Речиси и да не постои човек кој не слушнал за феноменот наречен ефект на стаклена градина. Ставајќи го скоро секогаш во негативна конотација, многумина и не знаат дека тоа е природен феномен, кој речиси четири милијарди години е присутен во нашиот универзум. Неговото присуство претставува предуслов и го овозможува целокупниот живот на нашата планета Земја.
Природната појава – ефект на стаклена градина, која се одвива со посредство на стакленичките гасови (пред се на јаглерод диоксидот – СО2, јаглерод моноксид – СО, озонот – О3, сулфур хексафлуорид – SF6, водената пареа – Н2О, метанот – CH4 и азот субоксидот – N2O), на сончевата енергија и овозможува да продре до Земјата и да падне на неа како светлина. Таа светлина, потоа се враќа во атмосферата во форма на инфрацрвено (топлотно) зрачење и ја загрева.
Овој феномен ја одржува нашата планета доволно загреана, со што се обезбедуваат услови за нормално одвивање на сите физиолошки функции на живите организми. Отсуството на стакленичките гасови би ја намалило температурата на Земјата за околу 33℃, претворајќи ја во уште една безживотна планета на Сончевиот систем.
Ефектот на стаклена градина, кој за сето време претставувал благослов за Земјата, изгледа дека во изминатиот век се трансформирал во сериозна закана, предизвикана од активностите на човекот. Со индустриализацијата и урбанизацијата, производството на електрична и топлинска енергија, безумното уништување на шумите и присвојувањето на земја за земјоделски активности, користењето на превозни средства за потребите на се поголемиот број на жители, емисијата на стакленички гасови (предизвикани од согорувањето на фосилните горива – јагленот, нафтата и гасот) константно се зголемувала.
Во последните сто години, човештвото емитувало стакленички гасови во атмосферата побрзо отколку што природните процеси можеле да ги елиминираат.
Уште во далечната 1896 година, шведскиот хемичар Сванте Арениус го предвидел засилениот ефект на стаклена градина. Тој дошол до заклучок дека поради зголеменото количество на CO2 во атмосферата, ќе дојде до пораст на температурата на земјата. Неговите предвидувања биле игнорирани, бидејќи во тоа време никој не можел да наслути дека индустријата ќе се развива со толку брзо темпо и дека тоа ќе има огромно влијание на промената на климата на глобално ниво. Денес, токму тоа се случува.
Со цел да се докаже сомнежот на научниците дека основниот состав на атмосферата се менува, во недостаток на доволен број на аргументи, во втората половина од минатиот век биле спроведени долгорочни мерења на нивото на јаглерод диоксид – CO2 во атмосферата.
Од резултатите кои биле добиени со директни мерења, кои биле започнати во 1957 година, во услови на незагадена природа на планината Мауна Лоа на Хаваите, а подоцна и на други места, атмосферските хемичари дошле до заклучок дека составот на атмосферата значително се менува. Промената се однесувала на зголемените нивоа на јаглерод диоксид – CO2, метан – CH4, азот субоксид – N2O и хлорофлуорокарбонати CFC во атмосферата.
Не така одамна, количината на овие гасови во атмосферата го има достигнато својот максимум во однос на изминатите 420 илјади години. Со зголемувањето на концентрацијата на овие гасови во атмосферата, се акумулира се поголема топлина на замјината површина, предизвикувајќи затоплување кое за последица ги има климатските промени.
Неодамнешните климатски промени, веќе погодија многу природни физиолошки и биолошки системи. Во многу региони од светот евидентирано е топење на ледените маси, намалување на глечерите, задоцнето замрзнување или преурането топење на мразот во одредени реки и езера, исчезнување на некои растителни и животински видови, преурането цутење на дрвјата, појава на невообичаени видови на инсекти…
Промените предизвикани од се почестите суши или поплави имаат социоекономски карактер и често се проследени со демографски поместувања.
Климатските промени делуваат неповолно на системите кои се директно поврзани со егзистенцијата на човекот, како водените ресурси (вода за пиење), земјоделството, пошуменоста, крајбрежните појаси, индустријата, енергијата, здравјето…
Во осумдесеттите години од минатиот век, научните докази за глобалните климатски промени и последиците од нив, предизвикале зголемена загриженост меѓу научниците, политичарите и јавноста.Како резултат на таа загриженост, во Рио де Женеиро (во 1992 година), усвоена е Конвенција за климатските промени (UN Framework Convention on Climate Change – UNFCCC), во чија рамка се дефинирани низа обврски кои важат за сите земји, а се однесуваат на разработка и имплементација на политики за намалување на ефектот на стаклена градина.
Одзивот на развиените земји, кои патем се и најголемите производители на стакленички гасови, бил многу слаб. Во 1995 година во Берлин, презентиран е Берлинскиот мандат со кој е воспоставен преговарачки процес, со цел да се зајакне ангажманот на најразвиените земји за периодот по 2000 година.
Овој процес, во 1997 година конечно резултира со усвојување на Протоколот од Кјото (KP), со кој развиените земји правно се обврзуваат да ја намалат емисијата на штетни гасови за период од 2008 – 2012 година. Протоколот понатаму бил надграден и проширен.
Со неговата примена, би се спречил растот на нивото на јаглерод диоксид во атмосферата, а потоа би дошло и до негово намалување (на ниво какао пред индустриската револуција). Доследната примена на протоколот предвидува нормализирање на состојбата до 2050 година.
Повеќе од очигледно е дека глобалното затоплување на нашата планета е од загрижувачки размери со тенденција на понатамошно влошување на состојбата. Затоа, секоја современа и општествено одговорна држава треба да донесе и спроведе мерки кои ќе го ублажат и спречат глобалното затоплување, иако тие понатаму ќе имаат импликации врз економскиот развој и воопшто врз сите аспекти од секојдневното живеење.
Граѓаните низ процесот на едукација, исто така треба да дадат свој придонес во настојувањето да се амортизираат последиците од глобалното затоплување (помало користење на превозните средства, садење на нови дрвца, рационално користење на енергијата, собирање односно рециклирање на отпадоци, користење платнети торби наместо пластични кеси итн).
„ Чинењето на превенцијата е многу помало отколку последиците од влошувањето на климата“. – Јан Пронк
подготви: Наташа Малинка Миновска
Линкови:
https://en.wikipedia.org/wiki/Greenhouse_effect
https://prirodecuvar.weebly.com/opscaronte/efekat-staklene-baste
http://infogim.weebly.com/uploads/
https://vdocuments.pub/sta-je-efekat-staklene-baste-bulatovic-nedic-marjanovic.html
https://www.postposmo.com/bs/efekat-staklene-baste/
https://www.renovablesverdes.com/mk/causas-del-efecto-invernadero/
https://climatekids.nasa.gov/greenhouse-effect/