“Човекот на оваа планета може да се спаси само доколку води сметка, освен за својот живот, и за се’ живо, почитувајќи го својот живот колку и животот околу себе”, рекол Херберт Грул (германски политичар, екологист и писател. Тој е најпознат како автор по неговата книга од 1975 година „Планетата е ограбена – хорор на нашата политика (A Planet is plundered – The horror of our politics).
Длабоката екологија (Deep ecology) е еколошка филозофија која ја промовира вродената вредност на сите живи суштества без оглед на нивната инструментална корист за човечките потреби и реструктуирање на современите човечки општества во согласност со таквите идеи.
Според енциклопедија Британика, длабоката екологија како општествено движење се заснова на верувањето дека луѓето мора радикално да го променат својот однос кон природата од однос кој ја вреднува природата исклучиво поради нејзината корисност за луѓето во однос кој признава дека природата има вродена вредност. Понекогаш наречена „екософија“, длабоката екологија нуди дефиниција за себството што се разликува од традиционалните поими и е општествено движење кое понекогаш има религиозни и мистични призвуци.
Фразата потекнува од 1972 година од норвешкиот филозоф Арне Неес (Arne Naess), кој, заедно со американскиот екологист Џорџ Сешнс (George Sessions), развил платформа од осум организациски принципи за социјалното движење за длабока екологија. Длабоката екологија се разликува од другите видови на екологија со тоа што дава пошироки и поосновни филозофски тврдења за метафизиката, епистемологијата и социјалната правда.
Принципи на длабока екологија:
1.Благосостојбата и буењето на човечкиот и нечовечкиот живот на Земјата имаат вредност сами по себе. Овие вредности се независни од корисноста на нечовечкиот свет за човечки цели.
- Богатството и разноликоста на животните форми придонесуваат до остварување на овие вредности и тие се исто така вредности сами по себе.
- Луѓето немаат право да го намалуваат ова богатство и разноликост, освен за да ги задоволат животните потреби.
- Буењето на човечкиот живот и култури е соодветно со суштествено намалување на човечкото население. Буењето на нечовечкиот живот бара такво намалување.
- Сегашното човечко вплеткување со нечовечкиот свет е прекумерно, а состојбата забрзано се влошува.
- Доминантната општествено-политичка состојба на живеење мора поради тоа да заврши. Ова ќе влијае коренито на економските, технолошките и идеолошките состави. Исходот од состојба на работите ќе биде длабоко различна од сегашната.
- Идеолошката промена е главно содржана во почитувањето на вредноста…, одошто во останување верен кон напреден повисок стандард на живеење. Ќе има длабока свест на правење разлика меѓу големо и значајно.
- Оние, кои се сложуваат со претходните точки, имаат обврска директно или индиректно да учествуваат во обид да се спроведат неопходните промени.
Длабоката екологија тврди дека природниот свет е комплекс на односи во кои постоењето на организми зависи од постоењето на други во екосистемите. Тој тврди дека невиталното човечко мешање или уништување на природниот свет претставува закана не само за луѓето туку и за сите организми кои го сочинуваат природниот поредок.
Основниот принцип на длабоката екологија е верувањето дека животната средина како целина треба да се почитува и да се смета дека има одредени основни морални и законски права да живее и да цвета, независно од нејзините инструментални придобивки за човечка употреба.
Длабоката екологија често е врамена во однос на идејата за многу поширока општественост; ги препознава различните заедници на животот на Земјата кои се составени не само преку биотски фактори, туку, каде што е применливо, преку етички односи, односно вреднување на другите суштества како повеќе од само ресурси.
Длабоката екологија зазема холистички поглед на светот во кој живеат луѓето и се обидува да го примени во животот разбирањето дека одделните делови од екосистемот (вклучувајќи ги и луѓето) функционираат како целина. Филозофијата се однесува на основните принципи на различните еколошки и зелени движења и се залага за систем на еколошка етика кој се залага за зачувување на дивината, неприсилни политики кои го поттикнуваат намалувањето на човечката популација и едноставен живот.
Поборниците на длабока екологија го апострофираат катастрофалното влијание на индустриската цивилизација врз природата и препорачуваат нејзино напуштање. Како причина го наведуваат фактот дека сите досегашни видови развој безусловно водат кон осиромашување на природните ресурси, и дека проблемите со животната средина остануваат нерешени. Оваа школа го цензурира антропоцентричниот пристап во односот земја-човек, и проширувајќи го моралот и правдата, ги прокламира правата на природата. Имено, не е човекот единствениот кој има права; права имаат и растенијата, и животните, па дури и неорганските елементи. Ништо не ја легитимира човековата амбиција да ја експлоатира природата. Напротив, тој ја должи својата почит кон неа и кон нејзините креации.
подготви: Биљана Јордановска
Користени линкови:
https://thinkportal2.wordpress.com/2012/09/11/shto-e-dlaboka-ekologija/
https://en.wikipedia.org/wiki/Deep_ecology
https://eprints.ugd.edu.mk/3522/1/Matlievska_Zbornik_EF%20UGD_2010.pdf