија“ (9 февруари 2022) во која учествуваа извонредни учеснички и учесници, меѓу кои и украинската амбасадорка во нашата земја, Н.Е. Наталија Задорожњук.
Цивилизациска војна
Во десет минути, амбасадорката Задорожњук направи одличен политички и историски пресек на една долготрајна криза, ја претстави ситуацијата со Русија преку факти и податоци кои, за жал, малку се присутни во медиумскиот простор во нашата земја. На крајот од своето излагање, амбасадорката рече:
„Или сите ние демократски цивилизирани земји ќе се обединиме врз основа на демократијата, државниот суверенитет, правото на секоја земја да си го избере својот пат на развој, ќе дадеме силен отпор на обидите светот да се подели на зони на влијание – или ќе изгубиме во оваа, како јас би ја нарекла, цивилизациска војна. Но, сигурна сум дека заедно ќе победиме.“
Значајни за јавноста беа и излагањата на проф. Весна Попоска од Универзитетот „Визион“, Росана Алексоска од МОСТ и новинарските ветерани и аналитичари Александар Николиќ Писарев и Љубомир Костовски. Беше вистинско задоволство да се слушне ова изобилство од податоци и анализи. И, за жал, ова е ретка прилика во денешно време, да се слушнат ставови, информации и анализи, издигнати над густите облаци од пропагандната прашина.
Неколку факти од „Источниот фронт“
Украина е самостојна држава. Русија изврши воена агресија и окупира дел од територијата на оваа земја. И сега, Русија вели дека е нападната.
Да се потсетиме на фактите од „Источниот фронт“. Руско-украинската криза започна кон крајот на 2013-та и кулминира во 2014 година со воената агресија и анексијата на полуостровот Крим и воено-политичката и пропагандна поддршка на проруските паравоени формации во источните делови на Украина.
Во моментов, 7,2% од украинската територија е под окупација, на границите со Украина се распоредени повеќе од 100,000 руски војници и тешко вооружување, а во тек се големи дипломатски напори да се одврати Русија од целосна инвазија на Украина. Повеќе од 15.000 луѓе го изгубија животот во борбите од 2014 година до денес.
Веројатно со најдобри намери, францускиот претседател Емануел Макрон прави дипломатски маневри во обид барем на кратки патеки да го сочува мирот, преку инсистирање на Договорот Минск-2, прилично нефункционален документ кој само им даде време на проруските паравојски да се прегрупираат и да продолжат со окупација на дел од украинската држава, со силна поддршка од Кремљ. Типична ситуација со мировните договори, особено ако Русија е на едната страна на потписниците.
Оваа тешка приказна е дел од историјата и сегашноста на украинската нација, која и досега е алармантна и мрачна, а допрва може да се претвори во хорор. И тоа не само за двете земји, Украина и Русија, туку за целиот свет.
Ранливоста на Западен Балкан
Оваа криза има силно влијание на целиот свет, а последици веќе се чувствуваат во Северна Македонија, како и во земјите на Западен Балкан. Пред сè, земјите на Западен Балкан се ранливи по многу основи. Тие не се под чадорот на ЕУ, која има далеку поголема економска и политичка моќ да ги заштити своите земји членки.
Добрата вест е дека дел од земјите на Западен Балкан се членки на НАТО, но добрите вести завршуваат отприлика таму. Бидејќи, живееме во ера во која пропагандата и хибридните безбедносни закани можат да направат хаос, без ниту еден испукан куршум.
Тоа што луѓето најлесно го разбираат се последиците по економијата, нивниот стандард, снабдувањето со енергија… Многу помалку ги разбираат начините на кои пропагандата ги уништува сигурноста и спокојот. Силниот пропаганден притисок ги прави сите земји во регионот подложни на политичка нестабилност и безбедносни кризи.
Општеството и јавноста се поделени на проруски и прозападни, луѓето без двоумење се впуштаат во „војни на зборови“, не можејќи да ги разделат реалноста и фактите од пропагандата и дезинформациите.
Секој може да ги дознае фактите, ако сака
Деновиве, од повеќе страни пристигнуваат честитки и признанија за трудот кој го вложува екипата на ЦИВИЛ во разбивање на дезинформациите и митовите околу руско-украинската приказна. Еден новинар, чие мислење и текстови особено ги ценам, му се јавил на мојот колега Мишев и му рекол дека изгледаме како да имаме дописништво во Украина. Немаме, но затоа се трудиме да ги пронајдеме фактите и вистинските извори. Прашуваме, проверуваме и повторно прашуваме. И дознаваме.
Секој може да ги дознае фактите во денешно време, само треба да посака. ЦИВИЛ како организација и ЦивилМедиа како медиумска платформа на македонски, албански и англиски јазик, секојдневно објавува вести од тој регион. Голем број анализи, изјави и интервјуа беа направени со користење на релевантни извори кои пред македонската јавност ја претставуваат состојбата каква што е, лишена од пропаганда и манипулации со фактите.
Изворите на ЦивилМедиа се, меѓу другите, независните медиуми, експерти и институции и во Русија и во Украина, вклучувајќи ги тука официјалните веб страници на руското и украинското МНР. Се разбира, авторките и авторите кои пишуваат за медиумската платформа на ЦИВИЛ како извори користат литература и релевантни медиуми, експерти и државни институции и од земјите на Западен Балкан, ЕУ и САД.
Сето тоа заедно е еден чесен и професионален обид да се придонесе кон објективно информирање и дебата заснована на факти. Панел дискусијата на ЦИВИЛ открива дека нашето општество има извонреден потенцијал, експерти и аналитичари со продлабочени знаења и разбирање на состојбите и процесите. Само треба да им се даде простор во јавноста.
Ритамот на злокобниот танц
Слободољубивиот дел од светот е свесен дека слободата и мирот на Украина значат слобода и мир за Европа и светот. Светскиот мир виси на конец. Но мирот не зависи од тоа дали една суверена држава сака да се приклучи кон некоја меѓународна асоцијација, туку од државата што поставила тенкови на границите со соседната држава. Зависи и од тоа колку светот ќе се однесува исто како и во годините пред почетокот на Втората светска војна. И колку јавноста во демократските општества ќе дозволи да бидат злоупотребени инструментите на демократијата во полза на руската пропаганда.
Проблемот со дезинформациите не е во тоа што нема информации и експертиза, нив очигледно ги има во изобилство. Луѓето, едноставно, се жртви на пропагандата, која ги ги наведува да им се оддадат на емоциите, колку и да се тие непријатни и мрачни. Реалноста е толку „вистинита“ колку што се совпаѓа со нашите предрасуди. За жал.
Некој ќе рече – одлуката да не им се верува на фактите, не ја намалува нивната точност. Тоа се подразбира, но суштината не е во вредноста на фактите и вистината, тоа е неспорно, туку дали и колку луѓе им веруваат на невистините кои ги потврдуваат нивните предрасуди.
А предрасудите, пак, се откриваат и искористуваат, но и се создаваат или поттикнуваат претходно и паралелно со пропагандните операции во образованието, медиумите, културата, религијата, естрадата… Комплексно, зарем не? Имено, политичките состојби и процеси зависат од тоа колкав број луѓе ги затвориле очите пред разумот и им се предале на базичните емоции (стравот, лутината, тагата и љубовта) што ги предизвикале дезинформациите и другите пропагандни операции. Во тие бројки и пропорции се крие ритамот на злокобниот танц.