Ново одложување на донесувањето на Законот за климатска акција во земјава. Од Министерството за животна средина и просторно планирање на почетокот од годинава ветија дека законското решение ќе влезе во владина постапка за усвојување до крајот на првиот квартал од 2022 година, по што би се испратил на гласање во Собранието.
Сепак, од министерството сега велат дека Законот за климатска акција нема да се донесе годинава, а законодавната агенда за работа на Владата предвидува нацртот на Законот да се најде на седница до декември 2022 година, по што предлогот би одел во собраниска процедура.
„Законот за климатска акција е во фаза на ревизија и коментари од Секретаријатот на Енергетската заедница, заради негово доусогласување со Патоказот за декарбонизација на Енергетската заедница според кој е потребно да се транспонираат одредени барања од т.н. регулатива за управување со Енергетска унија и климатска акција“, објаснуваат за Мета.мк од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Станува збор за европска регулатива која била усвоена на ниво на ЕУ после затворањето на проектот за изработка на македонскиот закон, кој беше финансиски поддржан од ЕУ преку инструментот ИПА, информираат од ова министерство.
Инаку, постојната нацрт-верзија на Законот за климатска акција содржи неколку други одредби на ЕУ, кои ќе се транспонираат во македонското законодавство. Тука се вклучени Директивата 2003/87/EC на Европскиот парламент и Советот од 13 октомври 2013 година, која што воспоставува систем за тргување со квотите на емисии на стакленички гасови во рамки на Унијата.
Идниот закон ќе ја опфати и Регулативата (EU) 525/2013 на Европскиот парламент и Советот од 11 мај 2013 година за механизам за следење и известување за емисиите на стакленички гасови и за известување за други информации на национално ниво и на ниво на Унијата релевантни за климатските промени, како и Регулативата (EU) 2018/1999 на Парламентот на Европската Унија и на Советот од 11 декември 2018 за управувањето со Енергетската унија и за климатската акција.
ДЗС: Три години доцни правната рамка за координирана климатска акција
И додека од надлежното министерство се оправдуваат дека усвојувањето на законот доцни поради најновите измени на регулативата на ниво на ЕУ, од Државниот завод за ревизија критикуваат дека развојот на правната и стратешката рамка за координирана климатска акција во земјава се одвива со задоцнување од три години. Оттаму посочуваат дека Законот за климатска акција до денеска, не е усвоен.
„Воспоставената правна и институционална рамка во С. Македонија не ги обезбедува сите потребни услови за ефикасно и ефективно спроведување и следење на донесените мерки и политики за ублажување на климатските промени и потребно е да се преземат активности на национално и локално ниво за надминување на состојбите“, се вели во Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност „Преземени мерки и политики од страна на РСМ/надлежни органи со цел ублажување на климатските промени“.
Покрај доцнењето на новото законско решение, државните ревизори во Извештајот констатираат дека дел од одредбите во Законот за животна средина, кои се однесуваат на координираната климатска акција, не се во примена и не се преземени активности ниту за измена на Законот за животна средина.
Неусвојувањето на Законот за климатска акција е ограничувачки фактор за реализацијата на целите определени со Долгорочната стратегија за климатска акција, велат ревизорите.
„Отсуствува механизам за следење на реализацијата на активностите дефинирани во стратешките документи донесени од институциите во однос на емисиите на стакленички гасови. Не се донесени значајни подзаконски акти кои се однесуваат на реализација на целите на енергетска ефикасност, додека Националниот и Акциониот план за климатски промени не се ажурирани, поради што не се создадени услови за ублажување на климатските промени“, се наведува во Ревизорскиот извештај.
ЕУ и годинава ќе нè критикува за неусвоениот закон
Во минатогодишниот Извештај за реформскиот напредок на Северна Македонија за 2021 година, во делот за климатските промени, од Европската Комисија упатија јасна порака дека нашата земја треба да го усвои Законот за климатска акција, но и да вложи повеќе напори за да се имплементира ветеното од нас во однос на Парискиот договор за климатски промени, којшто беше потпишан во 2016 година.
Во делот на климатските промени, Европската Комисија во ланскиот Извештај критикуваше дека усогласувањето на правната рамка на земјава со правото на ЕУ останува ниско, додека човечките и финансиските ресурси се многу ограничени. Земјава лани доби пофалба за усвојувањето на Стратегијата за климатска акција и за подобрениот Национален придонес кон климатски промени, но нивната реализација зависи од постоењето на законот.
Поради неусвојувањето на Законот за климатска акција, веќе е извесно дека Европската Комисија и во годинешниот Извештај за реформскиот напредок ќе ги критикува македонските државни власти за пролонгирањето на рокот за донесување на законското решение.
извор: МЕТА