Северна Македонија денеска го заврши Вториот проект за подготвеност за Зелениот климатски фонд со кој се поставуваат темелите за климатски активности предводени од државата во иднина. Завршниот настан го организираа ФАО и Кабинетот на Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, во улога на Национален назначен орган за Зелениот климатски фонд (ЗКФ).
Зелениот климатски фонд е важен партнер на Северна Македонија во пристапот до финансиски средства за реализирање на приоритетите за климатска акција согласно Парискиот договор, Целите за одржлив развој и остварување на обврските за клима во рамките на претпристапниот процес на Европската Унија.
Надоврзувајќи се на резултатите од Првиот проект за подготвеност, завршен во 2019 година, во рамките на Вториот проект, Владата и ФАО работеа заедно на понатамошно зајакнување на знаењето и капацитетот на Националниот назначен орган и релевантните партнери за пристап до Зелениот климатски фонд.
Вицепремиерот Битиќи се осврна на придобивките од проектот, како – „Финализирање на Национална работна програма за Зелениот климатски фонд со конкретни приоритети и детален преглед на проектни / програмски идеи (од јавни и приватни чинители, на национално и локално ниво) во идентификуваните приоритетни сектори – енергетика, транспорт, водни ресурси, земјоделство, отпад, биолошка разновидност, здравство, шумарство и културно наследство – што ќе се спроведе како дел од напорите на Северна Македонија за справување со климатските промени.
Препознавајќи ја клучната улога на приватниот сектор во климатски отпорен развој со ниски емисии, преку овој втор проект за подготвеност, Владата и ФАО во рамки на овој проект дадоа посебен акцент на ослободување на потенцијалот на домашните приватни компании за климатски инвестиции, преку нивно едуцирање за прашања поврзани со климатските промени, за климатските финансии и за употребата на технологии и иновации за ублажување и адаптација на климатските промени.
Главен чекор за зајакнување на ангажманот на приватниот сектор во климатска акција и инвестиции е неодамнешната одлука на Владата од 12 Април 2022 година да го номинира Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) да биде првиот национален субјект што ќе го започне процесот на акредитација за Зелениот климатски фонд. Вицепремиерот ја потенцираше важноста на процесот на акредитација кон Зелениот климатски фонд, додавајќи дека ФИТР ќе биде прва акредитирана институција кон Зелениот климатски фонд од Западен Балкан со директен пристап до финансии од Фондот, како институција со искуство во менаџирање на проекти кои се поврзани со климатска акција, но и нуди можности за иновативни решенија. Со овој процес Фондот за иновации се издигнува на ниво на останатите меѓународни организации кои се акредитирани кон Зелениот климатски фонд, како Светска банка, Агенциите на Обединетите нации, ЕБРД, ГИЗ, ЕИБ, итн.“, истакна вицепремиерот Битиќи.
Во овој контекст, Заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и директорот на ФИТР, денеска потпишаа Меморандум за соработка во насока на зацврстување на идното партнерство за поттикнување на климатска акција кај приватниот сектор. Како прв чекор, тие го објавија својот прв заеднички јавен Повик за предизвик за „Справување со климатски промени 2022“. Предизвикот има за цел да поттикне зголемување на активности за развивање и примена на иновативни технологии, производи и процеси за ублажување или прилагодување на последиците од климатски промени, што ќе придонесе кон глобалните напори за справување со климатските промени и поактивно вклучување на приватниот сектор во развојот на зелените бизниси и креирање на нови работни места во оваа област.
„Драго ни е што испорачавме долгорочно влијание надвор од животниот век на проектот, преку искористување на експертизата на ФАО, како акредитиран ентитет за Зелен климатски фонд, поддржувајќи ја Северна Македонија да го зголеми својот капацитет да мобилизира климатски финансии од Зелениот климатски фонд за активности за ублажување и адаптација на климатските промени предводени од самата држава“, изјави Набил Ганги, Заменик регионален претставник на ФАО за Европа и Шеф на ФАО во Северна Македонија.
Фестим Халили, директор на ФИТР, истакна дека ова е вистински пример за проектна одржливост и итно дејствување. „Дополнително на владините политики и стимулации за постигнување на климатските цели и зелен развој, ние му даваме на приватниот сектор единствена можност за инвестиции кои ќе поттикнат иновација и климатска акција низ секторите“, додаде тој.