Меѓу 5 и 8 август, ќе се реализира четиридневна уметничка работилница за креирање ‘лендарт’ во месноста Лавчани, во близина на Велес. Настанот е дел од проектот „Заедно дишеме“ на уметницата Симона Манчева, а целта на работењето со ‘лендарт’ е да се преиспитаат начините на кои ѝ пристапуваме на природата, како и да се крене јавната и политичка свест за екологијата и меѓузависноста на човекот со природата.
‘Лендарт’ е уметничко движење кое се појавило во 60-тите и 70-тите години на минатиот век преку креирање уметнички дела со користење природни материјали на отворен простор. Движењето било карактеризирано со алтернативен пристап кон уметничките практики кои ги поврзувале природата и културата преку одржливата уметност.
Група уметници и волонтери од Скопје, Велес, Неготино и Кавадарци ќе создаваат уметнички инсталации со природни материјали, како и со рециклирање на отпадна хартија, на место покрај автопатот Скопје – Велес кое се наоѓа во близина на железничката станица „Рајко Жинзифов“, во месноста позната и како Лавчани, во близина на село С’лп.
Во работилницата ќе учествуваат уметниците: Симона Манчева, Ана Трајковска, Ристо Јосифовски – Ромбо, Доротеј Нешовски, Елена Димова Пантелиќ и Славица Капиданова, и волонтерите: Уна Стошиќ, Викторија Чочева, Верица Чочева и Дарко Стојанов.
На третиот ден од настанот, 7 август, ќе се одржи и интерактивна Работилница за Пермакултура, со правење семенски бомби. Работилницата ќе ја реализира Елена Данова – едукаторка со познавање и искуство од областа на Пермакултурата и едукативно градинарство.
Повеќе за проектот:
„Заедно дишеме“ е партиципативен уметнички проект кој се состои од три етапи.
Етапа бр. 1 – Размена на знаења со искуства, соработка и негување.
Група уметници и екологисти од Скопје, Велес, Неготино и Кавадарци ќе создаваат уметнички инсталации со природни материјали, како и со рециклирање на отпадна хартија, на место покрај автопатот Скопје – Велес кое се наоѓа во близина на железничката станица „Рајко Жинзифов“, во месноста позната и како Лавчани, во близина на село С’лп. Оваа работилница е отворена за сите заинтересирани надворешни посетители на 7 и 8 август.
Етапа бр. 2 – Во својата следна фаза, овој проект опфаќа работилници за рециклирање и обработка на хартија предводени од Ана Трајковска и Драганчо Таневски, во соработка со ЈП Комуналец и одделение за хортикултура на о. Кавадарци. Иако е време на дигитални медиуми и комуникација, хартијата постојано е во употреба за чие производство се сечат многу дрвја.
Етапа бр. 3 – Третата фаза е во соработка со Македонски шуми – „БОР“ Кавадарци и планинарски клуб „ЗПК Зелен брег“ – Кавадарци.
Климатските промени долгорочно претставуваат закана по здравјето. Озонската формација зависи од присуството на озонски прекурсори во воздухот, високата температура и сончевата светлина, а шумските пожари го зголемуваат нивото на тврди материи во воздухот. „Најголем дел од голините во Република Македонија во седумдесетите години на минатиот век биле во централниот дел на државата, на потегот меѓу Титов Велес – Свети Николе – Штип – Неготино – Кавадарци. Овој регион кој зафаќа повеќе од 100.000 ха. Токму заради тоа во периодот од 1972 год. се вложувани посебни напори за пошумување на ова подрачје, со учество на околните општини (Т. Велес, Св. Николе, Штип, Неготино и Кавадарци) и со помош на Републичкиот совет за пошумување и Собранието на град Скопје, да се организира позабрзано пошумување. На територијата на овие општини во 1976 и 1977 год. се пошумени преку 3.000 ха голини, со што се започнало во совладувањето на тешкотиите на ова подрачје. Ваквите систематски акции се потврда повеќе дека во секаде во Македонија може да се пошумува.“
Оваа активности е реализирана во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“, финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.”
Целта на овој проект е да се овозможи активно делување и проактивност на заедницата во насока на отварање и решавање на проблеми и прашања на микро ниво.
Активноста е реализирана во соработка со КСП Центар-Јадро, во рамки на проектот „Места на дарежливост – трансформативни станици“ финансиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Просторот е отворен за медиуми во текот на целото реализирање помеѓу 5 и 8 август.