Нашата планета е населена со неверојатен број на најразлични видови на живи суштества (биодиверзитет, биоразновидност). Од овој ресурс зависат сите идни генерации, бидејќи тој претставува врска помеѓу сите организми на Земјата. Биодиверзитетот е предуслов за здравјето на планетата, а секое негово нерушување има директно влијание врз квалитетеот на живеењето.
Во текот на историјата на животот на земјата, видовите се појавувале, еволуирале, поттикнувале нови видови и исчезнувале. Овие појави се дел од природниот процес на животот кој постојано се одвива. Истребувањето е неизбежен и очекуван дел од циклусот.
Во изминатите петстотини милиони години, познати се пет масовни изумирања, кои речиси го збришале целокупниот живот на Земјата, а причините за тие појави се климатските промени, геолошките и астриномските настани.
Но во последно време, сведоци сме на зачестени промени во рамките на целокупниот жив свет и неговата природна средина, се поинтензивното загрозување, па дури и изумирање на најразлични растителни и животински видови.
Тие промени, кои се со огромен опсег и интензитет на делување (речиси насекаде и подеднакво на земјината топка), се должат на негативното влијание на човекот врз природата.
Проучувањата на животинските видови кои се соочуваат со висок ризик од исчезнување, од страна на научниците и конзерваторите, всушност се однесуваат на загрозените видови. За загрозени видови се сметаат природните видови кои се соочуваат со значителен ризик од истребување во блиска иднина, во текот на целиот или значителен дел од својот опсег.
Причини за загрозеност може да се:
-Уништување на природните живеалишта
– Контаминација
-Лов и риболов
– Колекција на видови за зоолошки градини и експериментално истражување
– Воведување на егзотични видови
– Климатски промени
– Природни непогоди
– Опсег на дистрибуција на видови
Сите ресурси ( кислородот што го дишеме, храната што ја консумираме и водата што ја пиеме) што ни овозможуваат елементарен начин на живот, доаѓаат од биодиверзитетот на планетата. Со неговото нарушување и загрозување се копромитира и опстанокот на тие ресурси.
Научниците веруваат дека холоценското (сегашното) масовно изумирање започнало пред 11 до12 илјади години, со појавата на модерниот човек и се уште трае. Неоспорно, за ова шесто масовно изумирање виновник е човекот. Сознанијата за интензитетот на последиците од овие процеси се фасцинантни, а предвидувањата морбидни.
Поимот за загрозен вид, првично бил користен само од страна на биолозите и еколозите. Неговото правно значење е стекнато кога земјите низ светот, под притисок од еколошките движења, усвоиле закони кои дефинираат одредени видови како загрозени.
Во согласност со овие закони, се преземаат различни мерки за спречување на истребувањето на овие видови.
Еден од првите и основни чекори во заштитата на видовите е да се утврди степенот и причините за загрозеноста на видовите, во одредени географски области. За овие цели се користат црвени книги и црвени листи. Црвената листа е листа на загрозени видови, распоредени по категории (според сериозноста на статусот на загрозеност), додека Црвената книга содржи подетални информации за основните карактеристики на видот, степенот на неговата загрозеност, факторите на загрозување, како и предлог мерки за заштита на видот.
Најпознатата листа на загрозени видови на глобално ниво е Црвената листа на загрозени видови на IUCN (Меѓународна унија за заштита на природата). Во моментов, на Црвената листа на IUCN има повеќе од 116.000 видови, а повеќе од 31.000 видови се загрозени со истребување.
Многу нации имаат донесено закони кои ги штитат загрозените видови, со кои на пример, забрануваат лов, го ограничуваат развојот на земјиштето или создаваат резервати.
Обединетите нации го прогласија 22 мај за Меѓународен ден на биолошката разновидност, за да се нагласи големата улога на биолошката разновидност како глобална вредност од непроценливо значење за сегашните и идните генерации..
Овој ден не потсетува на богатството и разновидноста на животот на Земјата и неговата важност, што секако не наведува да се запрашаме: „Што секој од нас може да направи?“.
„Земјата обезбедува доволно за потребите на сите, но не и за алчноста на сите.“
Махатма Ганди
подготви: Наташа Малинка Миновска
Линкови:
https://sr.wikipedia.org/wiki/
https://www.slideserve.com/byrd/retke-i-ugrozene-vrste-biljaka-i-zivotinja
https://www.iucn.org/sites/dev/files/import/downloads/iucn_crvena_lista_izlozba.pdf
https://hr.eferrit.com/ugrozene-vrste/
https://www.slideshare.net/aleksandraikonov/ugrozene-vrste
http://www.biologija.rs/ugrozene_vrste.html
https://bs.eferrit.com/sta-su-ugrozene-vrste/
https://www.24sata.hr/tech/covjek-je-kriv-za-6-izumiranje-ali-hocemo-li-ga-mi-prezivjeti-442143
https://ekoblog.info/zasticene-vrste/