Во периодите кога времето се стоплува е време кога правиме генерално чистење на домовите и на нашите ормари. Зимските алишта се заменуваат со летни, купуваме и нова облека, но што се случува со алиштата и обувките од текстил кои веќе нема да ги носиме?
Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на индустриското производство се зголемува. Зголемување во секторот на преработувачка индустрија е забележано и во производството на облека. Од друга страна, кај нас не се изработува статистика колку алишта купуваме месечно или годишно. Но, според Центарот за промоција на увозот од земјите во развој (ЦБИ) просечен човек купува 60 отсто повеќе парчиња облека секоја година, создавајќи огромна количина отпад.
Текстилната индустрија, исто така, во голема мера зависи од чиста вода низ целиот процес на производство. Според невладината организација од Копенхаген, Глобал фешн Агенда, научниците проценуваат дека текстилот произведува 35 отсто од микропластичното загадување во светските океани, што би го направило текстилот еден од најголемите познати извори на загадување со микропластика.
Обединетите нации предупредуваат и дека за да се направи еден пар фармерки потребни се речиси 8.000 литри вода. Оваа количина еден човек може да ја испие за дури седум години. Околу 1,7 милијарди тони јаглерод диоксид во атмосферата годишно доаѓаат од индустријата за облека и текстил. Експертите од Светскиот Институт за ресурси пресметале дека ако потрошувачката продолжи со ова темпо, ќе ни требаат три пати повеќе природни ресурси до 2050 година во споредба со количините кои ги трошевме во 2000 година.
За да се заштити животната средина и да се намали текстилниот отпад во светот изминативе години произлегоа повеќе иницијативи кои изнаоѓаат креативни и иновативни начини на преработка на текстилот. Но, кај нас облеката и другите ткаенини што веќе не ги користиме најчесто завршуваат на депониите измешани со друго ѓубре и ретко се рециклираат.
Изразено во тони, минатата година селектирани се само 8.737 тони текстилен отпад.
Најчесто, парчињата користена облека и текстил што не ни требаат завршуваат покрај контејнерите, со надеж дека некој ќе си најде нешто што му е потребно. Но, ако не заврши заедно со другиот отпад, често се случува потоа да видиме расфрлани партали по тротоарите и маалските паркови.
Во Скопје има неколку контејнери на Црвениот краст каде може да се донира облека која е добро сочувана и чиста, обувки, постелнина, ќебиња, пешкири, играчки, ташни, украси, модни додатоци и дугии текстилни производи. Донациите ги добиваат лица во социјален ризик (семејства, лица сместени во згрижувачки семејства и лица сместени во институции), а дел може и да се купи во центарот на градот во социјалното претпријатие „Копче“ по многу ниски цени.
Освен оваа опција, на социјалните мрежи има повеќе профили на онлајн продавници за продажба или донаци на употребувана облека. Купувањето на веќе користена облека во светот е многу популарно, во многу европски земји некои парчиња достигнуваат и многу високи цени заради тоа што се сметаат за антиквитети.
Кај нас иницијативите преку кои младите имаат шанса преку размена или реупотреба на облеката да го освежат свјот гардеробер се ретки. Претставници на некои од познатите домашни дизајнерски брендови во разговор со Мета.мк велат дека воопшто не можат да користат веќе употребен текстил во нивните колекции.
„Замислете како би изгледало кога би корислете, на пример некоја екстра квалитетна свила, кога ќе се отпара тоа веќе не е употребливо. Реално светот многу е отиден напред во тој поглед, се користат и органски материјали. Но, ако ние тоа го воведеме нема да можеме да бидеме конкурентни со цените“, изјави за Мета.мк Силвана Чабулева, директорка во „Елена Лука“.
Додека од разни причини големите дизајнерски куќи сметаат дека не e едноставно едно парче облека да се прекрои, има млади дизајнери кои тоа го прават. Катерина Димитровска од Битола, чиј бренд е познат под името Luna Aditeya, смета дека текстилот не само што може да се користи еднаш или два пати, туку има многу животи. Од таа причина, според неа, треба многу посериозно да се регулира менаџирањето со користениот текстил. Односно, вели дека, треба да има контејнери кои ќе бидат специјално наменети за депонирање на текстил, а и со текстилните фабрики треба да се регулира реупотребата на парчињата ткаенини што остануваат од конфенциската обработка.
„За жал, со фабриките скоро и да нема соработка. Јас сум многу заинтересиана за движењето ‘Нула отпад’ и во личниот живот и професионално. Па така ги работам и моите креации за кои користам или мали парчиња ткаенини кои остануваат од кроење и од продажба кои веќе никој не би ги купил или веќе користена облека. Понатаму ги прекројувам, ги сликам и везам и ги дизајнирам на разни начини. Ситните парчиња ги користам за полнење, ништо не фрлам. Има случаи кога наоѓам поголем број од некоја облека и за мене тоа е можност да создадам ново парче, со соема поразличен изглед, за кои во други околности би требало материјалот да го купам од продавница за текстил“, рече Димитровска.
Младата дизајнерка е задоволна од интересот за уникатните парчиња облека кои ги изработува.
„Моите клиенти се претежно млади. Но, и голем број возрасни жени кои сакаат да купат нешто. Нив воопшто не им пречи дека ќе облечат нешто што е креација од материјал што веќе бил користен. Мислам дури дека и им фали вакво нешто на луѓето“, рече Димитровска.
Во недостаток на соработка со големите фабрики, Димитрвска соработува со платформата Второ Азно. Тие организираат сезонски акции за размена на облека и останати предмети (книги, додатоци и слично). Од оваа година веќе воспоставија практика на 4 размени во текот на годината, според актуелната сезона, баш тогаш кога сите правиме чистки на плакарите и се ослободуваме од она што не ни е потребно. Исто така организираат и вонредни настани, па оваа година учествуваа и на фестивалот „Д фест“ во Дојран каде организираа размена на облека за посетителите на фестивалот, а и редизајн.
„Освен нас скоро и нема воопшто други иницијативи за рециклирање текстил, барем не такви кои што сериозно и практично се занимаваат со ова прашање и нудат долгорочно решение. Сè уште текстилниот отпад од домаќинствата се фрла со мешаниот отпад на депониите притоа претставувајќи сериозна закана за животната средина. И покрај трендот на зелен маркетинг, кој често претставува т.н. greenwashing, нашата облека денес во поголем дел е направена од синтетички материјали, често форми на пластика, кои не само што се во директен контакт со кожата додека ги носиме, туку по фрлањето се разградуваат на честички микропластика, кои потоа ги загадуваат почвата и водите, а воедно и воздухот со нивно согорување и испуштање штетни гасови“, рече Ана Тодоровска од Второ Азно.
Таа, вистинската и долгорочна промена ја гледа во враќање на практиката од генерациите на нашите баби и дедовци на производство на текстил исклучиво од природни материјали и потполно отфрлање на синтетички материјали од употреба.
Според Тодоровска, слично како што рече и дизајнерката Димитровска, од она што веќе е произведено и со кое располагаме во моментот, треба да се осмисли и спроведе еден одржлив систем на управување со отпаден текстил и што е можно поголема реупотреба на текстилот кој ја изгубил својата примарна функција.
„Мислам дека темата на текстил од втора рака е сè уште табу тема бидејќи тоа е директно поврзано со идејата за некаков општествен статус. Иницијативата Второ Азно има за цел и да го разбие тој мит и да ја популаризира облеката од втора рака и целиот концепт на реупотреба, токму преку настаните. Веќе има редовни посетители кои редовно си наоѓаат соодветни парчиња и си заминуваат задоволни. Постојат уште неколку локални иницијативи кои се занимаваат со покренување свесност за оваа проблематика, како Fashion Revolution Macedonia“, рече Тодоровска.
Таа истаакна и дека сѐ уште живееме во потрошувачко општество кое диктира ритам купи-фрли-купи, а веќе ги чувствуваме последиците од овој стил на живот – буквално се затрупуваме во сопственото ѓубре, а тоа не е одржливо на планета со ограничени ресурси.
„Затоа Второ Азно вклучува елементи од моделот на циркуларна економија, нула отпад движењето и се повикува на мотото ‘Непотребното за тебе е богатство за друг’“, рече Тодоровска.
И додека младите активисти изнаоѓаат конктертни ефективни решенија, управувањето со текстилниот отпад во македонските институции останува само на хартија. Според Планот за управување со отпад на Република Северна Македонија за 2021-2031 г., одделното собирање на текстил како и опасен отпад од домаќинствата се предвидува да се прошири дури до 2025 година.
извор: МЕТА