Џабир Дерала на јавниот настан на ЦИВИЛ „Циркуларна економија: Потенцијали и предизвици за идните генерации“ ( 26 јуни, 2022 година), говори за импактот на циркуларната економија врз социјалната правда, го опфаќа аспектот на глобалниот конзумеризам, придобивките од рециклирањето и општествените услови за циркуларната економија.
„Мислам дека на светот не му е потребна циркуларна економија, туку му е потребен сериозен зафат, а тоа е промена на системот. Тоа значи дека циркуларната економија може да даде само делумен одговор на нашите големи и сериозни предизвици кои се пред општествата во светот и пред природата, и воопшто еколошката слика на планетата. Меѓутоа, повторно ќе кажам, циркуларната економија не е доволна, таа не го дава вистинскиот одговор, промената на системот е вистинскиот одговор. Колку што ова звучи можеби и револуционерно и повикувачки, толку е и невозможно“, рече Дерала.
Дерала се осврна на значењето на циркуларната економија и зачетоците на глобално ниво, како и светската, но и европската перцепција и стратегија за овие зелени политики.
„Темата за циркуларната економија ја следам подолго време, триесет и некоја година, започнав како новинар под уредничкото водство на Орданоски, и моите први ангажмани беа токму на темата екологија и социјална правда. И впрочем, можам да кажам дека циркуларната економија како поим, како израз, како некоја тенденција во економијата постои уште од раните шеесетти години. Во 1966 година тоа беше “buzzword”, не се викаше циркуларна, меѓутоа имаше делови од значењето на она што денес подразбираме под циркуларна економија. Во тоа време се нарекуваше “cyclic economy” или циклична економија. Осумдесет и осмата година како циркуларна економија почнува да се употребува во литературата и во говорите на политичарките и политичарите. Значи, ова не е ништо ново.
Дерала истакна дека циркуларната економија е една од столбовите на Европската зелена спогодба, но дека остануваат повеќе отворени прашања во контекст на социјалната правда.
Циркуларната економија, од она што се чита во документите на ЕУ, е една од столбовите на она што се нарекува стратегија за новиот „зелен дил“ или новата спогодба “European Green Deal”. Но ако гледате на тоа од друга страна, ако погледнете кои се основите на циркуларната економија, доаѓате до едно многу сериозно прашање: Кој ќе заработи најмногу од таа циркуларна економија, а кој ќе биде сиромашен, ќе остане сиромашен или ќе стане уште по сиромашен? Заради тоа што циркуларната економија зборува за, да кажеме, повторна употреба на нештата. Ако сте богати, ќе купите ново, а потоа ќе им го дадете на посиромашните да го употребуваат. И на најсиромашните да го употребуваат она последното што е останато. Да поправате а не да фрлате, се разбира, тоа е дел од културата на едно просечно општество, или семејство, уште по микро ниво.“
„Дали циркуларната економија подразбира нови работни места кои се атрактивни за младите генерации? Или тоа ќе бидат работни места кои и во денешно време, а и порано, ги сметаме за понижувачки работни места? Слабо платени работни места…“, Дерала се осврна на социјалната правда и односот на она што значи циркуларна економија кон општеството.
„Дали циркуларната економија со промоција на рециклирање, повторна употреба итн., ќе придонесе кон тоа конзумеризмот како глобална култура, да се намали? Или само ќе се продолжи векот на траење на одредени продукти? Што исто така подразбира дека во фабриките, производителите ќе мора да почнат повторно да произведуваат поквалитетни производи. Заради тоа што ние знаеме дека порано една машина за перење алишта траеше десет, петнаесет, дваесет години, некои уште користат од југословенското време машини за перење и сосема добро функционираат, додека новите што ги купуваме, ги плаќаме навистина добро, и се разбира тие траат три, четири, пет години, колку што им трае гаранцијата ако при купувањето платите екстра, и потоа треба да ги фрлите, бидејќи електрониката и другите делови едноставно не може да се обноват на доволно квалитетен начин за вие да ги користите понатаму. Тоа исто така се однесува на многу други работи, почнувајќи од лаптопот и завршувајќи со сите други уреди околу нас, на кои сме навикнати како на еден секојдневен комодитет. Замислете да ги нема! Тогаш ќе имаме повеќе циркуларна економија, но тогаш нема да биде истата цивилизација. Тогаш конзумеризмот ќе треба да се тргне од дневен ред, меѓутоа конзумеризмот освен тоа што е начин на живеење и постоење на економски и општествен па и културен план, вие имате исто така и зависност од конзумеризмот.
Исто така, Дерала смета дека се отворени прашањата за новите работни места што ќе се отворат со воведувањето на циркуларната економија.
Велите дека циркуларната економија ќе отвори нови работни места, погледнете кој ќе сака да ги земе тие работни места во новите начини на спроведување на циркуларната економија? Дали циркуларната економија подразбира нови работни места кои се атрактивни за младите генерации? Или тоа ќе бидат работни места кои и во денешно време, а и порано, ги сметаме за понижувачки работни места? Слабо платени работни места… Циркуларната економија подразбира една многу силно развиена, супер фантастична блескава комунална хигиена. Кој работи сега таму и за колку пари, и на што личи комуналната хигиена? Рециклирањето, се разбира дека е апсолутно еден од стожерите на циркуларната економија, но во тоа треба прво да се вложи во јакнење на јавната свест и едукација, како што претходно спомна г-ѓа Морачанин, но треба да има и политичка волја и институционална инвестиција. Затоа што ако вие зборувате за рециклирање а не правите ништо, како јас со развиена јавна свест да рециклирам, кога нема никакви услови за такво нешто…“
Дерала посочи дека на глобално ниво се зборува за силно учество на државата во циркуларната економија, со стимулирање на компаниите да работат на зелени работни места, да рециклираат, да го продолжуваат рокот на траењето, и да прават поквалитетни и подолготрајни производи.
„Што правиме, значи одиме кон социјализам, или граѓанката или граѓанинот два пати да ја платат истата работа, впрочем да испадне поскапо да бидете во еден систем на циркуларна економија, отколку во овој систем“, вели Дерала.
Д. Тахири
Камера: Дехран Муратов
Реализација и монтажа: Ариан Мехмети
Настанот е дел од Неделата на циркуларна економија на Западен Балкан која се одржува од 23 до 27 мај низ целиот регион на Западен Балкан.